Гласот на Нова Година

17.02.2012 10:05
Гласот на Нова Година

За час, кога ќе започне Нова година, некој од вас можеби ќе го слушне нејзиниот глас. На крајот на краиштата, јануари е месец помалку или повеќе сличен на останатите. Па сепак, во очите на луѓето јануари е најважен; неговата важност се крие во почетокот, во првиот ден, во првиот час, во онаа прва минута.

Велат дека точно на полноќ, кога доаѓа новиот свет, Нова година прозборува со сопствениот глас; според тој глас може да се заклучи каква ќе биде годината што доаѓа. Меѓутоа, на полноќ започнува заглушувачка врева. Пукаат шишињата со шампањско, смеа, будалести повици и бакнежи, петарди по улиците. И за време на таква силна врева се губи тој таинствен глас.

За волја на вистината, има и такви кои не му се препуштаат на алкохолот; но и тие се будни кога настапува јануари, ако не поради исчекување на другиот, тогаш поради љубопитност. Можеби веќе се вовлекле во креветот и оттаму слушаат. Меѓутоа, нема да успеат да го слушнат гласот, затоа што насекаде, по куќите и улиците, сите останати слават.

Не, дури ни во болниците, ни во затворите, каде што обично на полноќ владее мрачна тишина, дури ни во ходниците и ќелиите осветлени со злокобни светилки, не се слуша гласот. Зашто, кога започнува Новата година, животот се обновува дури и таму, додека некои луди гласови низ честитки говорат еден кон друг низ решетките.

Само во мирните села во планините, на морињата и во пустините, може да се чуе гласот, и никаде на друго место. Но и таму на човек му е тешко да биде сам. На полноќ, на 31 декември, и скитникот ја бара својата сродна душа, во вистинскиот момент.

„Среќна Нова година“, си велат еден на друг и тој славен глас се губи. Кога ќе отчука полноќ, една година умира, а се раѓа друга.

Луѓето слават и одеци од смеа и врева достигнуваат дури и до најтажните и најскриените места, ширејќи надеж и веселба насекаде. Сите разменуваат честитки и никој не го слуша гласот кој не може да се осознае, глас кој е олицетворение на тајната на оној што нам ни ја подготвува иднината. Токму тука е скриена една длабока вистинска мудрост: подобро да не знаеме каква ќе ни биде иднината за да можеме да ѝ се препуштиме на надежта.

ОкоБоли главаВицФото