Уизам

17.02.2012 11:37
Уизам

Необичната драма на Бертолт Брехт „Сопирливиот подем на Артур Уи“, која неодамна успешно беше прикажана во халата Галус на Цанкаровиот дом (во копродукција со SNG Drama) со повеќе од десет претстави и секој пат пред достојно полна сала, сега е на пат за европската престолнина на културата, Марибор. Драмата е необична во својата доследна поучност – таа е вистински „КОЈ е КОЈ“ на нацистичка Германија и на Хитлеровиот подем, прецизна мапа на местата и случувањата, со клучеви, упатства, патокази. Судејќи по сè, човек добива впечаток за сценски досадна драма; со малку злоба би морале да го читаме основното известување, дека Брехт ја напишал додека чекал виза за Америка, за да ги поучи Американците што е тоа нацизам и зашто мора да се борат против него – како причина што драмата е така очајно провидна: за Американците да разберат. А Американците, според Брехтовото очекување, најдобро би можеле да разберат гангстерска тематика... Дали Брехт бил толку наивен да верува дека поголемото знаење и информираност ќе влијаат на американската политика, или бил уште понаивен, па верувал дека американскиот народ, ужаснат над нацизмот и леснотијата на неговото настанување, каде било (па и во Америка), ќе влијае врз своите политичари? За тоа недвосмислено зборува насловот на драмата. За денешното општо познавање на историјата и степенот на информираност најверојатно би било сосема разбирливо да оставите само третина од ликовите и драмата да ја прикажувате како мјузикл. Претставата, благодарение на ова замаглување на првобитниот облик на драмата и понатамошниот стремеж за поучување на денешната публика, всушност, ја повторува Брехтовата постапка. И колку е во тоа поучна?

Имено, драмата на Брехт функционира на ист начин како и Аристофановата комедија: заплетот е толку бесмислен и фантастичен (победа на еден лик, најпростачки, најрасипан, над бандите на продавачи на карфиол и конечно над целиот корумпиран систем), што публиката веднаш влегува во непосредни асоцијации и паралели, без никаков проблем со „уверливоста“ на заплетот: не постои ништо подобро за политичка комедија. Парадоксално, политичката реалност подобро се поврзува со фантастиката. На пример, истата година кога Брехт ја напишал драмата, Чарли Чаплин го сними „Големиот Диктатор“, во кој ги исмева нацистите, а посебно Хинкел. Постапката е слична на онаа на Брехт – ликовите носат имиња кои веднаш се препознаваат како акроними на реалните имиња – Аденоид Хинкел (Адолф Хитлер), Бензино Напалони (Бенито Мусолини); кукастиот крст е заменет со двоен крст: „double-cross“ на англиски значи измама. Но филмот има некои елементи на мелодрама – љубовта на сиромашниот бербер, двојникот на Хинкел со Еврејката Хана, некаков среќно-утешителен крај. Самиот Чаплин подоцна изјавил дека не би направил таков филм доколку ги познавал деталите за масовните убиства по концентрационите логори и за други нацистички злостори. Бертолт Брехт го знаел тоа, и затоа неговата комедија се занимава само со првата фаза на заземање на власта од страна на нацистите, само со создавањето основа – психоза и материјални услови – за геноцид. Дека „реалноста“ во овој случај може да биде очајно наивна, сведочи и последниот филм во кој се исмеваат Хитлер и нацистите, пред прекинот од неколку децении: тоа е филмот на Ернест Лубич „Да се биде или не“, а блиску до него е и „Казабланка“ на Мајкл Кертис, и двата од 1942. Приликите во Европа, посебно во окупираната Полска, се прикажуваат без никакви врски со реалните случувања. Така Брехт, сепак, останува како употреблива порака, емитувана од културата.

Секое вакво емитување, поради премолченото табу кое отприлика од 1943 година ги запре комичните жанрови кога станува збор за нацистичкиот геноцид, веднаш предизвикува немир кај можните компаративни феномени, односно кај нивните носители – па не се тие, белки, такви злосторници! Во словенечкиот пример, да речеме, минорниот, но необично злобен десничарски пратеник Бранко Гримс, весникот Младина пред неколку години го спореди со Гебелс, затоа што на медиумите постојано ги изложуваше своите деца: сета злоба со која тој ги опсипуваше своите политички противници сега исчезна во неговата плачна нажаленост, кон која се придружија и добар дел од медиумите – па тој не убивал луѓе! Во случајов е важно она што беше важно и за Брехт: политичката превенција. Превенцијата има некаква исечкана историја во исто толку исечканата историја на посредната демократија. На самиот почеток, во атинската античка демократија, постоел цел „пакет“ превентивни мерки – да речеме, остракизам, отстранување на оној граѓанин за кој поглемиот дел мислат дека е опасен по демократијата. Непосредната атинска демократија стравувала од граѓанска војна, од завера на благородниците, од политичката пасивност на поединецот, од претераната живост на филозофите, од сексуалната неурамнотеженост меѓу граѓаните... Граѓаните секогаш морале да бидат внимателни, зашто демократијата била непрекинато изложена на недемократски промени. Терминот уизам затоа може да се употреби за алузивен опис на постапките, за карактерите кои се снаоѓаат во тие постапки, со други зборови, како политичка превенција: граѓаните не смеат да дозволат да се случи она што по својата веројатност и историско искуство може да се случи, и покрај загрозувањето на можните кандидати како причинители на неволји. Тоа отсекогаш е основна функција на граѓанската свест.

Ако се обидеме да ги уредиме поуките кои ни ги дава Брехт, и кои имаат тежина на историска анализа, тогаш произлегува дека првата постапка е дрска лага – колку поголема, толку подрска. Првобитната лага може да произлезе од незнаење, но може да биде и внимателно смислена: за нејзино ширење се клучни медиумите, кои обично се прва жртва на системските промени. Можете да се стресете од помислата како би се одвивале работите доколку Хитлер имал и телевизија. Кога лагата ќе застане во некој теснец, да речеме во бирократски теснец, ако не и пред барикадите на граѓанската свест, тогаш напомош доаѓа грубата сила, отстранувањето на законите, луѓето и институциите. И секако, конечното средство е комбинација на забрана и заборав. А во сето тоа најважно е колку брзо и ефикасно ќе успее заплашувањето на граѓаните.

Поради сето тоа, кандидатите за министри не смеат да се бунат што не се опсипани со симпатии за крајно необичните мерки и изјави пред да им е „дадена шанса“ нешто да направат. Повторно словенечки пример, неочекуваниот супер-министер за култура, наука, образование и спорт, беше исвиркан и навреден при доаѓањето на државната прослава на денот на културата (8 февруари, денот на смртта на Прешерн), но тој воопшто не разбра дека пораката е едноставна: тој не треба да добие шанса. Несфаќањето се покажа во соголен облик при неговото претставување на новото министерство, кое сега кружи по Интернет: тука се срцето и мозокот, машката наука и женската култура, емпатијата и многу други тешко сварливи состојки од понудената кармакаша.

Критериумите за министри се катастрофално намалени: настрана радоста на сите оние кои не се родени во Словенија, и кои сега можат да се кандидираат за министри за надворешни работи, бидејќи новопечениот министер изјави дека неговата подготвеност е во тоа што тој е роден во странство...

Барем што се однесува до културата, засега функционира некаков штит на индигнацијата. Колку долго, колку масовно, колку успешно може да делува тој штит во еклатантниот напад врз минимумот на „светото“ во културата, писменоста и знаењето, останува да се види. Брехт сугерира претпазливост и отсуство на секаков оптимизам. За возврат, единственото вистинско зачувување на разумот на културата и на другите институции на демократското уредување, такво какво што е, лежи во превентивното спречување да се изведе нешто што со многу добри аргументи и историско искуство и лична неуверливост, ветува лоши резултати. Подобро да се спречи, отколку да се лечи, гласи излитената медицинска фраза, која пред сè ја брани шкртоста на здравството. Само што дури министерството за здравство не ветува многу, дури ни една толку евтина политика...

Брехтовата драма не е играна за време на неговиот живот. Напишана за американска публика, почесто е поставувана на сцена во Германија и во Америка дури во последните години на минатиот век и првите години на новиот век. Поставувањето на драмата во Љубљана се поклопи со кражбата на изборната победа, со лагите и инстантната одмазничка политика на десницата која се дограба до власта. Публиката даде јасен одговор: да, тоа е навистина непосредна алузија на актуелните случувања.

Најголемата Брехтова грешка, а и грешка на оние кои денес го читаат премногу оптимистички, е префрлувањето на одговорноста за отпор на масата, на народот. После целиот (изминат) век на воспитување на народот за потполна послушност спрема навидум спротиставените тоталитаризми и спрема шарениот, но не и безопасен тоталитаризам на капитализмот, да всадиш бунт како граѓанско однесување е тешка и долга задача, која може само да се расипе со површно препишување на вина. Затоа полека, полека, учители, проверете што сè не сте прочитале...

Извор: pescanik.net

Слики: Макс Гинзбург

ОкоБоли главаВицФото