Лага и пара лага

20.02.2012 10:17
Франц Јозеф Гал

Уште како дете – роден е во Баден, во Германија, на 9 март 1758 година – Гал увидел дека некои работи во природата течат напоредно. Забележал, на пример, дека сите негови другари кои се успешни во пронаоѓањето птичји гнезда имаат слични и необични веѓи, а дека најпаметните деца во класот имаат многу истакнати очи. Вакви и слични запазувања го навеле младиот Франц Јозеф Гал да помисли дека обликот на главата кај човекот може да каже многу за неговите внатрешни особини.

Ваквото откритие го воодушевило Гал и тој го поминал животот обидувајќи се да открие за што служи нашиот мозок, а особено каква улога имаат неговите различни делови. Неговото образование започнало со студии по медицина во Стразбур. Младиот лекар навистина верувал дека неговата работа засекогаш ќе го промени светот и дека кога ќе докаже дека врз основа на испапченоста и вдлабеноста на черепот ќе може да се процени човековата личност, ваквото сознание ќе го просветли и промени сфаќањето на секој лекар, судија, учител, па дури и на сосема обичниот човек.

27 особини

Еден добар пријател на Гал работел како лекар во душевна болница. Благодарејќи на тоа, Гал имал можност да ги набљудува пациентите во болницата и да бележи каков им е обликот на главата, но и какви облици на нарушено однесување покажуваат. Многу време поминал и по судниците и затворите, забележувајќи каков облик на глава имаат криминалците. И не само тоа; кога и да забележал дека некој музичар, математичар, говорник, но и лаком, глупав или надарен човек, има некоја необична или многу изразена особина на лицето или главата, тој внимателно го забележувал податокот.

Гал сметал дека личноста на човекот може да ја опишеме со 27 особини и дека за секоја особина е одговорен посебен дел од мозокот. Претпоставил, сосема разумно, дека деловите на мозокот би требало да се зајакнуваат и растат ако ги вежбаме, исто како и мускулите. Кога некој особина е изразена, таа е следена и од особено развиен дел од мозокот задолжен за неа. Гал сметал дека коските на черепот се цврсто припиени за мозокот, па затоа испапченостите и вдлабеностите на черепот ни говорат кои делови од мозокот се најразвиени, а со самото тоа и кои особини на личноста се својствени за некој човек. Листата од 27 особини ја дополнувале неговите ученици и следбеници, но еве пример за некои од нив кои се наоѓаат во сите познати класификации: ароганција, чувство за простор, дарба за музика, инстинкт на убиец, поетска дарба, меморија за зборови, храброст, славољубие, чувство за бои, религиозност, склоност кон крадење, претпазливост, жед за знаење, родољубие и многу други. Една од опишаните особини е сексуалноста (или репродуктивниот инстинкт) која се наоѓа во областа на малиот мозок, т.е. на тилот. Кај Гал овој дел на черепот бил многу развиен. Меѓутоа, по неговата смрт, на обдукцијата се покажало дека научникот имал тумор на малиот мозок, токму во онаа област за која верувал дека е поврзана со сексуалноста.

Постојат неколку начини и различни постапки со кои може да се изврши френолошка проценка, почнувајќи од набљудување и допирање, преку користење метар и цефалометар, до некои многу интересни френолошки машини. Френолошката машина (или психограф) настанала од потребата за што е можно поточна мерка и автоматизација на постапките на дијагностика. Пациентот седел на стол, а на главата му бил поставуван шлем во чија внатрешност се наоѓале посебни стапчиња, чувствителни на допир. Врвовите на стапчињата биле направени така што, потпирајќи се врз површината на главата, ја мереле нејзината испапченост по што сите податоци се преведувале во низа од команди на печатачот кој на располагање имал 160 различни изјави. Така како резултат се добивал испечатен извештај за личноста на пациентот. Ова е добар пример како технологијата некогаш може да ни ги затвори очите и да ги прикрие недостатоците на една во суштина погрешна постапка, сложена и прецизно измерена, да – но што е измерено?

Допадлива френологија

Сепак, откритијата на овој германски лекар засекогаш ја променија науката за човековата природа. Гал е првиот кој претпоставил дека луѓето мислат со својата глава, а не со срцето, т.е. дека мозокот е органот кој мисли. Понатаму, тој е првиот кој се досетил дека различните делови од мозокот се задолжени за различни работи. Со ова би се сложиле и современите невро-научници, но за тогашната јавност ваквите тврдења биле неприфатливи. Општеството од крајот на 18-от и почетокот на 19-от век сè уште верувало во Аристотеловата претпоставка дека срцето е средиштето на интелегенцијата, а Гал наизменично го прогласувало за атеист, фаталист, материјалист и поткопувач на верата. Сепак, замислата дека површината на главата е верна копија на површината на самиот мозок и дека врз основа на нерамнините на черепот може да се донесе заклучок за особините на човекот им се допаднала на многу луѓе. Дури и Наполеон на почетокот се интересирал за оваа нова наука, за френологијата. Френологијата била допадлива, па книгите за неа ги читале и лекарите и научниците, а ништо помалку и обичните луѓе кои сакале да ги запознаат своите и туѓите, дотогаш непознати, доблести и мани. Френологијата се ширела брзо, па така никнувале самопрогласени доктори кои врз основа на една или неколку прочитани книги за френологија ги советувале луѓето за најразлични работи: од тоа како да изберат брачен сопатник до тоа која е исправната работна одлука. И така, оваа на почетокот научна дисциплина сè повеќе личела на тарот, читање на дланка или гледање на грав. Во тие денови не било необично да сретнете „френолог“ и на улица, каде со мапите на Гал нудел услуги на минувачите. Френологијата од наука станала исплатлива професија.

Денес френологијата се смета за голема заблуда на голем научник. Иако Гал добро претчувствувал дека различните делови на мозокот имаат различна улога – она што денес научниците го викаат церебрална локализација – сепак, не постојат посебни делови одговорни за родољубие, надеж или мајчински инстинкт, како што тогаш верувала френологијата. Нашиот мозок развил посебни области за движење, за обработка на податоци кои доаѓаат до нас преку различните сетила, за планирање, за говор и многу други, но не и за паметење на местата на птичјите гнезда. Она што творецот на френологијата не го знаел, а што денес е добро познато, е дека мозокот никако не е толку цврст за да можат неговите нерамнини да се отсликуваат на коските од черепот. Живиот мозок е мек, а дури откако ќе го ставиме во формалин, добива цврстина. Доколку ова било познато кон крајот на 18-от век, веројатно денеска не би ни читале за френологијата – затоа што не би ни постоела. За наша среќа, Гал погрешил кога претпоставил дека со вежбање растат деловите на мозокот, слично како мускулите, и дека тоа прави израстоци на нашиот череп. Среќа, затоа што, кога би било така, стекнувањето диплома на факултет би значело и стекнување на неколку фини џумки на главата.

Интересно е колку било лесно да се поверува во бесмислица, а колку тешко да се прифати вистината. Можеби затоа што вистината не била доволно интересна и затоа што било полесно да се верува дека размислуваме и чувствуваме со срцето. Но, да се верува во магична врска, во можноста некој да ве прочита само со неколку погледи или за само неколку минути да ви открие нешто за кое не сте биле свесни целиот свој живот, е тоа било веќе далеку подопадливо.

Извор: Политикин забавник

ОкоБоли главаВицФото