1032 hPa
93 %
0 °C
Скопје - Пет, 08.11.2024 02:59
Однесувањето на членките на ЕУ кон Грција не може да се објасни со принципите со кои се дефинира Унијата. Пред и над сè, е изневерен принципот на солидарност.
„Програмата за штедење“, како што тоа го нарекуваат средствата за информирање, на Грција ѝ наметнува услови кои ниеден народ не може да ги прифати: уште сега училиштата немаат доволно учебници, а во 2010 г. буџетските трошоци за здравствена заштита се скратени за 40%. „Партнерите“ на Грција во ЕУ бараат кратење на минималната плата за 32% за вработените под 25 годишна возраст, и 22% за постарите од 25 години – иако минималната плата уште сега изнесува околу 500 евра месечно, далеку под животниот минимум во економијата на Грција. Стапката на невработеност за граѓаните на возраст меѓу 15 и 24 години изнесуваше 43,1% во април 2010, и оттогаш сигурно пораснала значајно. Општата невработеност порасна над 20%, а најавеното отпуштање на вработените во јавниот сектор само ќе ја зголеми оваа бројка.
Згора на сè, „пакетот“ наметнува кратење на пензиите и исплатите за јавни услуги, потоа бара масовна приватизација на државниот имот – практично, распродажба за беспари, бидејќи глобалниот пазар е на дното – и намалување на јавните услуги, вклучувајќи го здравството, социјалните програми и образованието. Целиот систем на дисциплинирање и казнување ќе го надгледуваат луѓе кои не се од Грција.
ЕУ се извлекува од Грција
Кога со леснотија го користиме зборот „спас“, важно е да потсетиме дека не станува збор за спасување на грчкиот народ, бидејќи тој наводен спас нема да зачува ниеден грчки живот. Станува збор за спротивното: она што ќе биде „спасено“ е глобалниот финансиски систем, банките, инвестициските и пензиските фондови на другите членки на ЕУ, додека од народот на Грција се бара да ги плати трошоците за „спас“ – во пари, во време, физичко страдање, безнадежност и пропуштени образовни шанси. Релативно неутралниот, па дури и стоички термин „штедење“ не претставува никакво штедење туку бесрамна навреда на грчкиот народ.
Мораме да сфатиме дека стратегијата на „штедење“ е чиста бесмислица. Секој интелигентен набљудувач се согласува дека со кратења не се предизвикува раст на економијата. Највисоката стапка на раст во ЕУ моментално ја има Полска, во која економијата ја придвижуваат масивните инвестиции, додека БДП опаѓа или едвај има раст во земјите во кои се „штеди“, вклучувајќи ја и Британија.
Во суштина, кризата ја предизвикува отсуството на солидарост меѓу членките на Унијата пред нападот на финансискиот пазар. На прв поглед, битката изгледа многу едноставно: во едниот агол е националната држава чија смисла на постоење е благодетта на нејзините граѓани, додека во другиот е глобалниот капитализам претставен преку финансискиот пазар, чија смисла на постоење е богатењето на незначително малцинство. Меѓутоа, националната држава во голема мера се идентификуваше со токму тој финансиски пазар, бидејќи прифати да се гледа себе си како економија наместо како општество. Во последно време сме заведени од верувањето дека само и единствено пазарот може да обезбеди сè што им е потребно на граѓаните, и тоа многу поефикасно од структурите на кои обично се потпираат граѓаните и кои сами ги изградија низ генерациите како заштита од одмаздата на пазарот.
Триумф на капитализмот: го убеди светот дека капитализмот е светот
Тоа доведе до поништување на резултатот од двестегодишната борба меѓу обичните луѓе и супер-богатите. Синдикатите не се појавија преку ноќ, тие беа одговор на експлоатацијата, а нивниот пораз повторно доведе до непостојана, па дури и неплатена работа. На своето работно место работниците не се заштитени од капиталистите туку од законите освоени во борбата против капиталистите. Работното место со ропски услови за работа не е директен напад само врз правата на работниците во Кина, туку и врз правата на работниците во Британија. Социјалистичкиот интернационализам и солидарност се иницирани како средство за спречување на глобалната измама на работништвото, па старите луѓе повеќе не умираат по улици – не благодарение на нечие милосрдие туку зашто двесте години борба резултираа со сигурна пензија и здравствено осигурување на старите лица. Приватизацијата на тие сервиси претставува враќање во 19-от век, благодарение на нашиот заборав дека ниедно од овие јавни добра не би било освоено ако нашите претходници се идентификуваа со богаташите од 1812 г. Денес, кога се доведовме до такво поистоветување, се соочуваме со опасноста повторно да изгубиме сè што сме стекнале.
Сега го гледаме триумфот на капитализмот. Грчката полиција го тепа грчкиот народ за да ја наметне волјата на банките и инвестициските фондови. Земјите-членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Ирска, служат како посредници, квислинзи на капиталот, а ние – наместо да пружиме рака на солидарност – се водиме од слоганот „подобро тие отколку ние“, небаре глобалниот пазар ќе ја поштеди Ирска кога еднаш веќе ќе ја разори Грција. Солидарноста не е само сочувствување со другите човечки суштества, солидарноста е и за сопствената материјална корист. Затоа: сите за еден, еден за сите. Заедно ќе опстоиме, или ќе пропаднеме. Силата е во единството.
Наместо тоа, ние решивме да му го жртвуваме на пазарот народот на Грција, надевајќи се дека нашата жртва ќе ги смири боговите на шпекулациите. Ги осудуваме Грците на мизерија и сиромаштија за да ги тргнеме Standard and Poor's од наш грб, но сметката ни е погрешна. Како прво, комунистичката левица на Грција моментално има поддршка од 42% во анкетите, а ПАСОК само 8%. ПАСОК ќе исчезне, а наредните избори ќе ги освои комбинацијата од партии од левото крило кои нема да свиткаат кичма и да стават глава под сабја за нашите интереси.
Сега ми се чини дека Грција ќе се повлече од еврозоната и ќе ја објави својата неспособност за враќање на долговите, т.е. default, како што тоа се нарекува во финансиското работење. (Напомена: default е одбивање на исплата на долговите поради тоа што должникот повеќе не може да ги исплаќа или зашто, едноставно, не сака да ги исплаќа.) Којзнае што би се случило во тој случај, но тешко може да биде полошо од она што веќе се бара од Грција, и барем би било по сопствен избор. Во тој случај шпекулантите би имале малку време за да одмерат која ќе биде нивната следна економија за напад, па во тој миг властите во Ирска сигурно ќе зажалат што ѝ ја ускратиле својата солидарност на Грција. Што и да се случи, нашето однесување и однесувањето на нашите европски сограѓани е срамно.
Извор: criticallegalthinking.com, The Guardian
Живееле на туѓ грб 10-20
Испратено на 22 февруари 2012 од Ганчо АнонименовЖивееле на туѓ грб 10-20 години сега ќе платат нема милост!!!
Дифолт нека не се лажат уште е погадна работа. Дифолт значи збогување со кредити за подолг период. Е тогаш самите ќе мораат да кратат од својата социјалистича фантазија. Сами ќе си бидат џелати. Грците треба да се среќни со тројката да ја немаа уште ќе беше погадно. Кој ги тераше да градат социјалистички палати во облаци. Капитализмот не го трпи тоа и праведно казнува.