Влади на гилотина

21.02.2012 14:18
Влади на гилотина

Во последните три години многу политички гарнитури се одвеани од сцената. Причини: економската и должничката криза, порастот на социјална напнатност, битката зад сцената помеѓу центрите на финансиската и политичката моќ, порастот на корупцијата, преиспитувањата на карактерот на современиот капитализам, споровите за карактерот на ЕУ. Списанието Foreigh policy направи листа од дванаесет политичари во ЕУ кои ја изгубија власта во екот на економската криза.

„Паднати ангели“, меѓутоа, има многу повеќе. Некои на редовни, а некои на вондредни избори, владите се сменија во стабилната Данска и евро-федералистичката Британија, потоа во кризните Италија, Грција, Шпанија, Португалија, Ирска, Исланд. Потоа периферните Летонија, Унгарија, Украина, Словачка, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, па, мината недела, и соседна Романија.

Во овој преглед на паднати влади не се вбројуваат револуционерните промени на Блискиот Исток кои збришаа цели режими. Во поредокот кој трае со децении, падот на владите, меѓутоа, и не претставува некакво олеснување. Во Тунис, навистина, оставката на владата во февруари 2011 ги намали конфронтациите, но во Египет смената на кабинетот очигледно не го намали јавниот бес против воениот режим...

Причини: Питер Ридел, директорот на институтот за проучување на влади, пишува за широко распространетото разочарување од политичката класа, растечкото незадоволство на сè поголемиот број млади и невработени луѓе и за ерозијата на нивните аспирации. Во некои европски земји со зајакнувањето на влијанието на десните партии, се кршеа копјата околу карактерот и насоката на Европската Унија и околку имиграционите политики. Меѓутоа, Financial Times пишува дека во Данска, Шведска и Финска – кои исто така се соочуваат со можна рецесија во 2012 – тоа автоматски не значи јакнење на антимиграционите десни парти. Злосторството на Андрес Брејвик во Норвешка во тој случај беше еден вид отрезнувачки шок.

Банкарите се покажаа помоќни од политичарите – и покрај критиките за банкарската лакомост, сепак се променија повеќе влади отколку директори на банки; а и за претседатели на владите, без оглед на волјата на граѓаните, се поставија банкари или лица поврзани со нив – како Марио Монти во Италија, Лукас Пападимос во Грција и министерот за финансии Луис де Гиндос во Шпанија.

Гласачите главно истакнуваа левичарски барања, а често гласаа за десни, одошто за леви влади...

Паралелно со социјалните и економските напнатости изгледа дека е актуелизирана и максимата на Вилијам Брант, германски социјалдемократски канцелар (1969-1974): „Демократијата не е дело на ефикасноста, туку повеќе на моралот“.

Кипар – другата сенка на грчката криза

Кипарската влада поднесе оставка на 4 август 2011, после вестите дека бонитетот на кипарските државни обврзници е намален и затоа што избија протести. Како и во Ирска, главниот проблем се кипарските банки, кои наводно поседуваат грчки државни обврзници во вредност од 20 милијарди евра, па така може да бидат загрозени со репрограмирање на грчките долгови. Наводно во игра се неколку милијарди евра, што за земја чиј буџет изнесува 17 милијарди евра може да биде преголем товар. Оставката на владата можеби ја забрза експлозијата на муниција во складиштето на поморската воена база на Кипар, на 11 јули 2011 г., каде што загинаа 13 лица, а оштетена беше и најважната електрана на земјата и еден уред за десалинизација.

Ирска – поразената Фиона Фојл

Премиерот на Ирска, Брајан Ковен даде оставка од премиерската фотелја на 9 март 2011, поради малата поддршка, а партијата Фиона Фојл, која владеше со Ирска 60 години, за време на 80-годишната ирска независност, убедливо е поразена на изборите. Владата на премиерката Една Кени воведе мерки за штедење како услов за прифаќање на пакетот од 113 милијарди долари (ЕУ/ММФ) во 2010, со најава дека ирскиот стопански раст ќе биде како во Франција и Германија. Ирската економија, судејќи по проекциите, би требало да порасне за 1,3 проценти во 2012, далеку под владините предвидувања. Стапката на небработеност е 14 проценти, а не е поголема затоа што голем број млади Ирци наоѓаат работа во странство.

Португалија – четврти круг

Премиерот на Португалија, Хосе Сократес, поради должничките кризи налик на оние во Грција и Ирска, поденесе оставка на 21 јуни 2011, после одбивањето на петте опозициски партии да ја подржат неговата програма за мерки на штедење што, пак, беше четврти круг на скратување на буџетот во текот на истата година и услов Португалија да добие 111 милјарди долари во облик на пакет за спасување, кој го гарантираше ЕУ/ММФ. Португалија е во длабока рецесија, се предвидува дека економијата ќе опадне за три проценти, невработеноста опфаќа 13,6 проценти од населението. Висината на долгот е 105 проценти од БДП.

Унгарија – Орбановата контра

Премиерот на Унгарија, Ференс Гурсани, единствен посткомунистички премиер кој освои два мандата, на 14 април 2009 поднесе оставка поради тоа што избија демонстрации кога во јавноста искружи снимка на која се покажува дека лажел за состојбата на државните финансии со цел повторно да биде избран. Се нарече себе си пречка во напорите на земјата да заздрави од економската криза, која ја окарактеризираа невработеноста, падот на вербата во бизнисмените и преговорите за неопходна помош од ЕУ и ММФ. Неговиот наследник, десничарот Виктор Орбан, ја спречува слободата на печатот и го менува уставот, што предизвикува загриженост во ЕУ.

Хрватска – поразот на ХДЗ

Во Хрватаска, во моментот кога стана членка на ЕУ, на изборите на 4 декември 2011 победи левата Кукурику коалиција (премиер е Зоран Милановиќ од левичарската Социјалдемократска партија), а Хрватската Демократска Заедница, и покрај напредокот во процесот за приклучување кон ЕУ, оствари најлош резултат во својата историја...

Падот на ХДЗ можеше да се предвиди после ненадејната оставка на хрватскиот премиер Иво Санадер, на 1 јули 2009. Санадер два пати е избран за премиер на Хрватска – првпат на 23 декември 2003 година, а вторпат на 12 јануари 2008 година. По оставката избега во Австрија, а по многу перипетии предаден ѝ е на Хрватска, каде му се суди за корупција.

Италија – без Берлускони

Трикратниот примиер на Италија, Силвио Берлускони, после низата скандали кои ги преживеа, поднесе оставка на 16 номеври 2011, по распадот на владејачката коалиција поради економските реформи наметнати од Брисел. Претседателот Џорџо Наполитано мандатот му го довери на економистот и банкар, и поранешниот европски комесар, Марио Монти. По преземањето на власта тој воведе остри мерки на штедење и ги зголеми даноците. Европејците реагираа позитивно, но набљудувачите се прашуваат дали бриселската толеранција може да трае долго, со оглед на фактот дека и овој поранешен еврократ често ја критикува Германија, нарекувајќи ја „предводник на глобалната нетолеранција“

Босна и Херцеговина – втора уставна криза

Босна и Херцеговина доби заедничка влада, која се бира по национален и ентитетски клуч, затоа што, четиринаесет и пол месеци пред изборите, лидерите на водечките партии во БиХ, СНСД, СДС, СДП, СДА, двете ХДЗ, на 28 декември постигнаа договор за формирање на Совет на министри на БиХ, што во февруари беше потврдено во парламентот на БИХ.

Романија – немири

Прмиерот на Романија Емил Бок, кој на власт дојде во 2008, поднесе оставка на 6 февруари 2012, како што изјави, за да ги „развее социјалните и политички тензии по големите улични протести, предизвикани од намалувањето на платите во јавниот сектор за 25 проценти и зголемувањето на данокот, што беше услов за кредит од ММФ. Романија е втора на листата на сиромаштија во ЕУ, а се очекува дека растот на стопанството ќе расте за 1,5 до 2 проценти, но тоа е недоволно за да се стигне нивото пред кризата. Емил Бок, претседател на либералната партија, чиј член е и претседателот Трајан Басеску, на власт е од декември 2008.

Шпанија – најлоша рецесија во 60 години

Премиерот на Шпанија, Хосе Луис Запатеро, поднесе оставка на 21 декември 2011 поради најлошата рецесија во Шпанија во последниве 60 години, со стапка на невработеност од 22,8 проценти и буџетски дефицит од 8 проценти од БДП. После тоа Социјалистичката партија доживеа најголем пораз од враќањето на демократијата во Шпанија.

Власта ја освои конзервативниот лидер Маријано Рахој, чија влада предложи план за штедење тежок 20 милјарди долари. За министер за финансии поставен е Луис де Гиндоса, поранешен директор на пропаднатата американска банка Lehman Brothers, т.е. нејзината филијала за Шпанија и Португалија.

Белгија – светски рекорд на преодната влада

Во Белгија, која има комплициран систем на функционирање на владата, парламентарните избори од 13 јуни 2010 покажаа дека во Фландрија најсилна е Новата Фламанска алијанса, а во Валонија Социјалистичката партија, додека поради уставните и јазичните спорови преговорите се одлагаа до 30 март 2011, за новиот премиер Елио ди Рупо да положи заклетва дури во декември 2011, што е веројатно светски рекорд во траење на една техничка преодна влада.

Украина – „портокаловите“ во неволја

И кадифената револуција од 1990-та ги јаде своите деца. Претседателот на Украина, Виктор Јушченко, кој дојде на власт на 28 јануари 2005 година преку „портокаловата револуција“, на изборите во 2010 година беше петти со 5,5 проценти од гласовите. Неговиот партнер во револуцијата, Јулија Тимошенко, претседател на партијата „Татковина“ и „Блокот на Јулија Тимошенко“, стигна до затвор – осудена е на седум години поради малверзации во случајот со трговијата со природен гас. Инаку, пред доаѓањето на власт, Јулија го обвинуваше поранешниот украински претседател Леонид Кучма за корупција. Економска состојба: забавување на растот, невработеност, пораст на бројот на бездомниците. Власта ја освои неговиот соперник Виктор Јанукович, кого на запад го критикуваат поради судењето на Јулија Тимошенко, спречување на слободата на печатот и попречување на кабелската мрежа на НВО. Претседателот на Европскиот совет Херман Ван Ромпуј во декмври изјави дека потпишувањето и ратификацијата на спогодбата за зона на слободна трговија со Украина зависи од „политичките околности“. Во корист на Јулија Тимошенко интервенира и американската државна секретарка Хилари Клинтон, за време на средбата со украинскиот премиер Јанукович во Давос во јануари 2012.

Исланд – презадолженост

Претседателот на Исланд Геир Хардем, кој беше на функцијата од 2006 година, ја изгуби власта на 1 февруари 2009, по неколкунеделните протести предизвикани од крахот на презадолжениот исландски банкарски ситем и намалувањето на БДП за 9,6 проценти во 2009.

Данска – враќање на левицата

На изборите во Данска на 15 септември 2011 социјалдемократите, кои ги предводеше Хеле Трониг Шмит, ја победија коалицијата на десницата и центарот „Венстре“. Социјално-либералната партија и Социјалистичката народна партија станаа дел од тројната владина коалиција во Данска, која инаку има најмала разлика во приходите на населението, најголема минимлна плата, чија стапка на невработеност е 7,4 проценти, под европското ниво од 9,6 проценти судејќи по податоците на ММФ. Според извештајот поднесен на Светскиот економски форум во Давос 2008, данската економија спаѓа во најонкурентните во светот, а соред OECD, Данска го имала најслободниот пазар во еврозоната – и покрај силните елементи на „државна благосостојба“ и даночно оптоварување кое во 2011 достигна ниво од 46 проценти.

Грција – закана од банкрот

Премиерот на Грција Јоргос Папандреу со доаѓањето на власт во 2009 ветуваше дека ќе спроведи реформи и ќе ја исчисти земјата од корупцискиот скандал, но по две години одбележани со болни мерки на штедење, најсилни демонстрации и понижувачки спасоносни заеми, Папандреу најави референдум за мерките на штедење што, пак, ги разбесна европските кредитори. Поднесе оставка на 10 ноември 2011, после очигледниот притисок на европските политичари. Го наследи Лукас Пападемос, поранешен функионер на Европската централна банка, кој е поддржан од Брисел. Грција сепак го прифати контраверзниот пакет за намалување на платите за 22 проценти, што е услов за пакет со помош тежок 130 милјарди евра. Јавното мислење е непријателско расположено, демонстрациите и судирите продолжуваат, додека бриселските фактори порачуваат дека не им е доволно само грчкото ветување „дека ќе испратат пари“.

Словачка – „не“ за ЕУ пакетот

Премиерката на Словачка, Ивет Радичова, првата жена на премиерското место во таа земја, ја изгуби довербата на парламентот на 11 октомври 2011, по што словачките пратеници одбија да го поддржат словачкиот придонес од 4,5 милијарди евра во европскиот Фонд за стабилност, што во Брисел го доживеаја како загрозување на антикризниот пакет. Премиерката Ивета Радичова се закани дека ќе поднесе оставка доколку овој предлог не го добие мнозинството од гласовите. Не го доби – недостигаа 21 глас. Сепак, парламентот два дена подоцна го поддржа пакетот под тежок притисок на ЕУ, но Ивета Радичова веќе имаше поднесено оставка. Изборите се закажани за март 2012, но без Радичова која припаѓа на конзервативната Словенско-демократска и христијанска унија – Демократската партија. Некои индиции говорат дека сега најпопуларна е левичарската партија Социјална демократија СМЕР, која ја води Роберт Фичо, претходниот словачки премиер, познат по изјавата дека „не ја забележал кадифената револуција“ во Чехословачка, затоа што бил зафатен со работа во тогашното министерство за правда, а дека не го забележал ни прогресот после неа...

Британија – пораз на лабуристите

Премиерот на Британија, Гордон Браун, кој дојде на власт после десетгодишното владеење на Тони Блер, на Даунинг Стрит се всели 2007, а поради кредитната криза и поради невработеноста која се удвои, ја изгуби власта на 11 мај 2010, додека неговите лабуристи изгубија 91 место во праламентот. Ториевецот Дејвид Камерон формираше влада со лидерот на либерал-демократите Ник Клег. Додека британската економија запаѓаше во криза, новиот премиер беше принуден да усвои остри мерки на штедење, да влегува во конфлинкт со Европејците за да спречи оданочување на трансакцијата во Лондон, затоа што од националната банка на Англија се очекува да впумпа милјарди фунти во стопанството за да ја поддржи владиниот програм. Во Лондон избија тешки нереди кои владата на Камерон ги прикажа како хулиганство.

Летонија – европската Аргентина

Премиерот на Летонија, Иварс Годманис, на 12 март 2009, една година откако го освои мандатот, поднесе оставка поради протестите на улците, големата невработеност (50 проценти), намалувањето на БДП за 10,5 проценти во 2008 и намалувањето на платите за 19 проценти, затоа што ММФ ја принуди владата да ги намали трошоците за 15 проценти. Го наследи министерот за финансии Владис Домбровски. Во април 2010 Летонија имаше наголема стапка на невработеност во ЕУ, 22,5 проценти – тогаш поголема и од онаа на Шпанија. Опишувајќи ја кризата во која западнаа перифрените земји на ЕУ, Пол Кругман во „Њујорк тајмс“ напиша дека Летонија е европската Аргентина.

Франција – губи ли Меркози

Некои велат дека за промена на владата треба да се подготви и Франција, во која се случуваат жестоки социјални конфликти, и чијшто претседател Никола Саркози солидно заостанува зад социјалистичкиот кандидат Франсоа Оланд, а францускот Сенат после повеќе од 50 години го презедоа социјалистите. Германската канцеларка Ангела Меркел порача дека планира да се појави во француската изборна кампања напролет во корист на Саркози, поради претпоставките дека Оланд ќе биде тежок партнер и дека ќе сака повторно да преговара за одлуките донесени во Брисел за мерките за зајакнување на еврото. Франсоа Оланд, пак, на конгресот на германската Социјалдемократска партија својот говор го заврши на германски: „Драги пријатели, сигурен сум дека ќе победиме заедно“.

Словенија – кој е победник

Премиерот на Словенија, Борут Пахор, поднесе оставка на крајот на септември 2011 затоа што на референдумот беше одбиен предлогот за промена на старосната граница за пензионирање на 65 години. Во Словенија на 4 декмври 2011 се одржаа вондредни избори на кои градоначалникот на Љубљана, Зоран Јанковиќ, со својата нова партија, левоцентрираната Позитивна Словенија, тесно ги победи ривалите од партијата од десниот центар, Словенска Демократска Партија, на поранешниот премиер Јанез Јанша. Меѓутоа, Јанковиќ не успеа да го добие мнозинството во парламентот и Јанес Јанша состави десно-централна влада. Словенечкиот јавен долг е на ниво од 45,5 проценти од БДП во 2о11, а во 2012 ќе отскокне на 50,1 проценти, што е прилично поголем процент од оној од 2007 од 23,4 проценти од БДП. Каматната стапка на десетгодишната словенска обврзница порасна на 7,20 проценти, што е најголемо ниво од 2007, кога Словенија стана членка на еврозоната.

Извор: vreme.com

ОкоБоли главаВицФото