Мрак

22.02.2012 10:39
Мрак

Прилично е прецизна рекламата на ЕВН кога вели дека е забавно да се штеди електрична енергија. Откога се на сила рестрикциите, мене лично Скопје навечер ми изгледа многу поубаво, да не кажам поблескаво. А и луѓето се некако насмеани и весели, полни со оптимизам. Тоа е забавната компонента кога ништо не гледаш - тогаш можеш да го гледаш она што го сакаш. Сè додека не дојде светлината на денот и не ти падне мрак на очи.

Затоа и апелирам рестрикциите да станат константа на актуелната преродба. Луѓето тука веќе одамна живеат во мрак и одамна го наоѓаат својот животен простор, не според она што ќе го видат, туку според вибрациите на околината. Просто не можам да се оттргнам од впечатокот дека Македонија станала земја на бетмени, на луѓе-лилјаци. Затоа рестрикциите се наша природна животна средина. Како што е водата за рибата или кавијарот за шампањското. Како што е скопскиот воздух за бактериите и бацилите, а нашите тела за грипот и настинките.

И тука не мислам само на рестрикциите на струја. Ние пушиме рестриктивно, пиеме рестриктивно, рестриктивно јадеме, рестриктивни сме во движењето, во читањето, во духот, во идеите, во размислувањата, во просторот... Едноставно, живееме рестриктивни животи. И вистински уметници сме во тоа. Просто не можам да не се изнауживам во глетката на благолизгачките луѓе, кои, како јунаци од хорор-филмовите за живите мртовци, навидум неспретно се движат по скопските голомразици, а сепак се стабилни. И ниту една пречка не може да ги запре во нивното бесцелно скитање од еден агол до друг, од еден ѕид до друг или било каде каде што можат да се придржат и исто толку бесцелно да ја задржат својата залудна рамнотежа. Човек да не поверува, ама во мракот излегуваат сите наши најдобри доблести: држење за воздух и пливање на суво. Речиси сме живи, што би се рекло.

Еднаш веројатно ќе се заврши и оваа повеќедецениска сапуница околу името на државата заедно сосе тотално блесавите идентитетски прашања. Ќе има ли тогаш некој да се запраша каде, во што и за што ни отидоа годините. Каде и како пропаднаа нашите животи. Нимиц, значи, повторно дојде во Македонија, што уште еднаш ги разбранува духовите околу тоа дали треба или не треба да се преговара за името. Тоа отприлика изгледа вака: државата божем преговара, а ние божем дискутираме за тоа. Како божем да сме навистина живи.

Не знам што точно разговарал Нимиц со овдешниот политички врв. Веројатно истотот она што го разговара секогаш. Не знам, можеби најинтересниот разговор се водел со претседателот Ѓорге Иванов, кој сè уште ги средува впечатоците од кумството на свадбата во Турција каде што беше кум на свадбата на оној турски бизнисмен што наводно ќе гради облакодери по Македонија. Ете, тоа се вика привлекување инвестиции. Можам да замислам што ќе се случеше ако на некој прием го повикаше некој од челниците на „Мерцедес“, на пример. Тогаш македонскиот претседател гарант ќе изведуваше стриптиз или, во најмала рака, ќе играше на шипка. Затоа предлагам да се воведе правило кога ќе се бираат функционери, кај кои во опис и попис на работното место, меѓу другото, ќе биде и привлекување странски инвестиции, да бидат барани специфични работни способности и работно искуство во кафеаните во близина на Тетово. Секоја чест за претседателот, ама убеден сум дека имаме сериозен квалитет во однос на стомачниот танц или на турскиот чочек.


Но, и Ѓорге Иванов не е за фрлање. Тој своите квалитети ги покажа уште кога им лепеше пари на чело на уличните свирачи, прославувајќи некоја од нашите спортски победи. За волја на вистината, не е познато дали на свадбата во Турција ја нарача песната за „Гоцевата раса“ и дали и таму го одврза кесето, зашто, како што нашиот народ добро знае, пара на пара се лепи и дека парите вртат онаму каде што ни претседателот не може.

Некој некаде ја одбележа годишнината кога Галилео Галилеј беше осуден на домашен притвор на неодредено време, како следбеник на ѓаволот, односно уривач на дефинираниот систем. Човекот што, во суштина, ги истера вештерките од општеството и го воведе рациото како начин на размислување, на крајот мораше да признае дека е грешник, клеветник и манипулатор, па да биде пуштен од притворот. Кај нас никој не го одбележа овој ден. Кај нас никој не ги одбележува ни годишнините на притворениците на неодредено време. Освен ако некој не размислувал во вистинската насока, па не уредил завршните зборови на судењето на притворениците од случајот „пајажина“ да падне истиот ден кога и денот на Галилеј. Со други зборови, мрачниот среден век и не е толку лош политички систем. Ете, тие го измислиле барокот, а ренесансата ја промовирала антиквизацијата. Денес останува само да исправиме некои ситни грешки. На пример, Галилеј, наводно пред смртта, ја изговорил онаа славна максима: „Сепак се врти“. Тоа е доволен знак дека ни на покајниците не треба да им се проштева. Љубе Бошковски, на пример, направи хиперпродукција во емитирање извинувања, ама на притворот не му се гледа крајот. Во таа смисла, министерката за внатрешни работи е сосема во право кога покажува дека нема намера да му се извини барем на семејството на убиениот Мартин Нешковски. Извинувањето и простувањето едноставно се избришани од денешната овдешна демо-христијанска логика. И онака од нив нема ништо да се види.

Зашто, што би рекол поетот, тука е мрак и мрак ме обвива.

Извор: globusmagazin.com.mk

Илустрации: Дима Ребус

Слични содржини

Став
Став
Орган [к:2]
Став
Тераса [к:8]
Став
Езера [к:6]
Став
Став
НАТО [к:12]
Став
Став

ОкоБоли главаВицФото