Ослободете го Рамковски!

23.02.2012 10:52
Ослободете го Рамковски!

Во понеделникот, кога започнаа завршните зборови на Велија Рамковски и на другите обвинети во процесот „Пајажина“, крајот на судењето беше седмата или осмата вест на телевизиите. Рамковски, очигледно, не е веќе сторија која заслужува поголемо внимание. И нормално е да се очекува дека случајот „Пајажина“ нема да има посебен третман кај телевизиите кои продолжија со работа. Рамковски стана ноќна мора и за газдите на телевизиите и за уредувачките тимови.

Пред една година, барањата за ослободување на Рамковски и за непречено работење на медиумите во кои упаднаа полицијата и даночниците беа еден од условите на опозицијата за одржување на предвремените парламентарни избори. Во предизборната кампања, која почна многу порано од официјалната, централно место зазеде прашањето – каков ќе ни биде живот со или без А1.

Но, по 5 јуни, работите многу брзо добија контролиран тек. А1 заврши како шлаг на тортата на победникот. Балонот кој се дуваше со месеци, нагло издиша. Рамковски влезе во кругот на лузерите и како поминуваше времето – и медиумите и јавноста полека се оладија во однос на овој процес.

Судскиот процес против Рамковски и другите обвинети е еден од најмонструозните во историјата на македонската држава. Оваа остра квалификација се должи на неколку причини. Прво, со укинувањето на А1 и на трите печатени медиуми, власта во целост ги потврди своите режимски особености – во Македонија треба да се убие и последната шанса дека е можно да опстојуваат медиуми кои се критички настроени. Второ, целата операција – која почна со стигматизирање на медиумите, продолжи со полициски упад во зградата на А1, а заврши со крајно нехуман и нелогичен притвор на обвинетите – е нешто што е непоимливо и е срамно за која било демократска држава. Пресметката со А1 ѝ послужи на власта да влее дополнителен страв кај луѓето. Пораката до сите беше дека оваа Влада, која ги употребува сите алатки што една аздисана власт ги има на располагање, нема да се воздржува кон оние кои се оценети како реални или како потенцијални непријатели. Трето, она што извршната власт го испланира и го започна, а обвинителството и правосудството продолжија да го реализираат, говори за подреденоста и за поданичкиот статус на третата власт. Четврто, на симболичко ниво, судбината на Рамковски упатува на уште еден пораз. Еден од илјадниците слични. На оваа власт победите ѝ станаа послатки кога огромен дел од јавноста ќе се почувствува посрамена и поразена.

Повеќето од овие оцени, на овој или на друг начин, веќе беа кажани уште при крајот на 2010 година. Но, можеби, вреди да се повторат, бидејќи, откако во Македонија завладеа медиумскиот мрак, овие поенти се потешко допираат до јавноста.

На сметка на Велија Рамковски можат да му се упатат многу забелешки – од оние суштествените, бидејќи и тој во одредени периоди сурфаше на брановите на популизмот, повремено партиципираше во креирањето на една лоша и испервертирана општествена свест и сакаше да испрофитира од хаосот во медиумската сфера, па, сè до оние баналните и тривијалните, кои се резултат на одредени стереотипи или на една глупава човечка зајадливост. Но, и покрај сè, факт е дека Рамковски е жртва на оваа власт и факт е дека немаше фер судење. Во најблага варијанта, процесот „Пајажина“ е пример за т.н. селективна правда, а во најлоша варијанта – тоа е пример за класична политичка монтировка.

Како и при секоја монтировка, казната е само завршниот чин од приказната. За тоа е свесен и Рамковски кој во завршниот збор, што траел само десет минути, изјавил: „Осуден сум уште пред да ми пресудат!“ Рамковски го изговара она што другите го мислат, но им е тешко да го кажат. Неговата трезвеност, смиреноста и одважноста која добива стоичка димензија, се нешта кои мора да се почитуваат. Мора да се почитува и тоа што Рамковски не остави впечаток дека е скршен човек ниту во еден момент на судењето, дека треба да се посипува со пепел или дека треба да бара спогодба. Напротив. Рамковски се обидел да премине во контранапад со веќе познатото обвенение дека ВМРО-ДПМНЕ, односно Груевски, платиле со државни пари партиска кампања, и тоа во милионски износи. Но, судијката му забранила на Рамковски да го споменува премиерот.

Буџетски пари за партиски цели е многу тешко обвинение. На таа корупциска банана се лизнале и треснале од земја многу покрупни имиња од Груевски. Тоа е (не)дело што не се простува. И двете страни се свесни за ризиците кога такво нешто е јавно кажано. Лошото е тоа што Рамковски е во ранлива и е во подредена позиција, а уште полошо е тоа што полека се помируваме со фактот дека овој случај ќе биде процесуиран дури кога оваа власт ќе си замине.

Јасно е дека Љупчо Шврговски и Обвинителството ќе го буткаат и ќе го остават овој предмет под тепих. Мене сето ова ми изгледа лудо и крајно нелогично. Иако сум комплетен лаик за правото и правната сфера, ми изгледа неверојатно дека не постои некој друг правен канал за овој случај на политичка корупција да се најде во судска процедура. Нормално, дополнителен проблем претставува прашањето на опортунитетот. Со оглед на постојните контстелации во судството, доколку ова обвинување за корупција се најде пред судиите кога Груевски е на власт, може многу лесно да се претпостави и исходот. Но, во некои идни времиња, не мора и не може да биде така.

Со оглед на тоа што пресудата на Рамковски веќе може да се претпостави, исто како што тоа се покажа и во случајот со Љубе Бошкоски, многу ме интересира каква ќе биде рекацијата на правните експерти, и на домашните и на меѓународните. Тврдењата на адвокатите на Рамковски се дека судењето се одвивало врз основа на незаконски прибавени докази, фотокопии и лажни тврдења на јавното обвинителство.

Дали овие забелешки ќе допрат до судиите? Дали судството, конечно, ќе нè изненади сите?

Искрено кажано, многу сум скептичен, иако, секогаш се отворени вратите за „прв пат“. И, како по правило, секој режим се избламирал и си ги скршил забите со некој монтиран процес. Ние имаме право на такви очекувања.

Имајќи ја предвид политичката позадина и партиско-полициската инволвираност во овој случај, но и контаминираноста на судскиот процес – мојата лична порака е: Ослободете го Рамковски! Тоа ќе биде добро за сите, освен за еден многу тесен круг на луѓе од власта. Звучи патетично и наивно, по повеќе од сто години, некој да глуми или да ги имитира Емил Зола и Томаш Масарик. Но, во сегашниот миг, веќе не е битно дали е нешто паметно или е оригинално кажано. Според мене, најважно е да се има став.

Во наредните денови, нормално, важен ќе биде ставот на луѓето кои го знаат правото. Ќе го почекаме и правниот дискурс, односно, колку правниците ќе бидат доблесни и принципиелни.

Очекуваме право, а не послушност.

Извор: globusmagazin.com.mk

Илустрации: Танг Јау Хунг

ОкоБоли главаВицФото