За и против пиратеријата

23.02.2012 11:18
За и против пиратеријата

Мината година ѝ објаснував на мојата колешка за моите планови да ја воведам етиката на интернет како дел од курсот кој го предавам. Таа ми сугерираше да ја прочитам неодамна објавената антологија за компјутерска етика и ми го испрати линкот по е-пошта. Дали требаше да одбијам да ја прочитам таа пиратска книга? Дали примив украден производ како што тоа го тврдат заговорниците за изострување на законите против интернет пиратеријата?

Ако украдам нечија книга на стандарден начин, добивам дело, а првобитниот сопственик го губи, поради што јас сум во предност. Кога луѓето користат пиратски книги, и издавачот и сопственикот се во загуба, бидејќи не добиваат приход од продажбата. Но, доколку мојата колешка не ми ја пратеше книгата, јас ќе морав истата да ја позајмам од универзитетската библиотека. Заштедив време и навидум никој не губи со тоа. Уште повеќе, наведената книга поради својата содржина не ни беше на продажба во дигитална форма. Всушност, и останатите имаа корист од мојот избор: книгата остана на полиците на библиотеката, достапна за другите корисници.

Од друга страна, доколку книгата не се наоѓаше на полицата, а останатите корисници ги замолеа вработените во библиотеката да им ја чуваат откако ќе биде вратена, библиотеката можеби ќе го забележеше интересот за книгата и ќе нарачаше уште еден примерок. Но, веројатноста дека поради фактот што сум користел книга од библиотеката ќе ја мотивирам истата да купи уште ден примерок, е мала, мора да се признае. Во секој случај, тоа што го направив е далеку од стандардните случаи на кражба.

Прашав 300 студенти на своите предавања од етика дали има меѓу нив некој кој не симнал ништо од интернет за што знае или се сомнева дека претставува кршење на авторските права. Само 5-6 луѓе не кренаа рака. Мнозинството сметаа дека направиле грешка, но сепак рекоа дека „сите го прават тоа“. Останатите изјавија дека не купиле пиратски музички компакт диск или книга, поради што никому не нанеле штета. Стекнав впечаток дека никој од нив не планира да си ги смени навиките.

Кампањата за почитување на авторските права е зајакната по апсењето на Ким Дотком (роден како Kim Shmic), основач на сајтот Megaupload, кој е затворен по налог на ФБИ. Megaupload дозволуваше 180 милиони регистрирани корисници да симнуваат филмови, телевизиски серии и музика, а дел од парите кои од реклами и регистрација ги заработуваше Дотком беа изложени во неговата вила во близина на Оукленд, на Нов Зеланд, односно тука се наоѓаа неговиот ролс-ројс и останатите егзотични автомобили. Адвокатот на Дотком тврди дека Megaupload не контролирал што корисниците чуваат од симнатиот материјал. Но, факт е дека Megaupload им нудел пари на корисниците кои симнуваат популарни содржини.

Минатиот месец САД размислуваа за донесување закон за спречување на интернет пиратеријата. Иницијативата е започната од страна на холивудските студија, издавачките и музичките куќи, кои тврдат дека над 100.000 луѓе ги изгубиле своите работни места поради кршење на авторските права на интернет. Противниците на предложениот закон тврдат дека таа мерка би се протегала многу пошироко од страниците како Megaupload, што значи дека и Гугл и Јутјуб би можеле да бидат обвинети за кршење на авторските права, а владата на САД би имала дозвола да го блокира пристапот до тие интернет страници. Засега, интернет активистите, заедно со Гугл, Фејсбук и останатите главни интернет играчи, извојуваа победа, бидејќи го убедија Конгресот да го одложи одлучувањето за антипиратерскиот закон.

Но, борбата продолжува: минатиот месец 22 членки на Европската унија го потпишаа Трговскиот договор против фалсификување, со кој се воведуваат меѓународни стандарди и се воспоставува нова организација за заштита на интелектуалните и авторските права. Истиот договор веќе го потпишаа Австралија, Канада, Јапонија, Мароко, Нов Зеланд, Сингапур и САД, а сега потребно е, меѓу останатите, да го ратификува и Европскиот парламент. Јас сум автор, но и читател. Едно од чудата на интернетот е податокот дека одредени книги кои претходно сум ги напишал сега се достапни на далеку поголем број луѓе од порано. Секако, имам повеќе среќа од многу автори и уметници бидејќи професорската плата подразбира дека не сум приморан да се потпирам на тантиемите (дел од приходот што им се исплаќа на авторите како награда за изведувањето или објавувањето на нивните театарски или други дела) за да го прехранам моето семејство.

Но, не е тешко да се најдат поуверливи аргументи од моите тантиеми за тврдењето дека животниот стил на Ким Дотком нанесува штета на многу луѓе. Потребно е да пронајдеме начин како во целост да го искористиме огромниот потенцијал на интернетот и истовремено прописно да ги наградиме авторите.

Авторот е професор по биоетика на универзитетот Принстон

Извор: project-syndicate.org

ОкоБоли главаВицФото