27. Параноја (Сексуален хиероглиф)

29.07.2009 14:43
27_m_h_policekid.JPG

Кога светот станува параноичен, луѓето интуитивно знаат дека нешто се случува со значењето – привидот е настан и настанот е привид. Затоа дразбите треба да боцкаат минимално, инаку паранојата на народот се зголемува. Извадок од „Комунистичка интима“ Јасна Котеска, Темплум, Скопје, 2008

Паранојата е основен градбен „материјал“ на интимата на човекот во комунизмот. Тоа се однесува и на „неутралните граѓани“, и на номенклатурата, и на жртвите.

Да почнеме со номенклатурата. Вообичаено мислиме дека комунистичкиот врв во Југославија живеел во благосостојба – вистината е дека високите кадри ни за момент не заборавале дека се шифранти на еден поредок на ужасна семантичка заситеност со знаци, секој соработник нешто кажува, но работата е како да се прочита тоа што тие го зборуваат? Сè околу партискиот врв е преполно со хиероглифи, од нивното правилно дешифрирање зависи политичката судбина на секој кадар.

Илустрација е „случајот Ѓуриќ’, еден колку комичен толку и трагичен пример за комунистичката империја на знаците од врвовите на Титовата машинерија, кој за малку ќе го претворел Шестиот конгрес на КПЈ од ноември 1952, од SIX конгрес во SEX конгрес, како што злонамерно се зафркавале странските известувачи од Конгресот во Загреб. За настанот известил и американскиот магазин „Тајмс“, во бројот од 17 ноември 1952, во текстот „Недискретниот комрад“. [1] Љубодраг Ѓуриќ бил генерален секретар, а потоа министер, близок соработник на Тито и на Ранковиќ, кој едно време живеел со Тито во Белата куќа, му бил друштво за ручеци и вечери, за гледање филмови, играње билјард и за лов. Меѓу нив немало тајни. Живеел сам со три деца од претходните бракови, но Тито и Ранковиќ му сугерирале дека „е срамота сам да се појавува на приеми“ и го терале повторно да се жени. Кога нашол жена спроти себе, Ранковиќ, тогаш министер за внатрешни работи и прв човек на воено-разузнавачката служба ОЗНА, му го честитал изборот на сопругата со зборовите „Права жена за тебе, ја проверивме по сите линии“. [2] Во текот на една од конгресните паузи на Ѓуриќ му пришол неговиот земјак од Ужице, Петар Стамболиќ, исто така делегат на Конгресот, и зајадливо му рекол дека сопругата на Ѓуриќ, порано била мажена за него. Кога се вратиле од паузата, Ѓуриќ побарал од претседателот, Ѓуро Салај, да добие збор за да се произнесе околу „вистинските проблеми на комунистите“, се качил на говорницата и видно вознемирен, рекол: „Не можам да разберам една работа, дека извесни наши функционери, како што мене ми се случи кога другарот Стамболиќ, кој е член на ЦК на нашата партија, ми ја украде жена ми...“ [3] (Тука Ѓуриќ, од збунетост или срам, ја заменил метата на својата поплака, и наместо да каже дека самиот не знаел дека се оженил со поранешната жена на Стамболиќ, рекол дека нему жената му е украдена од Стамболиќ). Делегатите скокнале од местата и почнале да викаат: Лажеш!, а Тито наредил: „Тргнете го лудиот“. Ѓуриќ бил итно спроведен од службите на УДБА во Загреб, а на говорницата се качил Ѓилас кој се обидел да ги смири делегатите: „Другари, станав да зборувам исклучиво затоа што го знам неговото политичко минато и ова што го зборува не можам да го сметам за провокација, туку само за лудило.“ Била дадена пауза по која на говорницата се качил Тито, кој, меѓутоа, дал сосема поинакво толкување од она на Ѓилас. „Другари и другарки, сметав дека е потребно да се произнесам по повод овој немил инцидент... Имам индикации и длабоко сум уверен дека зад овој лудак стои непријателската рака (одобрување и долготраен аплауз), која сакаше со валкан истап да го компромитира нашиот Конгрес и да му зададе морален удар.“ [4]

Во минијатурна форма, овој случај ја дава на увид Лениновата доктрина за „анти-спонтанизмот“. [5] Во остварувањето на револуцијата, комунистите не може да бидат водени од спонтаните импулси (Ленин) затоа што може да скршнат од патот. Спонтаноста на Ѓуриќ е иста со политичко самоубиство - иако кадар по мерка на Револуцијата, со совршено политичко портфолио, неговиот момент на слабост, неговиот „недискретен“ знак, станува предмет на параноично толкување. Толкувањето на Ѓилас е наивно (Ѓуриќ е безгрешен комунист, сега е само вознемирен), таа наивност е доказ дека ниту самиот Ѓилас не се снаоѓал најдобро во комунистичката империја на знаци и ја објаснува точната причина за неговото подоцнежно бришење од југословенските истории.

Интерпретацијата на Тито, обратно, гласи дека секој знак е конспирација, не зборува Ѓуриќ за наводен неморал во Партијата, туку преку него зборува „продолжената рака на непријателското дејствување“. Смената во толкувањето од Ѓилас до Тито, покажува на кој начин се градела комунистичката „империја на знаците“. Партијата е тело кое не може да има неистомисленици. На својот последен говор пред Партијата, Троцки рекол „Знам дека да се биде во право а против партијата е невозможно затоа што други патишта за реализирање на правдината, историјата не направила.“ [6] Не постои вистина надвор од партиската. Кога Сталин пишува во извештајот до партискиот конгрес дека во Партијата сите ги прифатиле резолуциите едногласно, комунистичката логика гласи дека Партијата не може да има малцинство во своите редови - тие што гласале против резолуциите, автоматски се самоисклучиле. [7]


Празен говор

Вистинскиот комунист не го слуша тоа што му се зборува, тој гледа „преку“ говорот. Тоа комунистичкиот говор го претвора во она што Лакан го нарече „празен говор“. Што-годе човек да каже, тоа не е она што тој вистински го кажува. Во Титовиот жаргон, тоа од зборот прави хиероглиф кој треба да се толкува. Во строгата хиерархија, Ѓуриќ не треба да каже ништо надвор од договорените правила на „празното зборување“. Ако е вознемирен, тој праќа знаци што бараат партиска проверка. Во комунистичката хиерархија никој не мисли и не слуша, дури никој вистински не зборува. Сите пласираат и читаат знаци.

Еден пример е наивноста со која луѓето секогаш одново оделе да ја обновуваат „демократијата“ во Југославија на избори. Во Југославија немало присилно гласање, како на пример во Албанија на Енвер Хоџа (каде што партиските работници шетале околу и ги собирале гласачите од рани зори, а албанското радио известувало: „6.15 часот е наутро, а веќе 46% од Албанците гласаа“ и кандидатите на Хоџа секогаш имале најмалку 97% од гласовите.) [8], но во Југославија постоел тип на „паланечка“ принуда („да ме видат комшиите дека гласам“). Кога луѓето масовно оделе на гласање за единствениот кандидат, тоа значи дека социјализмот не го сфаќале како реален, луѓето биле дресирани зад фразата „обнова на демократијата“ да го прочитаат точно обратното - Немојте никако да ја обновите демократијата! (Жижек) Тоа создавало апатична дистанца - што има да се трудиме кога сè е решено горе? Најлошото решение е луѓето сериозно да почнат да ги сфаќаат фразите за демократија затоа што тоа би значело дека им е „важно“, па ќе почнат да се однесуваат во согласност со тие фрази. [9] Ако сериозно го сфатат повикот дека Комунистичката партија треба да се обновува во демократски процес, тоа ќе значи распаѓање на самата партија. Друг пример е случајот со некогашниот командант на Втората пролетерска бригада и раководител на железниците, Љубиша Веселиновиќ, кој во 1986 се разнесува со пиштол пред Споменикот на ослободителите на Белград во знак на протест заради „целосната разединетост на Југославија“, како што напишал во писмото до претседателот на ЦК на СКЈ: „Мојата одлука на овој начин да го завршам својот животен пат, созреваше некако паралелно со назадувањето на новата Југославија - со нејзиното упорно минување од ран социјализам во доцен феудализам. Подвлекувам дека не ми е дојдено до никаква спектакуларност, туку до постигнување на одреден ефект. Имено, ако овој мој протест – самоубивање (самоспалувањето е поболно, поанахроно и има во себеси нешто религиозно) ги поттикне на размислување луѓето во државните и во партиските форуми, тогаш нема да биде залуден.... А ако – како и многу слични извици – не допре до ушите на совеста на главните режисери на денешницата, тогаш и оваа моја жртва нека се приклучи кон масата од милион и седумстотини илјади соѕидани во темелите на замислената, слободна, социјалистичка и единствена Југославија“. [10] Гестот на Веселиновиќ е доказ дека партиските фрази секогаш треба да се примат со дистанца. (Да се потсетиме дека комичноста во романот „Добриот војник Швејк“ од Јарослав Хашек, произлегува точно од фактот дека Швејк најбуквално ги сфаќа и најточно им се потчинува на наредбите, на тој начин, истовремено, целосно первертирајќи ги наредбите и доведувајќи ги до нивниот апсурд). Партијата лиферува фрази кои никако не смее да се сфатат како што се кажани, треба секогаш да се чита пораката „зад“ фразата. Со малку импровизација, може дури да се рече дека еден дел од дисидентите во комунизмот се оние што вистински ги сфаќале повиците за слобода и демократија. [11] Комунизмот бил така поставен што секое одбивање пораките да се толкуваат „буквално“, надвор од паранојата на толкувањето – создавало жртви.

Социјализмот е место на ултимативна замена на тие што слушаат со тие што не слушаат (но не во смисла на непослушност, туку во смисла на библиската фраза „Тие имаат очи за да не видат“). Ако видиш, тогаш и’ пречиш на идеологијата. Говорот не е само говор што му го упатувам на другиот, туку и себеси. Додека зборувам, не му зборувам само на другиот човек, туку се слушам и самиот (Лакан). [12] Испраќачот е веќе примач на своите зборови. Кога режимот зборува, тој им зборува на другите луѓе, но бидејќи другите не се тука за да му возвратат со збор на Режимот, туку само да го слушаат, по некое време Режимот повеќе не слуша ништо надвор од себеси.

Главното прашање на клиничката параноја е прашањето: „Кој зборува“? Ова прашање станува централно и за режимот. Кога зборува Ѓуриќ, кој зборува „зад“ него, „преку“ неговиот говор? Светот во кој влегува комунистот станува волшебен, сè е преполно со значења, како и светот на параноикот. Режимот мисли дека некој постојано го озборува; дека луѓето се шушкаат меѓусебе, дека некој зборува тивко, скриено, од заседа. Сè станува знак за режимот.

Кога светот станува параноичен, луѓето интуитивно знаат дека нешто се случува со значењето – привидот е настан и настанот е привид. Затоа дразбите треба да боцкаат минимално, инаку паранојата на народот се зголемува. За да се одржи социјалниот мир, Режимот се држи до познатите фрази, како медикаменти за седација на пациентот. Одличен пример за негирана реалност во полза на фразеологијата, со цел да не ги доведе луѓето до паника, дава советскиот лингвист Ерик Хан-Пира, кој го наведува Жижек. Во текот на многу години кога ќе умрел некој висок член на советската номенклатура, во весниците излегувала фразата „Закопан на Црвениот плоштад, покрај ѕидовите на Кремљ.“ Во текот на 1960-тите поради недостаток на простор, починатите наместо да ги закопуваат на Црвениот плоштад, почнале да ги кремираат, а урните со пепел се сместувале покрај ѕидот. Но во официјалните соопштенија си останала фразата „Закопан на Црвениот плоштад, покрај ѕидовите на Кремљ“. Јазичниот институт на Советската академија на науките испратил писмо до ЦК на КП со сугестија за промена на фразата во нешто што повеќе ќе соодветствува на реалноста, на пример, дека „Урната со пепел е сместена во ѕидовите на Кремљ“. По неколкунеделни консултации, Централниот комитет му телефонирал на Јазичниот инситут и го одбил барањето. Жижек коментира дека оваа случка е исправно однесување: „Промената нема да била сфатена како просто регистрирање на фактите… секоја девијација од стандардната формула ќе била толкувана како знак. Ако нема скриена порака што ЦК сака да им ја испрати на луѓето, тогаш зошто да ги менува работите? Ако пак формулацијата се смени со додаток дека ’оваа промена не значи ништо, освен дека соодветстува на реалноста’, дури тогаш саморефлексивноста на коментарот ќе ја измести интерпретативната логика на советската империја на знаците.“ [13] Ако некој праќа знак, па уште и кажува дека знакот не значи ништо, дури таа рационализација е повод за паника и уште пофренетични интерпретативни активности.

Македонскиот менталитет, наследен од југословенската комунистичка матрица, денес се заснова на напорот да се „чита меѓу редови.“ Тој менталитет значи дека под никакви услови и никогаш не треба да веруваш во тоа што некој ти го зборува, барај скриено значење. Ако твоите семејни пријатели те канат на вечера, обиди се да разбереш дали сакаат да ти побараат пари; ако твојот шеф те прераспредели во друга канцеларија заради кадровска соодветност, паметно е веднаш да се прашаш дали ќе добиеш отказ, и слично. Една од големите маки што произлегуваат од оваа операција е дека никогаш не си докрај сигурен што другиот точно сака да ти каже. Сечиј говор е хиероглиф, но ти не знаеш во кој правец да ја водиш суптилната лепеза од можности за негово толкување. Се сеќаваме на рекламата за дневен весник во Македонија: „Вест – чита меѓу редови“ која имаше добар маркетинг-ефект. Тој ударен слоган успеа затоа што точно го погоди македонскиот менталитет. Во јануари 2008, откако во македонскиот парламент беше изгласан Законот за лустрација, во весниците повторно се актуализираше фразата читање меѓу редови. Новинарите, експертите и историчарите ги тешеа граѓаните со истата фраза, дека досиејата ќе се читаат внимателно, не така како што се напишани, туку „меѓу редови “. Или, погледнете како денес имаме чуден, најмалку двоен однос кон странците. Тие редовно се прифаќани како некакви наивници и глупаци кои иако имаат знаење, или пари, или моќ, или сите работи заедно, тоа што немаат е способноста да нè прочитаат во она што всушност им го кажуваме кога нешто им кажуваме. Ние сме „уметнички“ комплексни, тие се наивни. Социјализмот ги сведувал луѓето на некаков тип шифранти, оттука целото учење било како да се прочитаат знаците. И луѓето до перфекција ја довеле својата социјална способност да разберат НЕ што другиот им вели, туку што „всушност“ сака да им каже. Вивната до алармантност, оваа социјална интелигенција, што е директна последица од долгите години на комунистичкото живеење, е нашето тупаво наследство. Модусите низ кои функционирале луѓето, од најниските инстанци на неутралните граѓани до номенклатурата, биле една голема фабрика за производство и за читање на знаците на Титовата империја. Таа основна форма на комуникација е едно од главните ментални наследства што денес им ги должиме на нашите родители.


Комунистичките предмети ми намигнуваат!

Паранојата е комунистичка болест, комунизмот брои сè. Сè е знак. Ако на улица минал црвен автомобил, тој не случајно минал токму сега, токму тука. Паранојата додава значења. Режимот забележува дека на улица се случуваат работи. Но кои работи? Тоталитарниот режим не знае, луѓето уште помалку. Сите само знаат дека некаква чудна дисторзија се случува со значењето. Луѓето не знаат дали работите се добри или лоши по нив (Лакан). [14] Како параноикот, и режимот кажува дека кога доживува привид, таму има некое значење. Но тој не знае што е тоа значење.

Познат е случајот кога југословенскиот генерал Пеко Дапчевиќ го замолил генералот Јово Поповиќ, инаку шеф на одделението за прислушкување при Службата за државна безбедност (вториот познат и како „двојникот на Тито“): „Кажи ми Јово, ама искрено, ме прислушкувате ли вие мене?“ Поповиќ му одговорил: „Што и да ти кажам, друже Пеко, ти ќе се налутиш. Ако ти кажам дека те прислушкуваме – ќе се налутиш. Уште повеќе ќе се налутиш ако ти кажам дека не те прислушкуваме, ќе си помислиш: зар вредам толку малку, па уште и да не ме прислушкувате?“ [15] Жижек нè потсетува на еден комичен детаљ кога јавниот обвинител во судскиот процес против „Обединетиот троцкистичко-зиновистички центар“ во 1930-тите години објавил листа со имиња на тие што требало да се ликвидираат, на списокот за ликвидација се наоѓале: Сталин, Киров, Жданов и тој список, набрзо станал нешто како бизарна почесна листа. Секој кадар што не се видел на листата, се чувстувал лично вознемирен. Иако Молотов тогаш бил во добри односи со Сталин, бил шокиран дека него го нема. Дали тоа значи само предупредување од Сталин дека Молотов треба повеќе да се труди, или тоа е јасна индикација дека Молотов набрзо ќе биде уапсен? [16] Ако треба да се биде стрелан како дел од партиските планови, тогаш партискиот кадар беспоговорно ќе се понуди пред жртвениот диктат на Партијата. За возврат бара само малку мир, сака да знае го планираат за жртвено јагне или не?

Не само што параноичниот режим е шпиoниран, опсервиран, набљудуван, не само што луѓето зборуваат, го покажуваат, го гледаат, му намигнуваат, туку немилосрдноста го освојува и светот на мртвите предмети. Секој микрофон, секоја значка, јаката, начинот на кој се поставени чашите на масата, сето тоа има значење, и иако параноикот е честопати неспособен да каже какво е тоа значење, дали е наклонето и поволно, или заканувачко, тоа што со сигурност знае е дека зборовите и предметите - не се тука без причина! Во семинарот „Психоза“ Лакан го објаснува начинот на кој функционира свеста кај параноикот, светот се здобива со значење, исто така и предметите. [17] Оној список на троцкистичкиот-зиновистички центар станува предмет што му намигнува на комунистот. Светот се хуманизира.

Вакво „очовечување“ на предметите (што сака да ми каже списокот?) има и во случајот со т.н. „тестамент на Ленин“. Кога во декември 1922 година Ленин добива тежок напад на болеста, а десната рака и нога му остануваат парализирани, добива дозвола од лекарите неколку минути дневно да и’ диктира на стенографката затоа што го вознемируваат прашањата за советската иднина и сака да остави свои карактеризации за некои од членовите на најтесното раководство на ЦК. [18] Ленин побарал сите белешки да се препишат во пет копии, под класификацијата „строго доверливо“, а една да му се даде на неговиот секретаријат, и да се отвори по неговата смрт. Белешките на Ленин станале „предмет што му намигнува“ на комунистот. Кога Сталин ургентно го заменил Ленин на чело на Партијата, прашањето за комунистите останало: А што е со белешките? Комунистите, како и советските емигранти, се вклучиле во опсежни тајни анализи: Што, всушност, им намигнуваат Лениновите белешки? Дали државата ја следи Лениновата волја? Зошто Ленин ги оставил белешките на таков таинствен начин, под чудни околности? Дури и Троцки, кого Ленин во тие белешки нејасно го фаворизирал пред Сталин, морал јавно да се огради од „погрешното“ читање на Ленин. Кога американскиот троцкист, Макс Истман во 1925 година, го печати „Лениновиот тестамент“ (како што советските емигранти ги нарекувале овие белешки), Троцки е крајно вознемирен, и веднаш и неотповикливо се јавува со свој текст во весникот „Болшевик“ и дава остра критика против постоењето на „Лениновиот тестамент“: „Не може да има никаков тестамент во нашата партија. Владимир Илич не остави никаков ’тестамент’, и самиот карактер на Партијата не дозволува можност од постоење на некаков ’тестамент’.. Сите озборувања дека таму има некакво криење или злоупотреба на ’тестаментот’ се злобни измислици.“ [19] (Или да го погледнеме случајот на Маркс, кој во едно писмо до Кугелман од 1868 пишува: „Еден мој овдешен пријател, кој многу се занимава со френологија (квазинаука што верува дека со проучување на формите на черепот се добива увид во карактерот и менталните капацитети –моја заб.), ми рече вчера за фотографијата на Вашата госпоѓа: Полна со дух! Гледате дека френологијата не е вештина без никаква основа, како што мислел Хегел.).“ [20]

Параноикот сам го проговорува тоа што вели дека го слуша (Лакан). [21] Троцки го зборува тоа што мисли дека го слуша дека Сталин го вели. Ќе останам ли сега во живот? – тоа е ултимативното прашање што по повод Лениновите белешки „што му намигнуваат на Троцки“, Троцки го поставува до Сталин.

 

[1] “The Indiscreet Comrade”, Time Magazine, Monday, November 17, 1952.
[2] Marić, Milomir (1988): Deca komunizma, op. cit., 309.
[3] Исто, 307.
[4] Исто, 308.
[5] Althusser, Louis (2001): Lenin and Philosophy and Other Essays, op. cit., 31.
[6] Шафаревич, Игор (1997): Социјализам као појава светске историје, op. cit., 296.
[7] Žižek, Slavoj (2007) Gorgias, Not Plato Was the Archi-Stalinist, http://www.lacan.com/zizgorgias.htm
[8] Carver, Robert (1999): The Accursed Mountains, op. cit., 71.
[9] Žižek, Slavoj (1989) Druga smrt Josipa Broza- Tita, DZS, Ljubljana, 34.
[10] Marić, Milomir (1988): Deca komunizma, op. cit., 9-10.
[11] Жижек вели: Социјализмот пропадна не затоа што не ги достигна стандардите на Запад, туку сопствените нормативни стандарди, затоа социјализмот имаше најдолеми дисиденти – Славој Жижек, „Недељом у два“, интервју на ХТВ, Загреб, 3 февруари, 2007.
[12] Lacan, Jacques (1997): The Psychoses 1955-56, W.W. Norton and Company New York, London, 24.
[13] Žižek, Slavoj (2007) Stalinism, http://www.lacan.com/zizstalin.htm
[14] Lacan, Jacques (1997): The Psychoses 1955-56, op. cit., 21.
[15] Lopušina, Marko (2004): KOS, Tajne vojne službe bezbednosti, op. cit., 155.
[16] Žižek, Slavoj (2007) Stalinism, http://www.lacan.com/zizstalin.htm
[17] Lacan, Jacques (1997): The Psychoses 1955-56, op. cit., 21.
[18] Лењин, В.И. (1973): Посљедња писма и чланци, Слово, Београд, 173-174.
[19] Lenin's `Will' http://www.plp.org/books/Stalin/node13.html
[20] Маркс, Карл (1951): Писма Кугелману (1862-1874), op. cit., 53.
[21] Lacan, Jacques (1997): The Psychoses 1955-56, op. cit., 23.

Слики: Готфрид Хелвајн


Другите делови од фељтонот можете да ги видите на следниве линкови:

26. Молчењето на Маркс

25. Смеењето на Ленин

24. Комунизам и авангарда

23. Интелигенција и тајна интелигенција (за „затворските школи“)

22. Хистеријата на Троцки, Темпо...

21. Хумор

20. Кодните имиња на УДБА 2

19. Кодните имиња на УДБА 1

18. Голи Оток (Или, зошто Југославија не падна под власта на Сталин?)

17. „Со Сталин против Тито“

16Лошиот Тито?

15. „Подобро со 28 години во камп, одошто со 93 на слобода“ (за комунистичката носталгија)

14. Родители на вештачко дишење (за комунистичкиот сон)

13. Анестезија

12. Неутрални граѓани

11. Кремлинологијата како симптом

10. Пет забелешки за природата на анализите што следат

9. „Нема ништо, нели?“

8. Потрага по „патолошкиот“ вишок смисла

7. Феноменологија на кодошот

 

6. Колку едно живо суштество може да издржи?

5. Тврдо крило

4. Садизам

3. Биографии на пријателите

2. Интимист (Досие 5622)

1. За емоциите што останаа во еден автобус

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото