Јас во мое време учев дека воздухот нема својства, нема мирис, нема вкус, нема боја… Фактот дека во нашата пракса воздухот буквално може да се види, да се опипа, да се вкуси, да се помириса… говори дека има нешто страшно погрешно во нашиот образовен систем. Или во воздухот? Или во нас самите?
Просто е неверојатно со каков душевен мир (не) се справуваме со тивкиот убиец – нечистиот воздух. (Проценка е дека на годишно ниво, меѓу 17 и 19 проценти од вкупната смртност во Македонија е резултат токму на загадениот воздух).
Во времето на короната, популарен беше еден термин, „имунитет на стадото“. Мислам дека овој термин многу повеќе прилега на нашиот однос кон смогот и кон воздухот што го дишеме. Како да сме имуни на него. И како да сме навистина стадо.