Америка и Кина, работи во тек

24.02.2012 16:11
Америка и Кина, работи во тек

Пред четириесет години, во февруари 1972, претседателот Ричард Никсон допатува во Кина. Седумиот ден од „неделата која го промени светот“, како што ја нарече, Никсон и премиерот на Кина Џоу Енлај го потпишаа „Шангајското коминике“, која започна да ги нормализира односите меѓу двете земји. Никсоновата еуфорична декларација беше типична за неговиот темперамент. Тој го предводеше фундаменталното преуредување на рамнотежата на силите во тоа време и ја цементираше оттуѓеноста помеѓу Советскиот Сојуз и Кина. Тоа беше почеток на крајот на Студената војна.

Односите меѓу Кина и САД денес сè побрзо прераснуваат, веројатно, во најважните и најкомплексните билатерални односи на две држави во светот. Особено се развија економски врски какви што никој не можеше да замисли пред четири децении. Кина стана втората најголема економија на светот, а брзината со која во Кина настапија социјалните и политичките промени беше подеднакво изненадувачка.

Сепак, како што 5 февруари симболично го покажа ветото на Русија и Кина над резолуцијата на Советот за безбедност на ОН во Сирија, односите помеѓу САД и Кина и понатаму претставуваат „работа во тек“. За нив е неопходно внимателно и вешто раководење, онакво како што во тоа време можеби немаше. Одлуката на Кина по повод Сирија претежно е заснована на сомнеж во американската надворешна политика – поточно на концептот за кој овие денови доста се зборува во Кина, а тоа е стратешка недоверба.

Како што ми рече еден истакнат научник во Шангај: „Човекот кого го каснала змија, се плаши и од врвка.“ Со други зборови, Кина изминатите години ја поддржа резолуцијата за зашита на цивилите во Либија, но НАТО интервенцијата поради промената на режимот толку многу ја истрауматизира што сега не сака да соработува во врска со резолуцијата на Сирија.

Резултатот е тоа што Кина избра вето на резолуцијата која уживаше широка поддршка од меѓународната заедница, вклучувајќи ја и Арапската лига, со што нејзиниот меѓународен престиж сега е заслужено оцрнет. Со оглед на значењето на односите меѓу САД и Кина, никој не треба да ги сфати дипломатските потешкотии на Кина како добри вести. Од грешките на Кина никој нема корист. Пропаѓањето на резолуцијата не само што покажа дека на меѓународната заедница ѝ недостига одлучност за пресметка со режимот на Асад, туку ја зајакна и соработката на Кина и Русија која американските дипломати во 1972 настојуваа да ја ослабнат. Чувството на итност кое се одразува во напорите да се реши ситуацијата во Сирија треба да биде применето и на проблемите кои се јавуваат во односите меѓу САД и Кина.

Кинеското вето не се случи во вакуум. Неодамнешната одлука на Америка да започне да се повлекува од војни во јужна Азија и на Блискиот Исток, и акцентот да го премести на источна Азија изгледа како обид да ѝ се спротистави на Кина поради нејзините тврдења за суверенитет во Јужното Кинеско море.

Пред четириесет години Кина стравуваше дека Советскиот сојуз има намера да ја обиколи. Денешниот страв – кој на кинеските блогови го изразуваат сите слободумни млади генерации – е дека кинеската влада им дозволува на САД да го направат истото нешто. Како што стравот се зацврстува меѓу Кинезите, САД сфаќа дека Кина е сè поневолен партнер во решавањата на прашања од заеднички интерес.

Неволноста на Кина да се фати во костец со перфидноста на Северна Кореја, не сметајќи ги слабите и безизразни повици на дијалог, е типичен случај. САД и Кина би можеле да направат заедничка стратегија со што би го спречиле Пјонгјанг да создаде нуклеарно оружје. Но малку од тоа е постигнато поради сè поголемата недоверба на Кина.

Никој не се обидува да ја запре Кина, уште помалку да ја обиколи. Потребно е Кина да разбере дека нејзините внатрешни проблеми не можат повеќе да се решаваат со национално поттикнатите, вистински или измислени закани од странство.

Набрзо по „Шангајското коминике“, Кина започна историско патување според кое митскиот Втор Марш на Мао Це Тунг изгледа како прошетка во парк. Кина (мудро) избра пат на воспоставување односи со светот. Дел од патот е подобро да се разбере како да се воспостави рамнотежна помеѓу нејзините интереси и ставови со интересите и ставовите на голем број земји во светот.

Потребно е САД да сфатат дека нивните односи со Кина, како што еден кинески претставник неодамна забележа, се „премногу големи за да пропаднат“. Да се утврдиш во стравот од Кина, да тврдиш дека Кина е опасен елемент во светот, како што тврдат некои американски стручњаци, е пророштво кое се заканува да се исполни самото по себе.

Извор: project-syndicate.org

Илустрации: moonasi

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото