За некои особини на таканаречената поезија (1)

26.02.2012 14:02
За некои особини на таканаречената поезија

Мојата поезија

Со голема недоверба гледам на своите поетски остварувања. Со голема недоверба ги слушам тие дела. Не можев да сфатам дека постои поезијата иако е убиен човек. Убиен е оној којшто поезијата ја повика во живот, договорениот јазик кој треба да го изразува она што не може да се изрази. Вистинскиот придвижувач, причината за моето создавање беше омразата кон поезијата. Се бунев поради тоа што преживеала, што постои и по „крајот на светот“. Рамнодушна. Божествена. Неприкосновена во своите закони, прописи, поетики. Сомничаво гледам кон тие остварувања. Ги бев составил од преостатоците на претраени зборови, од незанимливи слики, од големото сметлиште, од големите гробишта.

Ми се чинеше дека сум првиот човек кој рекол: „добар ден“, „вода“, „сонцето излегува“. Создавав поезија за преплашени и ослепени. Учевме да зборуваме од почеток. Тие и јас.

Само човек очаен или нихилист може да ја опишува „убавината“ со помош на одбрани слики, додека пред нашите очи умира вистината.

Само човек очаен или резигниран ги опишува цветовите на вишната, полната месечина, пауните во градината; се симнува уште еднаш во студениот пекол на естетиката.

Јас викав или молчев не мислејќи на естетиката.

Таков е изворот на мојата поезија и поетика.

Крикот не мора да се учи. А молчењето доаѓа по крикот како смртта по животната трчаница.

 

Ламент

Вам ви се обраќам свештеници
учители судии уметници
чевлари лекари референти
и тебе мој оче
Слушнете ме

Не сум млад
виткоста на моето тело
да не ве залажува
ни нежната белина на вратот
ни ведрината на отвореното чело
ни влакненцата над слатката усна
ни смеата ангелска
ни чекорот жилав

не сум млад
мојата невиност
да не ве возбудува
ни мојата чистота
ни мојата слабост
кревкоста и едноставноста
имам дваесет години
јас сум убиецот
јас сум орудие
слепо како меч
во раката на џелат
убив човек
и со црвените прсти
милував бели гради на жена

Унаказен не видов
ни небо ни ружа
птица гнездо дрво
Свети Фрањо
Ахил и Хектор
Цели шест години
од ноздрите избиваше испарувањето на крвта
не верувам во претворањето на вода во вино
не верувам во простување на гревот
не верувам во воскресението на телото.

Колку е добро

Колку е добро Можам да собирам
јагоди в шума
си мислев
нема шуми ни јагоди

Колку е добро Можам да лежам
во сенка на дрво
мислев дрвјето
веќе не дава ладовина

Колку е добро Со тебе сум
како срцето ми бие
си мислев човек
нема срце.


Споменот прв

Таа спие крај него
сè послаба
сè постара
без потпирка во себе
без потпирка однадвор
откриена целата
полна со лузни од уживањето
полна со лузни од раните
од љубовта од децата

Гледајќи ја
тој се сеќава на детството:
на соседот што фаќаше стаорци
во железна стапица

доаѓаше
со челичен шилец
и ги пробиваше стаорците
убод по убод
при изгревачкото сонце


Споменот втор

Есен

Стоеше во прозорецот
студена модроока
со рацете покриени
со пеги од жолч
со црвени нокти

Твоето бело шеширче
кое ветрот ти го срушил
лета
се тркала низ патеката
помеѓу трњето
ти трчаш по него
се смееш и врескаш

ти постојано трчаш
јас те фаќам в прегратка

Непознатото писмо

Но Исус се наведна
и пишуваше со прстот поземи
потоа повторно се наведна
и пишуваше врз земјата

Мајко толку се заостанати
и прости што морам да покажувам
чуда создавам такви смешни
и непотребни нешта
но ти ќе разбереш
и ќе му простиш на синот
претворам вода во вино
воскреснувам мртви
чекорам по море

тие се како деца
треба постојано
да им се покажува нешто ова
замисли

Кога му се приближија
Матеј Марко Лука Јован
ги затскри и ги избриша
буквите
занавек

 

За срце

Бев видел
специјалист готвач
ќе ја завлечеше раката
во муцката
и низ душникот
ја буткаше во внатрешноста
на овцата
и таму живо
го фаќаше срцето
ги стискаше прстите
врз срцето
го корнеше срцето
со еден потег
да
тоа беше специјалист

 

Кој е поет

поет е оној којшто песни пишува
и оној којшто песни не пишува

поет е оној што кине пранги
и оној кој пранги врз себе става

поет е оној којшто верува
и оној којшто не може да поверува

поет е оној што лажел
и оној што го излажале

поет е оној што јадел од раце
и оној што отсекувал раце

поет е оној кој заминува
и оној кој не може да замине

За некои особини на таканаречената поезија

На пример

поезијата ја губи моќта
веќе по полноќ
малку замор
ја менува дотолку
што не може да се препознае
ја претвора во грст зборови
лишени од живот
во нешто монструозно
како цвет од хартија
како љубов од месо

поезијата губи вид
околу полноќ
или среде пладне
по ручекот

поезија нема
при раѓање
и при умирање

нема поезија
во 22 часот
на 1 март 1961 година

нема поезија
во човек студен
и нема поезија во човек огнен

во млак
во млакиот може да живее
да се развива

се цеди низ пукнатината
низ маната

 

Среде многуте работи

Среде многуте работи
мошне итни
заборавив
дека треба и
да се умре

Лекомислен
ја занемарував таа должност
или ја исполнував немарно

од утре
сè ќе се измени
ќе почнам да умирам грижливо
мудро оптимистички
без губење време

(продолжува...)


Тадеуш Ружевич (полски: Tadeusz Różewicz) е роден во Радомск, Полска, во 1921 година. Студирал историја на уметност на Јагелонскиот универзитет во Краков. Пишувал песни, раскази и драми. Најпознати стихозбирки му се: Немир (1947), Црвената ракавица (1948), Пет поеми (1950), Времето што заминува (1951), Песни и слики (1952), Рамница (1954), Сребрениот клас (1955), Отворена поема (1956), Собрани песни (1957), Форми (1958), Разговор со кнезот (1960), Зелената ружа (1961), Гласот на анонимот (1961), Лице (1964), Трето лице (1968), Регио (1969). По десет години пауза ја објави книгата песни Трауматска приказна (1979), Релјеф (1991), Секогаш фрагмент (1996), Секогаш фрагмент, recycling (1998), Мајката заминува (1999), Ножето на професорот (2001). Струшкиот Златен поетски венец го доби во 1987 година.

Ружевич припаѓа на првата генереација полски поети, родени и школувани по полското осамостојување во 1918 година. Неговите први младешки песни се објавени во 1938 година. Во текот на Втората светска војна, заедно со братот Јануш (кој исто така бил поет) е војник во рамките на анти-фашистички ориентирана Армија Крајова.

За разлика од Јануш, кој е погубен од Гестапо во 1944 година, Ружевич ја преживува војната и до неговото драмско деби во 1960 година, издава дванаесет мошне ценети збирки поезија. Оттогаш до денес има напишано и педесетина драми. Оваа ерупција на драматуршка енергија е придружена со привремени навраќања кон поезијата и кратки излети во светот на прозата.

Негови најпознати драми се: Картотека, Прекинатиот чин, Наталитет, Гладниот уметник си оди и Бела венчавка.

Слики: Christopher Orr

Избор и превод: П. В.

За вториот дел, кликнете овде.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото