Работничката класа можеби оди во рајот, но затоа, пак, живее во пеколот

27.02.2012 10:53
Работничката класа можеби оди во рајот, но затоа пак живее во пеколот

Додека во читалната и галерија Владимир Назор во Илица невработените и пензионираните мажи читаат текстови во весниците за штрајкот на млекарите, за возачите на такси возила во службата Cammeo, кои работат по дваесет часа на ден за старосната граница за пензионирање која, пак, може да се продолжи и до 72 години, или за кратењето на субвенциите за поттикнување на индустрискиот развој – на ѕидовите околу нив се редат фотографии со фрагменти од некој сосема поинаку уреден работнички свет.

Работниците на тие потсетници на минатите времиња се натпреваруваат на спортски манифестации, слободното време го исполнуваат веслајќи по реките, одат на кино, на културни настани, и секако – работат. Станува збор за работниците на железарницата Сисак, „вид“ кој веќе не постои. Железарницата се затвори, а со неа и преостанатите 900 работни места, кои ги преживеаја последните дваесет години на промени и значајно намалување на бројот на работници.

За Железарницата и можностите кои им ги овозможувала на своите работници е пишувано многу, па само ќе кажеме дека од денешната пеколна работничка перспектива, животните рамки кои ги создавала Железарницата изгледаат утописки.

Маријан Црталиќ, автор на изложбата, „Сегашност на минатото“ (Sadašnjost prošlosti) во галеријата Владимир Назор, токму од денешна гледна точка ги согледува тие некогашни времиња. Со помош на фотомонтажа, тој споил архивски снимки со негови авторски фотографии за нам да ни го прикаже контрастот: тогашните пливачи се подготвуваат да скокнат во денешниот празен и приватизиран базен, изграден од нив како дел од работните акции на железарницата; некогашните работници се наоѓаат во денешните напуштени хали; децата кои си играат околу пропаднатите локомотиви...

Црталиќ веќе со години го истражува својот роден град Сисак, особено Железарницата, за што ја има добиено и наградата Т-ХТ, која ја доделува Музејот на современа уметност и хрватскиот Телеком. Токму истиот тој хрватски Телеком, чија награда замина во рацете на уметникот што се занимава со положбата на работниците во социјализмот, неодамна одлучи да отпушти 450 работници, и покрај фактот што има работа и што Телеком Хрватска остварува голема добивка. Само таа фабрика во изминативе 10 години отпушти преку 5.000 работници.

Додека работел на своите претходни проекти поврзани со Железарницата и ликовната колонија која ја основал во нејзини рамки, Црталиќ забележал дека на улиците на тамошната работничка населба Цапраг има многу малку луѓе и дека главно тоа се стари луѓе. За потребите на својот филм „Индустриски рај“, тој ги прашувал случајните минувачи што знаат за колонијата, скулптурите кои биле изработени како дел од неа за потоа да бидат поставени во Цапраг и општо, за Железарницата.

Така, низ тие разговори и проучувањето на материјалите во сисачкиот музеј, библиотеките и архивите, неговиот интерес се проширил и на работниците. „Работниците и работништвото, односно работничката класа, биле заштитен знак на т.н. самоуправен социјалистички систем. Зад работничкиот бренд и самоуправувањето се криела, всушност, волјата на партијата, но наспроти тоа, а поради проширување на пазарот и зачувување на социјалниот мир, особено поради можните меѓунационални тензии, системот кон работниците зазел покровителски став и ги третирал како полноправни општествени ’субјекти’“, ја објаснува Црталиќ својата одлука за да ја истражува работничката класа за својата нова изложба.

Тешко е да не се сложиме со констатацијата на авторот дека во социјализмот работниците имале значително повеќе права од денес, а тоа особено се забележува во примерот со железарските работници во Сиск.

Железарницата им изградила населби со паркови, бројни спортско-рекреативни објекти и културни содржини, преземајќи ја на себе социјализацијата на руралното население кое тука доаѓало во потрага за работа од разни делови на бивша Југославија.

„Во однос на овој денешен криминален и понижувачки однос на државата кон работниците, тоа била бајка вредна за внимание и проучување“, вели Црталиќ.

Но, Црталиќ не се занимава само со положбата на работниците, туку и со третманот на општествената сопственост, која со промената на политичкиот состав на почетокот на деведесеттите масовно е приватизирана.

„Целата таа приватизирачка-трансформирачка кражба се одигра во времето на војната, додека работниците беа на фронтот и не можеа да ги одбранат своите работни места и фабриките. Се одзеде имотот, како и целокупното национално богатство. Туѓман го стави во пазарниот барабан и пропаста на државата започна. Војната беше одличен параван за прикривање на приватниот карактер кој го добиваше новата хрватска држава. Во сето тоа, работниците го поминаа патот од фронтот до корумпираните објекти кои беа приватизирани со сомнителни закони, кои овозможија новокомпонираната хрватска елита да се изживува над нив и нивните имоти“, вели Црталиќ.

Столбот на општеството и тогаш и денес беше и остана работничката класа, подвлекува Црталиќ и ја нагласува разликата: „Единствено што работничката класа денес е ’бренд’ на срамота, експлоатација и обесправеност, а пензионерите како припадници на некогашната горда работничка класа, која изградила сè во што денес живееме, станаа најнискиот општествен столб кој преживува пребарувајќи низ кантите за ѓубре“.

Извор: pogledaj.to

ОкоБоли главаВицФото