Дали Грците се највредните работници во Европа?

28.02.2012 12:41
Дали Грците се највредните работници во Европа?

Кризата во еврозоната покажа знаци на поделба во европското семејство, посебно по прашањето на Грција, која е изложена на остри критики. Дали Грците живеат над своите можности? Дали се мрзливи? Сепак, статистиката открива изненадувачки податоци, вели BBC.

Во периодот што доаѓа Грција ќе се соочи со уште поостри мерки на штедење откако го прифати договорот за 130 милијарди евра помош за да избегне банкрот. Меѓутоа, статистиката сугерира дека Грција не се најде во ваквата ситуација поради мрзливоста на своите граѓани.

Доколку погледнете колку просечно часови минува во работа грчкиот работник, доаѓате до заклучот дека станува збор за трудољубив народ.

Податоците на Организацијата за економска соработка и развој (OECD) покажуваат дека просечниот грчки работник на работа поминува 2.017 часови годишно, што е повеќе од секоја друга европска земја. Во светски рамки, Грција се наоѓа само две места зад светскиот лидер во работење, Јужна Кореја.

Од друга страна, пак, просечниот германски работник, кој се смета за олицетворение на работливоста, на работа поминува само 1.408 часа годишно. Според овој показател Германија се наоѓа на претпоследното место на листата на OECD, од вкупшно 34 земји кои членуваат во организацијата. Работниците во само една членка на OECD поминуваат помалку време на работа, а тоа е Холандија, каде што просечно се работи 1.377 часа во годината.

Според овие податоци, просечниот работник во Грција работи 40% повеќе одошто неговиот германски колега.

Меѓутоа, овие податоци кажуваат многу повеќе одошто се гледа на прв поглед. Постојат две големи причини зошто овие две земји имаат толку различни податоци за просечниот број на работни часови.

Паскал Марјан, статистичар на пазарот за труд во OECD, за BBC вели: „Грчкиот пазар на труд е составен од голем број самовработени, земјоделци и сопственици на продавници кои имаат подолго работно време“.

Самовработените работат повеќе од оние кои имаат одреден број работни часови во својот работен договор. Втората причина која ја истакнува Марјан е различниот број хонорарни работници во секоја земја.

„Во Германија уделот на вработените кои работат хонорарно е многу висок. Просечно, секој четврти работник е хонорарец“, вели тој. Бидејќи процените за бројот на работни часови се однесуваат на сите работници, големиот удел на оние кои работат хонорарно во Германија го намалува вкупниот просек на работни часови.

Во Грција многу помал број луѓе работат скратено работно време. Поради тоа што станува збор за два различно структуирани пазари, споредбата меѓу нив е тешка.

Меѓутоа, доколку во просекот на работни часови не се пресмета и учеството на хонорарните работници и самовработените, и се разгледа само целосното работно време, Грците и понатаму работат речиси 10% повеќе од Германците.

Тоа е така бидејќи Германците имаат повеќе право на подолг годишен одмор, здравствено и породилно боледување, во просек 4 недели повеќе од Грците.

Иако во ова истражување фокусот беше насочен кон вработените, треба да се земе предвид дека само 60% од работоспособното население во Грција има работа – во споредба со 72% од она во Германија.

Може да се помисли дека, ако се земе предвид просечниот број часови поминати во работење на сите работоспособни граѓани, Германија би се нашла на врвот. Но, и во тој сегмент Грција повторно е пред Германија.

Но, зошто тогаш Грција се најде во ситуација да се бори за опстанок во еврозоната, а Германија не? Тоа е сложено прашање, но дел од одговорот може да се добие преку една едноставна пресметка.

Да го земеме вкупниот бруто домашен производ (БДП) на земјата и да го поделиме со бројот на работници. Според таа основа, просечниот Германец е многу попродуктивен одошто просечниот Грк. Германија е рангирана како осмата најпродуктивна држава според учеството на работната сила во рамки на земјите од OECD, или седма меѓу европските земји, додека Грција се наоѓа дури на 24 место.

Марјан вели дека е така бидејќи Германија има многу ефикасен сектор за производство. Иако мал број Германци работат во земјоделството, тие се поефикасни и на тоа поле, најмногу поради технолошките предности, вели тој.

И покрај сè, Марјан предупредува дека овие податоци треба да се земат со блага резерва бидејќи се собирани од страна на поединечни национални статистички органи кои имаат различни методи на собирање и преработка на податоците.

Извор: e-novine

Илустрации: Хантер Пејн

ОкоБоли главаВицФото