Стрпете се!

28.02.2012 14:32
Стрпете се!

Резултатите на испитувањето кое го спроведе агенцијата „Дневна пошта“ покажува дека Италијаните се еден од најнезгодните народи во Европа. Имено, тие се секогаш расположени за кавга, многу се нервозни, темпераментни се и брзо реагираат, додека, пак, трпението е нешто што одамна го заборавиле. За разлика од нив, Швеѓаните, Норвежаните и Данците се одликуваат со сталоженост. Тие го губат трпението еднаш на пет дена, додека Италијанците се често пати обземени од напади на бес.

За оваа состојба на свеста на своите сонародници, специјалистот за психосоматски болести и ајурведа (систем на традиционална медицина што потекнува од Индија), докторот Аркимедa Руџеро, вината му ја припишува на современиот начин на живеење кој не е усогласен со природниот ритам на организмот.

Често забрзан и стресен, животот не остава доволно простор за толку потребниот одмор. Ситуацијата е загрижувачка бидејќи се покажува дека луѓето денес до таа мера се нетрпеливи што не можат да ја поднесат ниту тишината. Испитувањето покажало дека Италијанците по влегувањето дома имаат потреба веднаш да го вклучат телевизорот бидејќи тишината ги збунува. Не можат да причекаат да се ’излади’ компјутерот туку веднаш се јавуваат да пријават дефект. Изгледа нивното нетрпение доживува кулминација во сообраќајот бидејќи 56% од нив не го почитуваат ограничувањето на брзината, 31% поминуваат на црвено, додека 52% од возачите во вистинската смисла на зборот ’легнуваат на сирената’ доколку некој несреќен пешак се најде на пешачкиот премин во секундата кога ќе се вклучи црвеното светло.

Психолозите тврдат дека живееме во општество каде што секој е свртен кон себеси, а да се биде трпелив значи дека треба да ги почитуваме и поднесуваме и другите. Стрпливоста не е вродена особина, таа се учи. Ова тврдење се покажува вистинито на примерот со новороденчињата – нестрпливкото во вистинската смисла на зборот се учи во текот на растењето дека треба да почека, да има трпение.

Трпението е добра и корисна способност, мајка на мудроста. Со него полесно и пообјективно ја согледуваме реалноста. Оној кој дејствува брзо греши лесно, за разлика од успешниот кој секогаш првин размислува пред да донесе одлука. Поради тоа стрпливоста се смета за карактеристика на мудрите и силни личности. Нетрпеливата личност се смета за незрела, често е незаинтересирана за тоа што се случува околу неа. Неуспехот го доживува како понижување, не се снаоѓа во општеството и не гледа ништо друго освен губитник во огледалото.

Нестрпливоста не само што не е добра како карактеристика туку е и штетна за здравјето. Го забрзува работењето на срцето, доведува до лачење на адреналин и го намалува имунитетот. Толку е силно нејзиното дејство што може да предизвика сериозно нарушување што може да се претвори во опседнатост.

А кога сме трпеливи произведуваме серотонин, хормон на задоволството кој помага да се чувствуваме подобро, и кој ни го разубавува секојдневието и особено ни помага во снаоѓањето во општеството.

Трпението не е пожелно само на работа, во сообраќајот, на јавните места, туку и во односите со луѓето, особено кога станува збор за односите меѓу мажите и жените. На Универзитетот во Лондон, психолозите со помош на еден математички модел дошле до заклучок дека рецептот за освојување на женското срце се крие токму во стрпливоста.

Почекајте го вистинскиот момент, советуваат експертите.

Немојте да брзате со скапоцени подароци, големи зборови и празни ветувања. И секако, немојте веднаш да преминете на главното. Со брзање не се постигнува ништо. Напротив, целиот труд може да биде залуден бидејќи на претставничките на поубавиот пол им е потребно време да ја донесат вистинската одлука. За да опстои љубовната врска, неопходно е да постои размена на чувствата, весели моменти преполни со возбуда кои го носат среќниот пар на долги патеки. Меѓутоа, сета таа идила исчезнува со стапнувањето на ’лудиот камен’. Тајната на среќниот брак лежи токму во трпението на сопружниците.

Ситници кои нè излудуваат

Резултатите од истражувањето на италијанското списание „Либеро“ покажаа дека петте најинтересни ситници поради кои го губиме трпението се следниве: кога капе вода, ред во пошта или банка (а ние брзаме да ги платиме сметките), кога некој ќе ја потроши тоалетната хартија (а нема да остави нова), кога ќе здогледаме слободно паркинг место пред нашиот дом иако веќе сме ја оставиле колата 300 метри подалеку, и кога јадеме колач од кој шеќерот во прав ни паѓа врз облеката.

Извор: Политикин забавник

ОкоБоли главаВицФото