Титовата држава - тоталитарна?

29.02.2012 11:11
Титовата држава - тоталитарна?

Вовед

Уставниот суд на република Словенија на 26.9.2011 г. го прифати решението со кое ја поништи Одлуката на Градското собрание на Љубљана кое содржи именување на една улица во изградба според Јосип Броз Тито (U-I-109/10). Уставниот суд со таа пресуда интервенираше во вреднувањето на словенечката и пошироката општествена историја (точка 12). Во пресудата се зборува за „симболичкото значење на Тито“, поврзано со „повоениот тоталитарен комунистички режим“, како и дека „Тито го симболизира тоталитарниот режим“ (точка 15). Во оваа пресуда се наведуваат и други приговори кон Тито, но основниот е „тоталитарноста“ на поранешното политичко уредување. Овој приговор повторно се јавува во точка 15 како „тоталитарен комунистички режим“, при што се укажува дека тоталитарноста е најопштата ознака на тоа уредување. Со тоа Уставниот суд, колку што е тоа можно во современото општество, официјално го означи уредувањето кое важеше во Словенија и Југославија во периодот 1945-1990 г. На тој начин овој суд презеде одговорност за вреднување на историјата и можеби за нејзино превреднување кај Словенците и Словенките.

Уставните судови во современиот свет имаат големи надлежности кои ја надминуваат обичната примена на правото. Тие не само што ги толкуваат појавите на најопшт начин, туку често ги изразуваат своите ставови, бидејќи ги толкуваат најопштите правни принципи и нивните меѓусебни односи. Тие меѓусебно донекаде се разликуваат според степенот на интервенција во политичкиот живот и степенот на активно наметнување и октроирање на нормативните решенија, но нивната работа главно излегува вон рамките на отстранувањето на ставовите кои се во исклучителна спротивност со Уставот.

Уставниот суд може да има и активна улога во формирањето на политичко-идеолошките доминантни ставови од областа на идејната хегемонија. Па така, словенечкиот уставен суд во 1996 г. се повика на некоја статија на професорот Р. Кушеј од 1927 г. за аграрната реформа цитирајќи дека религијата е „општо корисна“ (U-I-107/96), што подоцна беше пренесено како авторитативен извор во други пресуди на истиот суд, па дури и во важечкиот словенечки Закон за верски слободи, како нешто што е утврдено, признаено и не се доведува во прашање, иако од тоа лето 1927 г. многу нешта се промениле и во религијата и во нејзиното сфаќање. Овој пример покажува колку е голема одговорноста но и моќта на уставното судство при уредувањето на општествениот систем во целина, а посебно при одредување на владејачките и официјални сфаќања за разни нешта.

Во нашиот пример Уставниот суд постапи поинаку. Иако поимот тоталитаризам не е правна категорија, а уште помалку категорија на словенечкото позитивно право, уставниот суд не се ни повика на ниеден извор при означувањето на уредувањето со кое претседателствуваше Јосип Броз Тито, иако безрезервно го изнесе ставот дека станува збор за такво уредување, притоа не назначувајќи ја ни временската рамка на таквиот карактер на тоа уредување. Тоа прашање секако дека треба да се разгледа, бидејќи се работи за значајно историско прашање кое не се однесува само на Словенија. Понатаму се поставува прашањето како да се разгледа проблемот. Овде ќе го разгледаме на начин кој е примерен и можеби најмногу оди во прилог на Уставниот суд. Строго ќе се придржуваме до научните ставови, изоставувајќи ги публицистичките сфаќања и разгледување на поимот тоталитаризам, настојувајќи да утврдиме дали владеењето на Тито можеме да го окарактеризираме како такво и да утврдиме дали Титова Југославија беше „тоталитарна“ без временското и содржинското ограничување. Тоа уредување и порано беше означувано како тоталитарно, посебно во публицистичките дела и политичкиот дискурс, ама ние овде нема да се впуштаме во тоа туку ќе се задржиме само на овој обид за официјално државно етикетирање.

Се разбира, со тоа немаме намера да го оправдуваме тоа уредување, уште помалку прекршувањата на човековите права и злосторствата кои се извршени за време на тоа владеење. Немаме намера овде да даваме никакви вредносни оцени. И контекстуализацијата останува вон досегот на овој труд, во кој останува како значајно да се утврди колку е оправдана ознаката „тоталитарно“ за политичкото уредување на Титова Југославија, и тоа на еден општ начин.

Тоталитаризам

Во политичката наука најприфатено и најафирмирано сфаќање на поимот тоталитаризам е она според Фридрих и Бжежински (1956), кое е аналитичко и најчесто цитирано како авторативно. Сфаќањето и заклучоците на Хана Арент се повеќе од филозофска природа и помалку се систематизирани, иако се влијателни и можеби повеќе укажуваат на последиците од тоталитаризмот по животот на луѓето.

При анализата на пресудата на словенечкиот Уставен суд ќе тргнеме од нешто што ѝ оди во прилог, а тоа е дека тоталитаризмот е когнитивно и научно соодветен поим, иако во литературата често и го оспоруваат, и за опис и за анализа на општествените настани (Lefort, 1998; Fine, кај Smelser и Baltes 2001).

За пресудата за тоа дали во Југославија и Словенија комунистичкото уредување било тоталитарно можеби најиндикативни се точките 4 и 6 кај Фридрих и Бжежински. Пошироката обработка би барала повеќе простор и е непотребна. Ќе се ограничиме само на: (4) технолошки овозможена и целосна контрола над ефикасните средства за масовно комуницирање, на пример, печатот, радиото и филмот, и (6) централна контрола на целокупната економија преку бирократска координација на порано независните стопански претпријатија (1956, 9-10) – како суштински и незаменливи карактеристики на тоталитаризмот. Тоа се неговите два конститутивни елементи, при што нема да се впуштаме во релативното значење на секој од нив. Овде е битно да забележиме оти секој „тип“ општество е зависен од исполнувањето на сите негови елементи. Спротивно на тоа, одредени елементи од некој тип општество можат да се најдат во многу емпириски примероци, а тоа да не значи дека таквото општество му припаѓа на тој тип.

Стопанство

Во поглед на сфаќањето на суштината на стопанството во Титова Југославија, нештата се прилично комплицирани кога ќе се запрашаме кој навистина управувал и бил сопственик на стопанските претпријатија, а кој бил нивен формален и вистински господар. Не можеме да ги следиме поранешните официјални тврдења дека работниците во целост и непосредно управувале со стопанските претпријатија, но од истражувањата на Жупанов (кој не бил режимски апологет) произлегува (1969) дека и таа компонента била застапена, иако не била доминантна. Исто така, оцената за карактерот на стопанството на Југославија не може да биде единствена за целокупниот период од нејзиното постоење 1945-1990.

Нема да се впуштаме во сопствени заклучоци за таа работа. Ќе укажеме на странските економски анализи и оценки за тоа прашање, а кои се од тоа време.

(1) Американските економисти Dirlam и Plummer веќе во 1972 г., во книгата која беше плод на емпириско истражување, утврдија дека „југословенската стопанска фирма е споредлива со западната, со тоа што овде не постојат акционери и таа дејствува со изненадувачка мера на слободна проценка во решавањето“, и дека „финансирањето, инвестициите и банкарските заеми главно се независни од државата“ (1972, 33, 181).

(2) Познатиот американски економист Томас Маршак (Thomas Marschak) во 1968 г. заклучил дека „има впечаток“ оти „работничките совети ќе бидат сè послободни од надворешно влијание и дека ќе се потпираат на менаџерската елита“. Според него, станува збор за економија со пазарен карактер.

(3) Проучувајќи ги стопанските реформи, американскиот научник Денисон Русиноу (Denison Rusinow) во 1967 г. напишал дека „Југославија повторно (1965) е држава која покажува во која насока треба да се оди (pace setter) и оти не можеме да ја наречеме тоталитарна“.

(4) Е. Фурботн (E. Furbotn) нагласува дека моделот кој е создаден во 1965 г. не поттикнува доволно акумулација на добивката за инвестициски намери туку непосредна потрошувачка.

(5) Естрин смета дека во Југославија „вистински пазарната економија е воведена со реформите во 1962, кога претпријатијата станаа пазарни субјекти, иако пазарот е неразвиен и користи премногу работна сила“.

(6) Х. Флакиерски, канадски економист, во поглед на состојбата со југословенската економија во 1980 г. (година на смртта на Тито) заклучил: „Процесот на дефедерализација отиде предалеку. Југолавија стана повеќе налик на конфедерација одошто на федерација. Повеќе надлежности треба да им се дадат на сојузните тела во создавањето макро-планирања и општа економска политика“ (1988, 18). Ова не го наведуваме за да се утврди правилноста или погрешноста на економската анализа на познатиот економист, туку за да укажеме на неговиот, и не само неговиот, наод дека југословенските републики во 1980 г. се разделиле до тој степен што под знак прашање се ставила единствената власт, која во тој облик никако не можела да биде тоталитарна.

Нема да продолжиме, бидејќи за југословенската економија опсежно се расправало во западната економија, секогаш врз основа на емпириските анализи на податоците од самата Југославија. Всушност, за институционализацијата и функционирањето на економијата постои обемна литература во западната економска наука, на пример Chowdhury, Grubaugh, Stollar, 1990; Plummer, 1970; Fleming, Sertic, 1962; B. Ward, 1965; Vanek, 1963; D’Andrea Tyson, 1967.

Од овие анализи и заклучоци не е тешко да се заклучи дека научниците-економисти биле загрижени над сложеноста на економскиот модел кој не поттикнува (доволно) продуктивност и акумулација, но и дека тие не покажуваат загриженост поради некоја апсолутна, ’тоталитарна’ политичка власт (Маршак: „комплексно југословенско искуство“).

Секако дека стопанските ентитети (претпријатија) во Југославија биле структуирани, имале автономни надлежности и секако дека во 1960-те години не работеле на начин кој е својствен за тоталитарните уредувања, т.е. како извршители на наредбите на некои централни бирократски инстанци, без влијание на финансиската економија. Во стопанството надлежност имале сојузната и републичката власт (од 1971 г. и покраинската), и тие надлежности биле крупни, посебно кога станува збор за инвестициите. Сојузниот општ инвестициски фонд е укинат во 1963, но останало финансирањето на неразвиените области, кон што тешко може да се приговори во смисла дека тоа е нешто специфично тоталитарно (споредлива институција постои во многу земји, па дури и во ЕУ). Се разбира дека тоа економско уредување било многу комплексно, дека не било ефикасно, иако токму сложеноста е нетипична карактеристика за тоталитаризмот. Тоа не значи дека пазарот бил онаков каков што го опишал А. Смит (A. Smith); напротив, било лесно да се утврди дека пазарот бил многу несовршен. Но, бил сосем поинаков од тоталитарното стопанство со кое владее командното одлучување, а парите не играат регулаторна улога и улога на поврзување. На пример, таква економија имал Советскиот сојуз, каде што се работело според т.н. „хозрасчот“ и каде што приходот на претпријатијата сочинувал дел од буџетот на државата.

Посебно треба да се напомене дека истражувањето на економијата било сосема отворено за странските научници, заинтересираи за нејзино проучување. Таа отвореност исто така укажува на отсуство на тоталитарост.

Медиумски монопол

За медиумскиот монопол исто така може надолго да се расправа. Дали во медиумите биле дозволени отстапувања од комунистичкото „едноумие“ како што се нарекувало тоа? Секако дека може да се тврди дека културниот живот бил богат, се печателе книги, се играле театарски претстави кои не биле на иста линија со комунистичките ставови. Кај весниците анализата би барала повеќе труд и внимание, иако секако би наишле на јасни меѓурепублички-покраински разлики.

Токму затоа на прашањето ќе му се приближиме можеби од најчувствителниот агол. За одредување на тоталитаризмот е многу значаен односот кон верските заедници, бидејќи тоталитарната идеологија ги исклучува другите светогледи со апсолутни вредности и организацијата врзана со нив (Фридрих и Бжежински, 247-273). Ни Југославија во тој поглед не била пример за почитување на верските слободи. Па сепак, дали била тоталитарна? Законодавството што е прифатено во 1970-те во републиките и покраините (станува збор за нивните надлежности) дозволува регистрација на верски заедници без какви било содржински услови при регистрацијата. Бројот на верските заедници се зголемил во спротивност со она што треба да му е својствено на тоталитаризмот (Фридрих и Бжежински, 247-263).

Во однос на верските весници, кои на тој технолошко-развоен степен биле од централно медиумско значење, можно е да се утврди дека во 1950 година имало 7 весници коишто ги издавале „црковните организации“ (Статистички билтен 10, 1950, стр.10), па 65 со заеднички тираж од 3.591.000 (Статистички билтен СЗС 667, стр. 64 и 66), а во 1987 г. „верските здруженија, организации и цркви“ издавале 99 весници со тираж над 3.700.000 примероци (Статистички билтен СЗС, 1988, XVI). (Статистичката служба не ги евидентира непродадените и нераспределените весници).

Покрај тоа, верските субјекти издавале и бројни периодични и други публикации, особено со помош на рото-печатењето, што не е статистички евидентирано. Тоа значи дека не само што верскиот печат бил достапен, туку и граѓанството можело да биде под големо информативно влијание на верските заедници, во средиштето на комунистичкиот период, далеку од знаци за распад на режимот и државата, додека сè уште постоела моќната сојузна УДБА. Тоа присуство и активност на верските субјекти на медиумската сцена јасно ја негира можноста за медиумска тоталитарност, бидејќи, всушност, од комунизмот најоддалечените идеолошки опции имале добри можности за медиумско делување. Може, секако, да се тврди дека така не било цело време во текот на Титовата Југославија и дека верските заедници немале секогаш такви можности. Сепак, популизмот на верските заедници длабоко навлегол во медиумското подрачје уште од 1960-те години. Притоа, можно е верските весници да не можеле да се пробијат до државните трафики за весници, но не е забележано дали поштата одбила такви пратки.

Секако, тоа не значи дека немало други ограничувања, како за медиумите, така и за верските заедници и дека немало арбитрарни забрани на одредени броеви на весниците и санкции кон авторите и уредниците. Сепак, јасно е дека не станувало збор за монолитен идеолошки медиумски блок. Граѓаните имале пристап до верскиот печат, па и во шарениот избор во неговите рамки. (Тоа е во целост спротивно со состојбата во тогашниот Советски сојуз, каде што сè до 1990 година во целата огромна држава излегувал само Журнал на Московската православна патријаршија).

Останато

Да споменеме уште неколку прашања кои се наметнуваат. Во тоталитарната диктатура, според Фридрих и Бжежински, ниските функционери се само Lietenants (пониски офицери, „посилни“) (1952,22), еден вид слуги, помошници во неупатеното извршување на наредбите на диктаторот. Тие немаат никаква самостојна надлежност, а политичката власт не се заснова на меѓусебна рамнотежа и ограничување. Овде исто така не можеме да тврдиме дека Титовата Југославија била модел на систем со поделба на власта. Па сепак, кај Тито постоел еден институционален карактер кој трајно и коренито спречувал неговата власт да стане неограничена. Тоа било федералното уредување. Дали тоа било само украс на тоталитарната власт? За тоа може да се расправа, имаше и сè уште ќе има расправи на таа тема, но денес е очигледно дека заговарањата на републичко-покраинските интереси биле константни, на еден системски начин барем од 1950-те години (а Веселинов плачеше над судбината на војводинските паори /селани/ на седницата на раководството на Комунистичката партија уште пред тоа), што водело до изразени, не само кавги, туку и до латентни дезинтеграциски тенденции и кризи, кои ќе доведат до нужен распад. Веќе во 1962 година, на седницата на Извршниот комитет на КПЈ, оценувајќи ги расправите, во текот на седницата на која се прифатени разни земјоделски мерки, при демонстративно напуштање на сојузното собрание од страна на делегатите на една федерална единица (Словенија), самиот Тито изјавил: „Какви се тие расправи! Дојде време човек да се запраша дали нашата држава е навистина способна да опстане, а да не распадне?“. Toa фрла одредено светло на степенот на интеграција во Југославија, како и на односот внатре во водечката структура, каде што секој влечел ’на своја страна’, и покрај тоа што тие расправи често се одвивале далеку од очите на јавноста.

Споменатите зборови не се зборови на некој тоталитарен диктатор, вдахновен со својата идеолошка или лична мисија, туку зборови на загрижен водач. А тоа, секако, не зборува за ситуација на тоталитаризам. И тука се работи за 1962 година, што е повеќе од една деценија пред дефинитивното уредување на Југославија, каква што и ќе ја дочека смртта на својот основач (со Уставот од 1974 година, републиките се дефинирани како држави и дополнети со министерства за надворешни работи и одбрана). И ова се случува пред значајните служби за разузнавање да се ’осамостојат’ (по падот на Ранковиќ во 1966 година, тие почнуваат да дејствуваат доста самостојно, така што, на пример, после случувањата во Великовец не се повикуваат на одговорност пред централните, сојузни власти, иако за тоталитарните држави карактеристично е дека per definitionem се централизирани, а репресивните сили се непосредно подредени на диктаторот, Ф & Б, 10, 31, 35 фф).

Се наметнува уште едно прашање кое во литературата се наведува како елемент на тоталитаризмот, а поради кое би можело да се тврди дека Титовата власт била тоталитарна. Тоа е тврдењето дека тој правел ’чистки’, и дека било потребно само да ’трепне’ за да биде сменет некој комунистички водач, што било карактеристично за тоталитаризмот (Фридрих и Бжежински, 25, 34, 36, Арент 389-459). Денес знаеме дека тој систем не функционирал така, секако не по 1960 г., и дека Титовото отстранување на водачите не било производ на неговата хировитост својствена за деспотите:

• Словенечкото републичко раководство го одбранило Кардељ, кој останал негов ’најблизок соработник’ сè до својата смрт и ’архитект на уставноста’. Имено, во 1962 година, Тито сакал да го смени Кардељ, и го изолирал, но словенечкото водство со својот единствен настап го одбранило (Матуновиќ, 2001; Пирјевиќ, 2011, 460),

• Титовото отстранување на хрватското републичко водство (Савка Дабчевиќ, Мико Трипало) дошло после неколку големи немири меѓу хрватската младина, кога на раководството случувањата му се ’извлекле од контрола’, а не кога тоа раководство покренало расправа за националното прашање, можеби дури и на пристрасен начин,

• Српското раководство од 1972, дури после долгите расправи со Тито, кога едногласно се спротивставиле на отпуштањето на осум професори на Белградскиот универзитет, кои му се „спротивставиле на Тито“ и неговото владеење, означувајќи го како ’харизмократично’ (Симиќ 2009, 297-337; Никезиќ, 2003).

Во нашиот случај тешко е да се докаже дека, според Х. Арент, оригиналниот извор, општествената основа и причината за тоталитарната власт е народот, масата, кој има латентна ксенофобична тенденција во него (305-479), иако според Жупанов (1969), може да се докаже дека кај работниците преовладува авторитарна и егалитарна свест, а таа, според Адорно, на пример (1950), е најдлабок извор на тоталитаризам.

Многу е тешко да се анализира владеачката идеологија од агол на нејзината претпоставена тоталитарна природа. Фридрих и Бжежински тврдат дека во Советскиот сојуз идеологијата на пролетаријатот го заменила она што во демократското општество ѝ припаѓа на нацијата (1956, 77).

Сепак, без длабока анализа наоѓаме дека во идеолошките текстови од тоа време секогаш се зборува за ’работничките класи на нашите народи’ и дури и ’народности’, а самиот Тито не пропуштал да говори за ’братство и единство’ на нашите народи. Секако, апстрактниот есхатолошки поим на пролетаријатот не ги надоместил етничките групи. Напротив, сите увиди укажуваат дека врз приматот на оваа категорија, сите сојузни раководства секогаш биле формирани земајќи ја предвид повеќенационалноста, од што произлегол дури и принципот на републичко-покраински паритет, кој можеби ја спречувал ефикасноста на рационалното одлучување. Вистина е исто така дека народите до крајот не го заменија многу почитуваниот пролетаријат.

Читајќи ја официјалната идеолошка литература од тоа време, често се стигнува до тврдења како што се ’дека социјализмот всушност потполно ги афирмира нациите’, дека ’наводниот интернационализам’ всушност е ’лажен авангардизам’, (Резолуција на Осмиот конгес на СКЈ, Осми когрес ЗКЈ, 1964, 167), или, пак, дека внатре во Југославија имало ’почитување на националната сувереност и рамноправност’... ’основен услов’... ’за соработката меѓу републиките’ (Резолуција на Деветиот конгрес на СКЈ, Деветти конгрес на ЗКЈ, 1969, 119) – што можеме да го сфатиме и како оценка за недостаток од соработка, но и доказ за тоа дека републиките соработувале како суверени ентитети. Овде се обидуваме да нагласиме дека оваа идеологија не произлегла од некој југословенски есенцијализам или од изворноста на сојузната држава, што би била логична претпоставка за тоталитарната власт во неа (ако некој мисли дека комунистите својата идеологија не ја сфаќале сериозно, нека го погледне Јовиќ, 2009).

Во врска со горенаведеното, Х. Арент споменува дека тоталитаризмот го дроби, атомизира општеството, создавајќи или одржувајќи аморфна пасивна маса, а не структури. Арато ја изразува истата мисла со тоа што тврди дека тоталитарните уредувања ги уништуваат институциите, додека авторитарните уредувања се потпирааат на нив, што особено важи за ’репресивното право’ (Арато, 2002. 486). Навистина, Арент во таа смисла му се спротивставува на Ленин – кој работи на конституирањето на нацијата – и на Сталин, кој нејзе ја ’атомизираше’ (305= 479). Секако, владеењето на Тито, иако узорно не го поттикнувало формирањето граѓанско општество, ја охрабрувало, а дури може и да се каже дека и арбитрарно ја октроирало институционализацијата на републиките и покраините (иако овој автор тоа не би го критикувал во ниеден случај), а имало и многу други институции и квази-институции, па ’богатството’ на институциите попримило и гротескни димензии (степени на организација на ’здружениот труд’, самоуправни заедници од интерес со своите собранија, совет на федерацијата, совети на републиките и покраините).

Заклучок

Значи, Уставниот суд на Република Словенија не го докажа она што не можеше да се докаже: дека државата на Тито била тоталитарна, без резерви и постојано, иако овој автор не негира дека имала такви елементи, можеби во преовладувачка мера до средината на 1960-те години, и тоа ако оваа држава сакаме да ја судиме строго. На кој политички тип му припаѓаше таа држава? Наведено е дека не можеме едноставно да ја сместиме меѓу авторитарните. Линз и Степан, уважени политиколози во проучувањето на транзицијата во демократското општество, во свој класичен труд со почитување наведуваат дека ’теоретичарите на демократијата ја сместуваат Југославија во поинаква категорија, во споредба со другите комунистички системи, бидејќи тие верувале (авторите) дека работничкото самоуправување е облик на демократија и дека таа може да се развива позитивно ’ (1996, 238). Но, Линз и Степан избегнале систематски да се посветат на разгледување на Југославија, односно на постјугословенските држави во посебно поглавје, што го направиле со останатите држави во поглед на транзицијата од не-демократија во демократија, проучувајќи ја динамиката на тој процес. Така не постапиле случајно и секако тоа не го направиле поради неинтересноста на темата. Југославија е многу тешко да се смести во некој од познатите типови, посебно поради тоа што нејзиниот распад бил долготраен процес, кој го спречил формирањето на изразен тип политички систем со јасно недвосмислени својства.

Особено уредувањето според Уставот од 1974 година вреди да се разгледува како институционализација која требала да почне да функционира дури по смртта на основачот. Денес знаеме дека тоа бил сосема неуспешен обид и распоред на раководни позиции, ништо слично на checks and balances кои се причината зошто САД го преживеаја столетието.

Нема да се зафатам со проблемот на соодветноста на примената на пропорционалноста во разгледувањето на Уставниот суд, кој не сака Титовото име да го подложи на таква постапка на уставно-судско разгледување, иако таа постапка има општо важење во работата на уставното судство, особено во Европскиот суд за човекови права. Ќе се запрашате: дали се доволни делата на Тито за афирмација на Словенија, нејзиното формирање како република во рамките на Југославија, како колепка на нејзината државност до 1991 година, афирмацијата на жената (еманципација на жената, гласачко право, влијанието на жената на значајните политички позиции), зголемување на територијата на Словенија, модернизација. Конечно, ако се послужиме со методот на Уставниот суд, кој се повикува, кога станува збор за словенечката реалност, само на правните акти: Уставот на СФРЈ и Уставот на СР Словенија содржеа и одредба за право на работа (Член 159 Устав СФРЈ од 1974). Каде е тоа право во денешниот устав и во денешното законодавство? А каде е во реалноста? Нема да тврдиме, како Уставниот суд, дека уставниот текст е општествена реалност, но споменатата одредба од Уставот од 1974 година не била без никаква врска со реалноста. Невработеноста во Словенија била непостоечка во времето на Тито и токму затоа одредбата за правото на работа не можеме да ја означиме како празен правнички вербализам. Ќе споменеме само едно од многубројните истражувања на јавното мислење во Словенија по тоа прашање. Во 2005 година, на словенечки репрезентативен примерок, 61% од испитаниците изјавиле дека во периодот меѓу крајот на Втората светска војна и 1990 година имало ’многу добри и многу лоши работи’, 22% сметаат дека тоа било ’време на напредок и добар живот’, а неполни 6% сметаат дека станува збор за ’период на страв и репресија’ (Н.Тош/ур./ 2009, 216).

Пресудата на Уставниот суд не е оправдана, не е основана и не е легитимна. Пред сè, бидејќи без основа ги користи политичките вредносни судови и ненаучно ги применува, што доведува до погрешен заклучок. Quod erat demonstrandum. Во суштина, се работи за погледи на Уставниот суд кои се обид за вештачко менување на историските сеќавања на Словенците и Словенките.

Референци

Accetto, M. 2007. On law and politics in federal balance: lessons from Yugoslavia, Review of Central and East European Law, 32, 191-231.
Adorno, T. idr. 1950. The Authoritarian Personality. New York: Harper.
Arato, A. 2002. Dictatorship before and after totalitarianism, Social Research, 69, 473-501.
Arendt, H. (1961). The Origins of Totalitarianism. London: Allen and Unwin.
Chowdhury, A.R., Stollar, A. J. (1990). Money in the Yugoslavian Economy. Journal of Post-Keynesian Economics, 12 (4), 636-646.
D’Andrea Tyson.1967. A permanent income hypothesis for the Yugoslav firm, Economica, 44, 393-408.
Deveti kongres ZKJ. 1969. Beograd: ČZP Komunist.
Dirlam, J. in Plummer, J. (1972). (1972, An Introduction to the Yugoslav Economy, Columbus, OH: Merryl.
Friedrich, C. in Brzezinski, Z. (1956): Totalitarian Dictatorship and Autocracy. Cambridge, MA: HUP.
Estrin, S. (1982). The impact of selfmangement on Yugoslav economic growth, Soviet Studies, 34, 1982, 67-85.
Flakierski, H. 1988. Economic System and Income Distribution in Yugoslavia. London: M.E. Sharpe.
Furbotn, E. 1971. Toward a dynamic model of the Yugoslav firm, Canadian Journal of Economics, 4, 182-197
Goodin, R.E. in Klingemann, P. (1998). New Handbook of Political Science, NY: OUP.
Jović, D. 2009. Yugoslavia: A State that Withered Away. Lafayette: Purdue UP.
Končar, R. i Boarov, D. 2011. Stevan Doronjski: odbrana autonomije. Novi Sad: Muzej Vojvodine.
Lefort, C. 1988. Democracy and Political Theory. Minneapolis, MI: UMP.
Linz, J. in Stepan, A. 1996. Problems of democratic transition and consolidation: Southern Europe, South America, and post-communist Europe. Baltimore, MD: Johns Hopkins Press.
Marschak, T. (1968.) Centralized vs. decentralized allocation of resouces: the Yugoslav laboratory, The Quarterly Journal of Economics, 1968, 82, 561-87.
Matunović, A. 2001. Enigma Broz. Ko ste vi druže Tito? Beograd: Čigoja.
Nikezić, M. 2003. Srpska krhka vertikala. Beograd: Helsinški odbor za ljudska prava.
Osmi kongres zveze komunistov Jugoslavije. Ljubljana: ČZP Komunist.
Pirjevec, J. 2011. Tito in tovariši. Ljubljana: Cankarjeva založba.
Popović, M. (ur.) 1999: Početak kraja SFRJ, stenogram sednice Izvršnog komiteta centralnog komiteta SKJ, 14-16. marta 1962. Beograd: Arhiv Jugoslavije.
Rusinow, D. (1967). Understanding Yugoslav Reforms, The World Today, 23, 71.
Simić, P.2009. Tito – tajna veka. Beograd: Novosti.
Statistički bilten. Beograd: Savezni zavod za statistiku, št. XVI, 10, 667.
Toš, N. (ur.) (2009). Vrednote v predhodu. Slovensko javno mnenje III. Ljubljana: Fakulteta za družbene vede.
Smelser, N. in Baltes, P. (ur.) (2001): Encyclopedia of Social and Behavioral Sciences, Amsterdam: Elsevier.
Vanek, J. (1963). Yugoslav economic growth and its conditions, American Economic Review, LIII, 556-572.
Ward, B. 1965. The nationalized firm in Yugoslavia, American Economic Review, LV, 65-74.


Извор: Mladina, 17.02.2012, печатено издание

Слики: Брет Ејмори

ОкоБоли главаВицФото