ДНК и националниот карактер

29.02.2012 16:14
ДНК и националниот карактер

На прагот на претседателските избори, Андреј Кончаловски на својот блог објави прилично долг пост на доста стара тема, за тоа како Русија, поради мрачниот карактер на народот насобран под нејзиното крило, сè уште не е подготвена за демократија. „Руското општество не е спремно за таква сериозна трансформација, тоа не е подготвено за демократија“, пишува тој.

А понатаму доаѓат потсетувања, со цитати од Соловјов, Струјев, Кључевски, Плеханов, на тоа дека „стремежот на поединецот да ја развива својата сопствена ’вредност и делотворност’ е одлика на човекот од западното општество, кое е засновано на индивидуализам“, а дека во свеста на рускиот човек кој излегол од тесноградите селски заедници „поединецот немилосрдно се гуши“, и токму затоа тој е „неодговорен и секогаш склон кон паразитирање“.

Јас сум по природа исто така песимистка, но не сум демотиватор. Едно е да го гледате светот низ малку потемни очила, а друго е да ги наговарате сите останати и тие да ги користат истите стакла. Јас не сакам да демотивирам луѓе. Со таа работа не се занимавам.

И затоа, секојпат кога ќе ја слушнам онаа длабокоумна реченица со повик на древните времиња, „уште од кнезот Игор“, за тоа како рускиот народ е единствениот народ на светот кој, кутриот, до таа мерка е осакатен што не е подобен за демократија, мене на ум веднаш ми паѓа следново прашање: а што воопшто ние, така кутри и неуки, може да направиме по тоа прашање? Како, така сакати, да се подготвиме за таа – како што веќе ја нарекуваат – демократија?

Во една прилика разговарав со грузискиот опозиционер Давид Успашвили. И макар што тој во Грузија важи за еден од најумерените и најразумните противници на актуелната власт, единственото со кое се занимаваше за време на нашиот разговор беше немилосрдното клеветење на Саакашвили. Не издржав да не го прашам: „Па, зарем ништо добро не ви донесе власта на Саакашвили? Еве на пример, корупцијата во полицијата е сосема искоренета“. На тоа Давид жестоко извика: „Тоа не е заслуга на Саакашвили! Тоа е заслуга на целиот грузиски народ!“ Само едно нешто остана нејасно: што чекаше досега грузискиот народ? Зашто не заврши со корупцијата уште во времето на Шеварднадзе?

Воопшто немам намера да одрекувам дека навистина постои нешто што се нарекува национален карактер. Не сакам да се спротиставувам на фактот дека националниот карактер на некој Англичанец кој што го основал Плумут или, да речеме, Шангај и веднаш на лице место вовел градска самоуправа, во корен се разликува од карактерот на некој Кинез кој не ни сонувал нешто такво како градска самоуправа. Тој го знаел само тоа дека, уште од древното време на Јао и Шун, со градот можат да управуват исклучиво само чиновници.

На ова место нам, некако каприциозно, ни се наметнува многу просто прашање: од што зависи националниот карактер? Можеби постои некаков генетски код одговорен за националниот карактер, кој на секој народ посебно му ја дефинира неговата национална ДНК?

Некогаш одамна, на Балканот живееле слободољубиви Грци кои подоцна се претвориле во сервилни Византијци. Дали можеби во текот на илјада години им се променила нивната ДНК? По тој повод можам да ви го кажам следново: благодарение на Плутарх ние денес го знаеме точниот ден, па дури и часот кога ДНК-та на слободољубивите Грци претрпела измени. Благодарение на него ние денес знаеме како Деметриј Полиоркет ја покорил слободна Атина и како на слободните aтињани истот ден великодушно им било предложено дека која било постапка на „гарантот“ Полиокрет мора да се смета за божји чин. Да, на нашиот древен Грк во еден ден му се случила баш таква, епигенетска промена. До вчера, односно до заземањето на Атина, бил слободен, а веќе денес, и понатаму, многу од тоа зависело од група граѓани насобрани под гордото име „Единствена Хелада“. Прашање: дали тој ден на нашиот имагинарен Грк му се променил националниот карактер или, пак, се променил обликот на владеење под кој тој ќе мора да живее?

Или, на пример, плашливите Евреи. О, како тогашните жители на гетото ги презираа и Волтер Скот и Шекспир и многу други, обвинувајќи ги за страшливост. А тогаш Евреите се преселија во Израел и ни ја покажаа својата 1948 година, потоа Шестдневната војна, а потоа и војната на Судниот Ден. Неколку милиони Евреи ги одбиваа нападите на шест арапски држави и сто и педесет милиони Арапи? Што се случило? Да не им се променил генетскиот код за време на преселбата? Или, пак, само им се изменија државните услови? Бидејќи ако шпанскиот хидалго имаше обичај поради гордиот еврејски отпор до земја да спали цело гето, тогаш станува разбирливо и зашто било тешко да се пружи тој отпор.

И уште еден пример. Во 17-от век на тлото на Европа живееше народ склон кон бучно пијанчење и познат по својата мрзеливост и неодговорност. Припадниците на тој народ се викаа – Германци. А тогаш Фридрих Велики во 18-от век построи дел од тој народ во една држава со име Прусија, а во нивниот секојдневен живот воведе најстрога бирократска регулатива. Во 18-от век во Европа многу ретко можело да се чуе реченицата „германски ред“, а многу почесто – „пруски ред“. А тогаш канцеларот Бизмарк ја обедини Германија, и „прускиот ред“ одеднаш стана „германски“. Прочитајте ја Песната за Нибелунзите или Симплицисимус на Гримелсхаузен, и обидете се во групниот портрет на Триесетгодишната војна на Хиеронимус Бош да пронајдете барем една реченица која би ве потсетила на ред и поредок. Изгледа дека националниот карактер на Прусите ненадејно се променил токму на денот на доаѓањето на Фридрих Велики на престолот.

Или Северна и Јужна Кореја. Дали во нив живеат луѓе со различен национален карактер? То ест, дали е доволно оние од Северна Кореја малку повеќе да се потрудат, па и тие да живеат исто толку добро како оние од Јужна?
Во Кина за време на Мао Це Тунг од глад умреа 60 милиони луѓе. А во современа Кина, во последните 20 години 400 милиони луѓе излегоа од мракот на најдлабоката сиромаштија. Дали кај нив се промени националниот карактер? Како што умре Мао, така кај Кинезите се измени националниот карактер.

Пред десет години, во Пекинг сите тротоари беа исплукани до таа мерка што од плуканици не можеше да се помине, а на улиците во Сингапур – ниту една плуканица. Дали причината за тоа е различниот национален карактер на сингапурските Кинези? Или, пак, со доаѓањето на Ли Куан Јуа на власт, кај сингапурските Кинези одеднаш се промени оној дел од ДНК-та кој е одговорен за плукање по улица, а што повторно, на сосема чуден начин се поклопи со воведувањето казна од 200 долари за секое исплукување?

Неспорно е дека националниот карактер постои. Тој постои дури и кај мајмуните, зашто етолозите со своите истражувања докажаа дека шимпанзата се од различни племиња, во зависност од тоа на кое племе припаѓаат, различно се однесуваат. Грубо речено, нивното однесување зависи од однесувањето на нивниот водач. Ако водачот е зол, целиот чопор е зол. А однесувањето на водачот во прв ред зависи од однесувањето на неговиот претходник. Ако претходникот бил подлец, тогаш најчесто и новиот водач на чопорот е исто така подлец.

И макар што тоа звучи парадоксално, но јас се сложувам со Андреј Кончаловски во една од неговите констатации. Јас исто така мислам дека Русија не е спремна за демократија, зашто ако под демократија се смета исклучиво општото право на глас, тогаш ниту една земја на светот не е спремна за демократија. Дури, (а што според мене би требало да биде тема на некој друг, крајно сериозен блог пост), сметам дека сме сведоци на епоха во која идејата за општо право на глас (universal suffrage), како и идејата „волјата на народот“, историски стануваат сè помалку убедливи.

Но, како што напоменав на почетокот, овде се потегнува едно сосема друго прашање кое гласи: како ние, бедни, несреќни, толку длабоко „феудални“, на крај да се промениме?

Одговорот е сосема очигледен. Постојат различни начини со кои може да се промени националниот карактер, но од кога постои светот и векот, почнувајќи од времето на првите организирани чопори на шимпанза, еден од најефикасните начини на промена на карактерот на народот бил промена на карактерот на власта, т.е промена на системот на владеење.

Ќе го поткрепам ова свое мислење со еден мал пример од мојот личен живот. Бев уште мала, кога јас и мојот врсник, петгодишниот Антон Носик (ние се дружиме веќе 40 години) летувавме со нашите родители во Крим. Во близина имаше извор преполн со искршено стакло и кога јас и мојот мал другар видовме неколку цели шишиња, воодушевени и со занес започнавме да ги кршиме и да ги фрламе во изворот. „Што правите?!“, строго и многу гласно нè прекорија родителите. Истиот момент трудољубиво започнавме да го собираме скршеното стакло и да го изнесуваме од изворот. После некое време изворот беше целосно исчистен од стакла.

Јас, секако, знам дека мотивацијата кај возрасните и мотивацијата кај децата се разликува, но во последно време, кога и да се најдам во Грузија и кога ги гледам нивните полицајци, секогаш се сеќавам на тој извор и скршените стакла. Денес во Грузија полицајците не се корумпирани зашто им се големи платите, зашто се плашат од високи казни и затоа што оној кој прима мито ќе биде неизоставно обвинет и така ќе ги изгуби сите социјални бенефиции кои му ги гарантира неговата професија. Не е случајно што главниот на грузиското МВР има седиште во зградата на патролната, а не на криминалната полиција. Што се однесува до митото, за секоја полиција на светот, патролната полиција е секогаш најкритичното место. Но, јас сакам да го свртам вниманието на нешто сосема друго. Денешниот грузиски полицаец се гордее со тоа што е неподмитлив. А пред шест години тој (поточно тој што беше избркан од полицијата) крадеше автомобили, тргуваше со дрога и киднапираше луѓе. Тогаш тој се гордееше со тоа. Тој, патролирајќи по градот, уживаше што луѓето му се плашат, што сите по ред му ги лижат обувките и што може да влезе во која било продавница или занаетска работилница во својот кварт и таму да побара бесплатна услуга. На денешниот полицаец не му треба тој вид на задоволство. Тој ужива токму во тоа што ѝ припаѓа на полиција на која не ѝ е дозволено да бара бесплатни услуги. Кратко речено, му се променил националниот карактер.

Сето кажано нè носи до два заклучока. Првиот е дека сите расправи за тоа дека власта не треба да се менува, туку дека треба да се почне од себе, дека треба духовно да се развиваме, морално да растеме и слично на тоа – сè тоа е најобично фарисејство. Тоа што треба да се менува е секогаш власта. Стадото го следи водачот и затоа да стоиш пред станбената задруга Езеро во која сите задругари се двоцифрени доларски милјардери и во исто време да велиш дека за фалсификување на изборите е одговорна таму некоја си лоша баба, која на изборното место за кое е одговорна самоиницијативно ги преместувала гласачките ливчиња од една кутија во друга, не само што е бесмислено, туку е во голема мерка и неморално. Рибата смрти од главата, Русија од Путин.

Вториот заклучок е дека ние денес стигнавме до оној стадиум кога реформата без револуција е невозможна. Но во исто време треба да се има предвид и тоа дека револуцијата без реформи е бесмислена, а дека реформа – и тоа Реформа со голема почетна буква – е тоа кога државникот – не претседателот, не политичарот, туку Државник исто така со голема почетна буква – сериозно се фаќа за работа и го менува карактерот на нацијата.

Извор: Ежедневный Журнал

Илустрации: Борисыч

That really captures the

That really captures the spirit of it. Thanks for potsnig.

I came, I read this article,

I came, I read this article, I conqerued.

Taking the ovreeviw, this

Taking the ovreeviw, this post hits the spot

ОкоБоли главаВицФото