1027 hPa
70 %
7 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 08:59
Што се однесува до мене, доделувањето на златните Буба мари ми беше подобра од доделувањето на Оскарите. Секоја чест за Били Кристал, ама холивудската реалност не е ни приближно толку холивудска колку што е овдешната фантазморгија. Плус, Били Кристал е среќно женет човек, па не можеше пред аудиториумот ниту да запроси некоја од ѕвездите, ниту да прогласи развод, што, се разбира, влијаеше врз квалитетот на шоуто. И, второ, во публиката во салата на "Кодак" театарот не беше забележена ниту една видна политичка фигура, што самото по себе доволно говори за слабите очекувања од ова шоу.
Наспроти Оскарите, Универзалната сала, каде што се доделуваа златните Буба мари, беше пеполна со позициски и опозициски политичари, со оние што нешто значат и со оние што мислат дека значат, а најмногу со оние што очекуваат дека нешто ќе значат. Како божем да се приближуваат локални избори. За волја на вистината, оној што навистина нешто значи не се појави на приредбата. Премиерот Никола Груевски со тоа покажа дека не е локален политичар, односно дека неговата појава е резервирана само за настани од пошироко локално значење, од типот на асфалтирање на локалната соораќајница што ги поврзува Долно и Горно Парталци. Би отворал тој и автопатишта, ама, ете белја, сите автопатишта биле веќе отворени пред да дојде човекот на власт, па за него не останало ништо. За волја на вистината, стои и онаа теорија дека човекот сакал да се појави меѓу плебсот, ама со оглед дека манифестацијата траела само четири часа не успеал да стигне на време. Кога стасал во Универзалната сала налетал на купишта балони што само му потврдило дека резултатите на неговата политика се прилично видливи и без неговото присуство.
Како и да е, Сашко Коцев ја запроси својата идна сопруга пред бројната публика и пред телевизиските камери со што го запечати новиот обичај браковите да се склопуваат преку телевизија. Овој нов тренд може да доведе до повеќе последици. Првата е можноста, во недостиг на телевизии што се расположени директно да емитуваат просења невести, драстично да се намали склопувањето брак, а втората, која, за волја на вистината, е многу поверојатна, е дека сите идни младоженци ќе си отворат по една телевизија за да можат успешно да впловат во брачните води. Но, она што е најверојатно е дека ќе се појави телевизија која ќе се специјализира за емитување брачни запросувања. Има тука многу можности за усовршување на информативниот систем. Потоа ќе се појави телевизија што ќе се специјализира само за емитување на купување на пасти за заби, на пример, па ќе можеме да видиме кој каква паста купува, во кои количини и колку време му треба да ја потроши. Па, телевизии за емитување на чистење по дома, па за требење ориз, па за перење чорапи итн. Во секој случај, нè очекува подобра информативна иднина од она што на овој план го живееме сега. Ем ќе добиваме прецизни, објективни и навремени информации, ем сите телевизии на број, ем и опозицијата и позицијата сити.
Во таква една блескава утопија беспретметни ќе станат и преговорите меѓу Владата и Здружението на новинарите на Македонија околу декриминализацијата на клеветата. Додуша, како што сега стојат работите, тие одамна се станати беспредметни. Одамна тука не се знае што е клевета, а што навреда, а уште помалку се знае за што се преговара. Премиерот вели дека клеветата ќе се декриминализира тогаш кога ќе се подигне професионалното ниво на новинарите, па очекувам во следниот период Владата и ЗНМ да преговараат за подигнување на новинарскиот професионализам. Потоа веројатно ќе следат преговори новинарите да не боледуваат повеќе од чир на желудник и гастритис, со што драстично ќе се намали жолчноста во нивните текстови. Некаде кога Сашко Коцев ќе ја води јубилејната 150-та "Златна буба мара" ќе дојдат при крај преговорите околу бојата на чорапите и отстапениот телевизиски простор за некој новинар, со што јасно ќе биде ставено до знаење дека преговорите околу декриминализацијата на клеветата се при крај.
Еве една слика од не толку далечната иднина. Синчето го прашува таткото: "Тато, тато, кој ги прави овие судари?". "Одличните, сине. Одличните.", одговара таткото. Порано ги стимулиравме децата да учат со светлата иднина, а сега со – возачки дозволи! Конечно, стана јасно што значи оној слоган на Владата: "Знаењето е сила, знаењето е моќ". Еве, лично добивам чувство дека Влатко Ѓорчев беше помоќен и повлијателен додека студираше, отколку сега откога дипломира. Ама сега – вози кола. Впечатокот, се разбира, лаже, зашто откога поскапе бензинот, коли ќе можат да возат исклучиво моќните. Значи, одличните. А да наполнат резервоари ќе можат само двојни докторанти од Харвард. Ако во меѓувреме најдат работа. Советот за радио-дифузија веќе сериозно размислува да воведе задолжителни промени во телевизиските програмски шеми: секое полнење на барем половина резервоар од нечиј автомобил директно ќе биде емитувано на телевизија, а гордиот сопственик на автомобилот и бензинот ќе гостува во најгледаните телевизиски емисии, како своевиден доказ за сериозниот просперитет на македонската држава.
Има тука уште многу работи да се кажат, ама потрошив и премногу струја, па сега е време да почнам да се забавувам. Во организација на ЕВН, се разбира.
Извор: globusmagazin.com.mk