Општеството е мрежа, а не хиерархија

01.03.2012 14:02
Општеството е мрежа, а не хиерархија

Најверојатно, нема позлоупотребуван збор во медиумите од зборот „генерација“. Во одреден момент под поимот „генерација“ ги подразбирав претходните десет години, од добро познатата реченица за т.н. „изгубена генерација“; верувам дека тоа беа речиси дваесет години. Сите тие имаат една заедничка работа: постојат само на хартија. Реалноста никогаш не ни подари единствено, материјално, смисловно, со незаборавни импулси, заедничко искуство кое засекогаш би нè одделило од предходните генерации. Очекувавме тоа да се појави, но сеопфатната промена дојде речиси незабележано, во пакет со кабелската телевизија, мобилните телефони, и најмногу од сè, со пристапот до интернет. Дури денес можеме во целост да разбереме колку сè се променило во последниве десет години.

Ние, децата на интернетот, кои израснавме со интернетот и на интернет, ние сме генерацијата која ги менува критериумите за изразот „генерација“ на субверзивен начин. Ние не го искусивме импулсот од реалноста, туку метаморфозата на таа иста реалност. Тоа што нас нè соединува не е единствениот, јасен културен контекст, туку верувањето дека тој контекст е самодефиниран и последица на слободен избор.

Додека го пишувам ова, свесен сум дека ја злоупотребувам заменката „ние“, бидејќи нашето „ние“ е флуидно, испрекинато, замаглено – според старите мерила: привремено. Кога велам „ние“, тоа значи „многумина од нас“. Кога велам „ние сме“ тоа значи „ние сме често“. Зборувам „ние“ само поради можноста воопшто да зборувам за нас.

1. Ние израснавме со интернет и на интернет. Тоа нас нè прави поинакви: тоа е клучната, изненадувачка разлика, толку различна од вашите перспективи: ние не „сурфаме“ и за нас интернетот не е „место“ или „виртуелен простор“. За нас интернетот не е нешто поинакво од реалноста, туку е дел од неа, невидлив, но непрестајно присутен слој вмрежен со физичкото опкружување.

Ние не го користиме интернетот, ние живееме со интернетот и покрај него. Кога би биле приморани да ви го раскажеме нашиот процес на растење, вам, на аналогните, вие би можеле да речете дека, според природата на нештата, во секое наше поединечно искуство, кое нè обликувало, бил присутен интернетот. Создававме пријатели и непријатели онлајн, правевме ливчиња за онлајн тестови, планиравме забави и учење онлајн, се заљубувавме онлајн и раскинувавме онлајн.

Интернетот за нас не е технологија која моравме да ја научиме и која моравме да ја совладаме. Интернетот е процес кој непрестајно се одвива и непрестајно се развива пред нашите очи; со нас и преку нас.

Технологиите настануваат и исчезнуваат, инернет страници се создаваат, растат и потоа пропаѓаат, но интернетот продолжува, бидејќи ние сме интернетот; ние, кои комуницираме меѓусебно на начин кој нам ни е сосема природен, поинтензивен и поефикасен од кога и да е во историјата на човештвото.

Израснати на интернет, ние размислуваме поинаку. Можноста да пронајдеме информација за нас е најосновна работа, исто како што е вашата способност да ја пронајдете железничката станица или поштата во непознат град. Кога нешто сакаме да знаеме – првите симптоми на сипаници, причините за потопувањето на бродот „Естонија“ или зошто сметката за вода изгледа претерана – ние преземаме мерки со сигурност на возач во сателитски наведувано возило. Ние знаеме да ги пронајдеме информациите на голем број места, знаеме како да стигнеме до тие места, знаеме како да ја процениме нивната веродостојност. Научивме да прифаќаме дека наместо еден одговор постојат многу различни одговори, и дека од сите нив треба да ја изградиме најверојатната верзија, а да ги отфрлиме тие кои изгледаат неуверливо. Ние избираме, ние филтрираме, и само ние сме спремни да ја замениме научената информација со нова и подобра, во истиот момент кога таква ќе се појави.

За нас, интернетот е еден вид на надворешна заедничка меморија. Не мораме да ги паметиме непотребните детали: датумите, сумите, формулите, примерите, имињата на улиците, прецизните информации. Доволно е да ја имаме сржта, суштината која ни е потребна за да се обработи информацијата и да се поврзе со други информации. Ако некогаш ни притребаат детали, ќе ги пронајдеме за неколку секунди. Затоа не мораме да бидеме експерти за сè, бидејќи знаеме каде можеме да пронајдеме стручни лица за тоа што не го знаеме, и тоа, токму луѓе на кои можеме да им веруваме. Луѓето кои своето знаење ќе го споделат со нас, не поради профитот, туку поради заедничкото верување дека информацијата постои само во движењето, верувањето дека информацијата сака да биде слободна и дека сите имаме корист од размена на информации. Секој ден: учејќи, работејќи, занимавајќи се со секојдневните прашања. Ние знаеме како да се натпреваруваме и сакаме тоа да го правиме, но нашето натпреварување, нашата страст да бидеме поинакви е изградена на знаење, на можноста да ги преведуваме и обработуваме информациите, не само да имаме монопол врз нив.

2. За нас не е непознато учеството во културата: глобалната култура е камен-темелник на нашиот идентитет, многу поважен од традицијата, историските наративи, општествениот статус, предците, па дури и од јазикот кој го користиме. Од океанот на културните случувања го бираме тоа што најмногу ни одговара; реагираме на нив, ги разгледуваме, мислењата за нив ги поставуваме на сајтови кој постојат токму за таа цел, на кои има препораки за други албуми, за други филмови, филмови или игри кои нам ни се допаѓаат. Некои филмови, серии или видео спотови ги гледаме со колегите и пријателите ширум светот; нашата наклонетост кон некои од нив ја делиме само со мала група на луѓе со кои најверојатно никогаш нема да се сретнеме лице в лице. Поради тоа, чувствуваме како културата во истиот момент станува глобална и индивидуална. Поради тоа нам ни треба слободен пристап до неа.

Ова не значи дека бараме сите производи на културата да ни бидат достапни без надомест, иако нашите умствени производи обично ги праќаме во понатамошна циркулација. Се подразбира дека, и покрај зголемениот број на корисници на технологијата кои професионалниот квалитет на филмовите и музиката им го прават достапен на сите, создавањето бара труд и инвестиција.

Подготвени сме да платиме, но огромната дистрибутерска провизија ни се чини очигледно претерана. Зошто да се плаќа за дистрибуција на информациите каде што таа може лесно и совршено да се копира без никаква загуба во однос на оригиналниот квалитет? Ако добиваме само информација, сакаме цената да биде во сооднос со таа информација. Подготвени сме да платиме и повеќе, но тогаш очекуваме да добиеме и нешто повеќе: интересно пакување, корисен уред, подобар квалитет, можност да го добиеме овде и сега, без чекање за примање информации. Во можност сме да покажеме благодарност, сакаме да го наградиме авторот (бидејќи парите престанаа да бидат во книжен облик од кога станаа низа на броеви на екранот и оттогаш, плаќањето на некој начин, стана симболичен акт на размена која би требала да биде од корист за двете страни), но продажните цели на корпорациите не ни се од никаква важност. Не е наша вина што нивната работа престана да има смисла во традиционалниот облик ниту, пак, што одлучија да ги бранат своите застарени обичаи, наместо да го прифатат предизвикот и да се обидат да ни пружат нешто повеќе од она што можеме да го добиеме бесплатно.

Уште една работа: не сакаме да плаќаме за нашите сеќавања. За филмовите кои нè потсетуваат на детството, за музиката која нè следеше пред десет години: во надворешната меморија на мрежата, тоа се само сеќавања. Да се сеќаваме на нив, да ги разменуваме и да ги развиваме, за нас е исто толку природно како и вашето сеќавање на Казабланка. На интернет наоѓаме филмови кои сме ги гледале како деца, и сега сакаме да им ги покажеме на нашите деца, исто како што вие ни раскажувавте за Црвенкапа и Пепелашка. Дали можете да замислите некој поради тоа да ве обвини за кршење на законот? И нам ни е тоа незамисливо.

3. Навикнавме нашите сметки да се плаќаат автоматски, сè додека цифрата на компјутерот тоа го дозволува; знаеме дека за креирање на банкарска сметка или за промена на мобилната мрежа е доволно само да се пополни еден интернет формулар и потпишаниот договор кој ни го доставува курирската служба; знаеме дека за организирање на пат на другиот крај на Европа со кратка тура низ градот не е потребно повеќе од два часа. Затоа, бидејќи сме корисници на државата сè повеќе нè нервира нејзиниот архаичен интерфејс. Не сфаќаме зошто е неопходно даночната пријава да содржи неколку формулари, од кои главниот има повеќе од сто прашања. Не разбираме зошто мораме да ја пријавуваме промената на живеалиштето ако се преселиме, како локалните власти да не можат да комуницираат меѓусебно и без нашата интервенција – да не ја споменуваме апсурдната потреба воопшто да имаме постојана адреса.

Во нас нема ниту трага од она понизно прифаќање како кај нашите родители кои се убедени дека административните прашања се од огромно значење и дека интеграцијата со државата е нешто што треба да се прослави. Ние го немаме тоа почитување кое би требало да биде засновано на оддалеченоста на осамениот граѓанин и на едвај видливата и величествена висина во која престојува владеачката класа. Нашето мислење за тоа како општествениот поредок би требало да изгледа се разликува од вашето: општеството е мрежа, а не хиерархија. Навикнавме да започнуваме разговор со било кого, професор или естрадна ѕвезда, и немаме потреба за било какви квалификации поврзани со општествениот статус. Успехот на оваа интеракција зависи единствено од тоа дали содржината на нашите пораки ќе биде сметана за доволно значајна за да заслужи одговор. Заблагодарувајќи на соработката и долготрајните препирки низ одбраната на аргументите против критиката, понекогаш имаме чувство дека нашите мислења за некои работи се едноставно подобри решенија – зошто да не очекуваме сериозен дијалог со јавната управа?

Не чувствуваме религиозна стравопочит кон „демократските институции“ во нивниот сегашен облик, не веруваме во нивната аксиоматска улога како што во неа веруваат оние за кои таа иста „демократска институција“ е споменик сама по себе. Нам не ни требаат споменици. Тоа што ни треба е систем кој ќе ги исполни нашите очекувања, систем кој е транспарентен и способен. И научивме дека промената е можна: секој неудобен систем може и неминовно треба да биде сменет со нов, поефикасен, кој ги препознава нашите потреби и ни пружа повеќе можности.

Тоа што ние најмногу го цениме е слободата: слобода на говорот, слобода на пристапот кон информации и културата. Чувствуваме дека интернетот, благодарение на таквата слобода, е таков каков што е, и наша должност е да ја одбраниме таа слобода. Тоа им го должиме на идните генерации, исто колку што им должиме сочувана животна средина.

Можеби тоа сè уште не сме го именувале, можеби не сме биле свесни за тоа во целост, но ми се чини дека тоа што навистина го сакаме е вистинска демократија. Демократија која, можеби, е нешто повеќе од сонот за неа во вашето новинарство.

Пјотр Черски (Piotr Czerski, 1981) е полски писател и поет, соосновач на интернет страницата Towary Zastępcze, каде што ги објавува своите текстови.

Извор: ZEIT ONLINE

Илутрации: Diego Marmolejo

Слични содржини

Општество / Технологија
Технологија
Активизам / Технологија / Екологија / Теорија
Активизам / Свет / Технологија
Технологија

ОкоБоли главаВицФото