Квартовски лаборатории во Трст

02.03.2012 13:51
Квартовски лаборатории во Трст

Квартовски лаборатории во Трст: интерактивни апарати за создавање „места на јавноста“ во „јавниот град“

Елена Марчиџани (Elena Marchigiani) е професорка на катедрата за Планирање на градот на Архитектонскиот факултет при универзитетот во Трст. Преку нејзината соработка со многу општествени јавни установи, студентите имаа прилика да развијат предлог нацрти со кои би се унапредиле јавно отворените простори и опрема. Исто така, овозможено им е дејствување на конкретни интервенции и локални акции во соработка со граѓаните.

Предавање на Елена Марчиџани

Зошто квартовска лабораторија?

Во периодот од 2007 до 2009 г. организиравме неколку работилници во соработка со граѓаните во различни станбени квартови на Трст, под името „Квартовски лаборатории“. Вклучивме студенти од Архитектонскиот факултет во Трст, уметници, станари, локални училишта, здруженија и јавни институции кои дејствуваат на истото подрачје. Работилниците се реализирани како проектни лабораториии во рамките на државното истражување „Јавен град“, чија цел е да изгради насоки за одржлива обнова на градската периферија.

„Јавни градови“, односно станбените населби во кои сè уште главно управуваат јавните институции, се покажааа како идеална околина за промовирање на обидот да се зајакнат локалните заедници, да се поттикнат нови облици на јавни и заеднички акции и просторна регенерација.

Низ уметнички случувања и мали комунални акции, квартовските лаборатории придонесоа за разбирање на поимот „места на јавноста“ и „квалитетен простор“ и нивните значења за градовите. Но, зошто тие поими се воопшто важни за „јавниот град“? Зошто е неопходно да ги разгледуваме заедно со граѓаните и институциите?

„Јавните градови“ како маѓепсан круг

Во „јавните градови“, каде што паѓа реализацијата и довербата во државните модели на помош, често сме соочени со негативното значење или парадоксалниот термин јавно – јавниот простор не настанува низ колективниот аранжман, а граѓанството го доживува како физичко опкружување, опрема или сервиси за кои водат грижа јавните институции. Тој став го поттикнуваат и самите институции, исклучувајќи ги граѓаните од процесот на донесување одлуки и ги спречуваат самите да водат грижа за заедничките простории кои меѓусебно ги делат, но не ги поседуваат.

Новите методи на општествената и просторната ревитализација задолжително мора да го срушат тој маѓепсан круг создаден со јавно управување и оддалечување на граѓанинот (сфатен како пасивен примач на сместување и услуги) од просторот (сведен на потрошен материјал). Процесот на ревитализација би требало да ја измени улогата на граѓанинот од потрошувач во управител во процесите на управување, создавање и придавање значење на постоечките заеднички простории и опрема. Во тој процес потребно е да се разгледа и улогата на јавните институции. Недостатокот на економските и другите ресурси со кои се соочуваат вработените во јавните служби, упатуваат на задолжителна интеграција на различните сектори на дејствување (просторни, општествени, економски...), но и осмислување на проект кој решението нема да го реши само површно, туку и ќе го зајакне локалниот капитал и ќе создаде синергија на делувањето „од долу“ и „од горе“. Почетниот чекор во градската ревитализација е да се препознаат локалните ресурси, односно просторните и општествените потенцијали кои веќе постојат во „јавниот град“.

Искуството на Басалиа

Доколку го префрлиме набљудувањето од државно во европско ниво, Трст може да делува како извонредна лабораторија за иновации на полето на различни модели на социјална помош и грижа за граѓаните. Покрај тоа, се чини дека локалните планери свесно го избегнуваат тоа поле при ревитализацијата на предградијата.

Последните десет години „Агенцијата за здравство“, „Агенцијата за домување“ и „Градскиот завод за социјална помош“ соработуваат со граѓаните во најпроблематичните станбени квартови за да се здружат во различните полиња на дејствување – од одржувањето на станбените згради, заедничките и отворени површини, до социјалната и здравствена грижа. Целта е да се делува рационално со јавната потрошувачка и вообичаените извори на финансирање низ нови начини на управување со јавните служби и нивно фокусирање на специфичните потреби на просторот и луѓето кон кои се обраќаат.

Програмата „Просторот, здравјето и развојот на заедницата“ е започнат во 1998 г., а неговото продолжение, под името „Микрозона“, во 2005 година. Корените на таа програма произлегуваат од искуството со деинституцијализирањето на психијатриски болници кое ги спроведе Франко Басалиа во 1970-те години во Трст. Тоа искуство довело до составување државен закон во 1978 година, но неговата примена отсекогаш била оспорувана. Меѓутоа, за Трст токму тие случувања биле поттик за создавање на систем од мешани станбени служби. Децентрализацијата на службата настанала од уверувањето во тераписката корист од интеграцијата на пациентите во секојдневниот живот, работните и општествените односи.

Поуката од програмата на Басалиаi, „Просторот, здравјето и развојот на заедницата“ и „Микрозона“ се всадени во многу станбени блокови во градот. Граѓаните се повикувани да ги искажат своите потреби, а здруженијата, доброволните организации и работниците кои работат во институциите, сите заедно ги насочуваат своите активности кон подобро разбирање на локалната ситуација, проблемите и потребите.

Поединечни „микрозони“ на тој начин станале вистински „места на јавноста“; центри на заедницата каде што се одвиваат средби и собири на колективи, акции, јавни настани и прослави.

Лабораторија за граѓанска ре-едукација

Италијанскиот архитект и планер, Џанкарло Де Карло, уште во 1970-те години развил проект заснован на интерактивните општествени процеси. Според неговите зборви, секој облик на дејствување бара многу труд и ангажман, секогаш е поинаков и потенцијално бесконечен. Не постои рецепт за остварување на соработката, таа секогаш може одново да се осмисли, учиме од искуството и се трудиме да правиме што е можно помалку грешки, бидејќи во стаува збор за луѓето и нивните соништа.

Целта на „Квартовски лаборатории“ не е само изградба на проект за унапредување на станбениот простор. Сфативме дека мора и самите да се „нурнеме“ во просторот, во разговорите и секојдневните активности на луѓето кои живеат таму за да можеме да го насочиме својот труд кон откривање на вистинските вредности. Низ „Квартовски лаборатории“ се обидовме да го поттикнеме процесот на ре-едукација на локалната заедница, но и на сите посредници меѓу локалната заедница и јавните институции. Тој процес стана многу важен во планирањето на посткапиталистичкиот град.

„Квартовски лаборатории“ не беа организирани според однапред одредени методи – пред нивниот почеток изградивме многу претходни студии, разговаравме со граѓаните и институциите. Утврдивме едноставни правила на однесување: менување на перспективата, односно промена на местото, луѓето и активностите на различни начини; да се даде глас, односно создавањето на процеси и места на интеракција; разменување на знаење и погледи, односно промислување заедно со локалната заедница и остварување на микро-промени, односно визуелизација на новите можности. Низ различни начини на истражување како анкети, прошетки, анализи, интервјуа, видео проекти, работилници и различни случувања, „Квартовски лаборатории“ се обидоа да го прекинат молкот на граѓаните кој најчесто е предизвикан од недовербата во можните промени на вообичаените институционални процеси и да ги претвори во рамноправни соучесници на идната ревитализација на населбата.

Четири работилници

„Квартовски лаборатории“ (КЛ) се организирани во четири градски квартови, во соработка со група уметници од Трст, наречена Група 78, студенти, институции, здруженија на граѓани, граѓани, наставници и ученици од локалните училишта.

Првата „КЛ“ е организирана во Валмаури, голем станбен комплекс со многу отворени простори, кои се непривлечни и несигурни, лошо опремени и тешко достапни. Поголемиот дел од станарите не ги ценат тие простори ниту, пак, ги користат. Патиштата, дворовите, столбовите и рампите се осмислени како функционален простор за брз проток на луѓе, а единствениот простор каде има задржување им припаѓа на програмите „Просторот, здравјето и развојот на заедницата“ и „Микрозони“, но главно се доживува како контактен простор за различни јавни служби. Преобликувањето на Валмаури и неговиот простор бара големи градежни зафати, а надлежните институции немаат намера да ги направат. Тоа беше и целта на „КЛ“, да се дејствува одвнатре и однадвор во самото население за да се пробијат менталните бариери и да се мотивира имагинацијата, за на постоечкиот простор да не се гледа исклучиво низ неговите маани. Се обидовме да ги покажеме предностите од започнувањето на регенерацијата низ многу мали и евтини потези, како сликање на ѕидовите, заедничките прошетки или пренаменување на неискористениот простор во места за одвивање на културните настани.

Вториот простор во кој делувавме беше Сан Џовани, станбен комплекс опкружен со зелени површини и градска шума. Меѓутоа, сите тие зелени површини, траги од историјата и сеќавањата, во моментов не се достапни ниту, пак, видливи. Животот во San Giovanni не е удобен, а пешачењето е отежнато со разни препреки, огради и улици. Иако е без изразени меѓуодноси, во овој кварт постои соживот на различни етнички, културни и возрасни групи од кои секоја има своја сопствена просторија за собири. Целта на „КЛ“ беше да се создадат можности за поврзување на сите тие различни групи, размена на искуства и поединечки приказни во рамките на населението и нивниот простор. Низ тие приказни се обидувавме да изложиме како стојат работите во моментот, но и очекувањата и желбите на граѓаните. „КЛ“ ја претвори населбата во опкружување за игра со главна тема: чудесната историја на паркот. Низ игра се обидовме да оствариме доживување на мрежа зелени површини иако тие сè уште не беа достапни.

Третиот простор беше во Борго Сан Серџо. Иако и таму се случуваа бројни активности во основното училиште, центарот за рекреација, црквата, спортските здруженија, книжарниците, во просториите на програмите „Просторот, здравјето и развојот на заедницата“ и „Микрозона“ меѓу нив не постоеше соработка. Поради недостигот од соработка, квартот делува како збир на различни просторни, општествени или сопственички острови. Најиздвоена е, се разбира, „Куќата на Штрумфовите“, непознато и застрашувачко место, нешто како периферија во рамките на периферијата. Со помош на уметници, учениците на основното училиште направиле збирка на фотографии на сите квартовски центри и местата на собирање. Тој чекор на децата им помогнал да изградат нова ментална мапа на околината и да се ослободат од предрасуди. Студентите на Архитектонскиот факултет заедно со корисниците на „Куќата на Штрумфовите“ реализираа неколку привремени градини за да им се покаже потенцијалот на празниот простор. Студентите помогнаа станарите да го дефинираат заедничкиот план за престојната ревитализација на квартот.

Последната работилница се одржа во квартот Гаризола, каде што главно живеат граѓани на постара возраст кои меѓусебно добро се познаваат, а нивните потреби се веќе јасно утврдени и од страна на работниците од надлежните јавни служби. Програмата „Микрозона“ добро се развива и ги користи отворените простории, а граѓаните изразуваат желба и за понатамошно уредување на заедничките простории и опрема. Разни јавни институции веќе размислуваат за процесот на ревитализирање на квартот Garizzolа како подобро и поевтино решение од заминувањето на овие луѓе во домови за стари луѓе, бидејќи се работи за идеално место за живот на луѓето во поодминати години. „КЛ“ и во четвртиот кварт беше осмислен како стандардна студентска работилница. Студентите на архитектура, урбанизам општествени науки во Трст, Милано и Венеција изработија проектно решение, а граѓаните избраа едно кое потоа ќе ѝ го предложат на градската управа.

Поттик за размислување

Низ искуството со „КЛ“ сфативме дека „местата на јавноста“ настануваат како резултат на ангажманот на многу различни соработници, а не низ дејствување на јавните институции. „КЛ“ беа мали и почетни акции и „инекција за самодоверба“, па сега мораме да ја преземеме одговорноста и да ги исполниме очекувањата.

Меѓутоа, кој ќе ја продолжи започнатата работа? Процесот на создавање нови „места на јавноста“ е долготраен, а стравот од институционализација не е само можен, туку и многу веројатен. Сите вклучени учесници (граѓаните, истражувачите и работниците во јавните институции), мораат на некој начин да станат лаици, да го задржат високото ниво на самосвест за понатамошно развивање на започнатиот дијалог. Потребна е енергијата на сите учесници за резултатите од дијалогот да се силни и продорни.

Извор: Grad POST-kapitalizma

Скулптури: Gerhard Lentink

Слични статии:

Кога истражувањето ќе стане милитантно

Како живее мултитудата?

Правото на град - повеќе од популарен концепт?

Пукнатини вo урбанизмот што го познаваме

Поуката од периферијата на моќта

Одржливо користење, управување и финансирање во градот

Направи сам

Вистинска утопија

Изградбата на утопијата ги поврзува луѓето

Господо архитекти, сакате ли (сè уште) да го спасите светот?

Црвениот план

Ројц – местото каде што транзицијата тргна во спротивен правец

Да знаете само што мислат

Да знаете само што мислат супериорните архитекти за "дамава", не би објавувале вакви смешки. Ама од кај ќе знаете, кога вие сте медиокритети кои незнаат за основните текови на денешната архитектура.

MIW:

Mediocrity Is Wank!

ОкоБоли главаВицФото