Тишина (1)

04.03.2012 14:38
„Тишина“ - песни од Магдалена Хорват

За да ме имаш Немај ме, и имај ме сè дури да те снема
Олга Арбулјевска

I

За да ме имаш Немај ме, и имај ме сè дури да те снема:
приказната на мојот живот, ако не и сечиј.
Ми недостигаш, а тебе (сега веќе) може друг нечиј
збор, поглед или допир. Но тука си, иако те немам.

Или: токму затоа тука што те нема,
твоето име од тишината ечи.
Кој од нас беше Орфеј, речи,
кој е виновен што мракот ни ги зема

сништата – ако беа сништа, или привид?
Ме сакаше еднаш; и јас твоите диви
мисли, тој кислород за кој сè ќе дадев да можам

да го дишам со секоја пора на оваа кожа.
Ама некој од нас застана, се сврте; а казната –
не дознав како можеше да заврши приказната.


II

Не дознав како можеше да заврши приказната.
Се прашуваш ли ти како ми е сега?
Зад куќата имам градина во која бегам
кога од светов ми е доста. Клекнувам и мазната

почва ја распретувам, па повторно ја мазнам.
Грабам грутка земја, ја гмечам, ја стегам;
минутите минуваат, а спарната жега
штури, чрчори и пее. Градината е празна –

освен мене, не ќе видиш никој. Но полна е
звуци што секој ден ги преведувам.
Дрвјата се довикуваат, а јас се убедувам

дека ги разбирам. Тополата вели, Болна е
брезата, нека ѝ помогне некој!
А лек немам.
Што се случи со него, не знам, ни кој го зема.

III

Што се случи со него, не знам, ни кој го зема.
Да ги прашам постојано заборавам.
Ја гледам, право пред мене, корава
на дрвото што полека се суши. Нема

како да му помогнам. Утре ќе ги повикам
брезата да ја исечат. Така е поарно.
Иако може ќе ми се чини нестварно
кога ќе ја нема, со време, ќе се навикнам.

Ми прејде во навика и што зборувам
со тебе без да ме слушаш.
Летово, ти кажав, пак имаше суша,

цикламите свенаа. Прости, се повторувам.
Сега има вода. Имам и цвеќе во вазната.
Не знам благословена ли сум, или сум казнета.

IV

Не знам благословена ли сум, или сум казнета.
Можеби е пострашно желбите
да ти се остварат, одошто не.
Можеби приказнава е испразнета –

но кога ќе замижам, очите ти ги гледам.
Ме гледаат топло, и тажно. Сини.
Ако јас згрешив, извини, не изустив Извини,
мислев не ти е важно, мислев знаеш, штедам

зборови ко да се витамини – небаре преголемо
количество добрина може да ти наштети.
Шшш, еве ги, срните доаѓаат. Ги сетив

по мекиот чекор. Малото или е глувонемо,
или нема страв од никој. А ти,
колку се плашев од тебе, паметиш?

V

Колку се плашев од тебе! Паметиш
колку се тресев штом ќе ме допреше?
Самата мисла Овде си ќе ми го сопреше
здивот. Што сега тоа ќе ми го замени?

Дете ли, детелина со четири листа?
Не знам; ги немам. Во земја потонувам
кога те спомнувам. Ноќе те сонувам,
дење си наоѓам работа: плевам, чистам,

работам во градината. Срните често
доаѓаат, околу боровинките се вртат,
ги брстат. Нека. Можеби ќе из’ртат

повторно скршените гранчиња, лесно
ко што и раната, кога заздравува, пече.
Не ми требаш да те мразам, ми рече.

(продолжува)

Од „Синкаво и други песни“, Македонска реч, 2010

Илустрациите се од Caroline Hwang

Магдалена Хорват (Скопје, 1978) е поет и преведувач. Автор е на книгите „Ова е таа, твојата“ (Македонска реч, 2006) и „Синкаво и други песни“ (Македонска реч, 2010). Нејзината поезија е застапена во неколку антологии, меѓу кои и "Europa és una dona. Europe is a Woman" (на каталонски и англиски; Universitat Autonoma de Barcelona, 2007).

За вториот дел, кликнете овде.

За третиот дел, кликнете овде.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото