Лицето и опачината на афионот

05.03.2012 10:58
Лицето и опачината на афионот

Синот на Хипнос, богот на сонот и Никта, божицата на ноќта, бил Морфеј. Тој бил бог на сонот, оној кој ќе ве помилува со својата сенка, ќе ве пренесе во царството на сновидението, попримајќи облик на кој било друг човек, создавајќи илузии, правејќи секоја ноќ да ви биде поинаква. Морфеј е вашето лице, кое соништата ги обликува по својата желба и инспирација. А како што секое лице има и опачина, тука се и неговите браќа, Фобетор, задолжен за ноќните кошмари и страшните соништа, и Фантас, кој носи фантастични соништа, кои денес би ги нарекле халуцинации. Морфеј, Фобетор и Фантас се натпреварувале секоја вечер и никогаш не се знаело кој и кога ќе надвладее.

Во дамнешната 1804 година, германскиот аптекар Зертинер како да насетувал дека неговото откритие ќе го оживее овој мит. Тој прави опити со опиумот кој се добива од чашката на афионот, создава кисело-базни екстракции, ги пречистува, соединува, кристализира, рекристализира... и конечно прв издвојува една кристална супстанца за која се докажува дека може да ги ублажи сите видови на болка и од која ни се приспива. Во чест на грчкиот бог на сонот, Морфеј, ѝ го дава името морфин. Од тој момент, морфинот станува најбараниот и најделотворниот лек против болки. Колку што станал фален и делотворен, толку бил проколнуван и злоупотребуван. И како што Морфеј имал свое лице, така и морфинот го покажал своето.

Поминаа два века од откритието на Зертинер, а морфинот е и понатаму избор за лек на многу пациенти, но понекогаш ни се чини дека опачината на овој моќен лек успеала да преовладее. Умилното милување на Морфеј, ноќните мори на Фобетор или халуцинациите на Фантас? Кој победил? Или, кој ќе победи?

Со дозвола на власта

Афионот е едногодишно растение, високо до метар и половина. Стеблото му е исправено, или малку разгрането, од кое, ако се прекрши, протекува бел млечен сок. Листовите во долниот дел се на дршки, а во горниот дел виснати и издолжени. Цветовите се крупни (до 10 см), имаат бела, розева или црвена боја, со четири листови, додека плодот е чашка со „круна“ на врвот, а семето е ситно, мрежесто, во бела или сивкаста боја. По боите на цветот и семето се разликуваат повеќе подвидови, од кои само неколку се опијатски. Афионот денес се одгледува слободно, а опиумските видови можат да се одгледуваат само со посебна дозвола на надлежните државни служби и под строг надзор на власта.

Чаурите на афионот содржат преку дваесет различни алкалоиди од френантренски (морфин, кодеин, тебаин...), изохинолиски тип (папаверин, носкапин, нарцеин...). Најзначајни се морфинот (средство против болки) и кодеинот, кој ја спречува сувата кашлица (антитусик). Порано во медицински цели се користел опиумот, а тоа е млечен сок кој на допир со воздухот се згуснува и суши, и кој истекол од исечените недозреани чашки (Papaveris fructus immaturi) на опиумскиот бел афион (Papaveris somniferum var. album), или сродник со црвените, односно розевите цветови. Рецептите велат дека мора да има барем 10 % морфин (Poii standardisatus). Меѓутоа, поради големите злоупотреби како и неможноста да се надгледува, опиумот веќе не се собира, а целокупното издвојување на алкалоидите се врши директно од ожнеаните недозреани чашки.

Камен на бесмртноста

Парацелзус, (почеток на 16 век) го нарекол опиумот камен на бесмртноста. Велат дека го користел редовно и дека, всушност, тој дал рецепт за изработка на тинктур од опиумот, за озогласениот лауданум. Имал само пофални зборови за него, токму затоа го нарекол лауданум, имајќи го во предвид латинскиот збор laudare, што значи пофалба.

Лекарите со задоволство го прифатиле новиот лек кој бил во капки, а е благотворен за болки, тежок облик на пролив, упорна кашлица, неухранетост, душевно растројство и многу други. Лекот е препишуван без стеснувања, а од 18-от век до денес станува редовен придружник и на многу славни лица.

Малку е познато дека Томас Џеферсон, третиот американски претседател, творецот на Декларацијата за независност, бил страствен градинар. Кога го напуштил претседателското место во 1809 година, па сè до својата смрт во 1826 година на имотот Монтичело во Вирџинија, со голема љубов одгледувал овошје, зеленчук, украсни растенија, егзотични видови. Од неговите прецизни градинарски дневници се гледа дека одгледувал и опиумски афион. Историчарите утврдиле дека лауданум почнал да користи поради проблемите со хроничен пролив, а потоа продолжил да го употребува сè до својата смрт.

Лауданумот станува „омилен“ на крајот на 18-от век, а кулминација на употребата (и злоупотребата) настанала во времето на викторијанска Англија. Перси Биш Шели, најпознатиот англиски романтичарски поет, во еден период не можел без лауданум. Шели е маж на познатата писателка, Мери Шели, автор на „Франкенштајн“ за која не се знае најточно дали го користела овој „стимуланс“, но јунаците на нејзините романи уживаат во него. Нивниот голем пријател лорд Бајрон не криел дека опиумот го вдахнува и инспирира. Шарл Бодлер, Артур Рембо, Жан Кокто, Артур Конан Дојл, Луис Карол, Едгар Алан По, Чарлс Дикенс и Џон Китс се само мал дел од големата група уметници кои се инспирирале од лауданот.

Семето не е отровно

Алкалоидите на афионот, дериватите фенантрен, главно дејствуваат на централниот нервен систем предизвикувајќи комбинации на депресивни и стимулативни ефекти. Предизвикуваат анестезија (ублажување на болката), намалување на кашлицата, а влијаат и на отежнато дишење.

Покрај тоа, имаат и патемни дејства, кои се забележуваат во зајакнувањето на затегнатоста на мазните мускулатури, а ги опуштаат попречно пругастите мускули. Наспроти тоа, алкалоидите, деривати на бензилизохинолинот (пред сè, папаверинот) не делуваат на централниот нервен систем, но затоа особено делуваат на мазните мускули. Морфинот е аналгетик, кодеинот е антитусик (средство против надразнето кашлање), папаверинот е смазмолитик (против грчеви во мазните мускули) и се препишува при силни стомачни болки, грчеви во цревата...

Афионовото семе не е отровно, напротив, многу е хранливо и нема опасност дека колач од афион содржи морфин или некој друг алкалоид. Сосема е различно со чашката на афионот. Имено, без оглед дали станува збор за опиумскиот афион или за некој нискоморфински, некоја варијанта за јадење, чашките кои остануваат по вадењето на семето и понатаму имаат мала количина на алкалоид.

Порано во војводинските села се вареле афионови чашки во вода. Добиениот црвеникав „чај“ им се давал на немирните, болежливи или плачливи деца за да им помине стомачната болка или, едноставно, да се успијат. И дејствувало. Не знаејќи дека своите деца ги трујат со опасен морфин, мајките го подготвувале овој напиток, верувајќи дека имаат спасоносно решение. Тоа била вистинската неволја на педесеттите и шеесеттите години на минатиот век.

Австриските шпиони забележале дека секогаш кога Турција се подготвува за војна, се зголемуваат побарувачката за опиум. Цената вртоглаво расте, а сите количини на Ориентот ги откупуваат лиферанти и трговци. Австријците тоа го сфатиле како знак дека Турција ќе тргне во војна. Бидејќи, како што Арапите во текот на освојувањето и војувањето користеле хашиш, се знаело дека турските војници пред битките во храната ставаат опиум. Јуришот на посилниот противник, губењето на стравот, опиеноста, губење на чувството за болка, ги правело војниците бестрашни и помоќни од непријателот. Ова е делумно точно, бидејќи умерената доза на морфин низ опиумот доведува до еуфорија, отсуство на грижи, неконтролиран тек на мислите, чувството за време и место исчезнува, а моралните норми како стравот, болката и сомнежот наеднаш ги снемува. Меѓутоа, неволјата е тоа што малку поголема доза (или помала толеранција) доведува до опиеност, тромавост, дезориентираност, а кај поединци може да доведе и до апатија, намалување на физичката подготвеност, заматување на видот, а таквиот војник не вреди...

Војни

По Втората светска војна, законите кои се занимавале со одгледувањето на опиумскиот афион, производството на опиум, издвојувањето на морфин, како и производството на опијати се сè построги. Денес се применуваат одредбите на Конвенцијата за наркотични дроги на Обединетите нации и на Светската здравствена операција, кои мошне строго ја надгледуваат оваа област. Токму затоа се ретки легалните одгледувачи на опиумски афион, а илегалните производители, криумчарите и останатите прекршувачи на законот се под уште построг удар на полицијата за борба против наркоманијата.

Афионот потекнува од источниот дел на Средоземјето и Мала Азија. Го познавале старите цивилизации – Сумерите, Асирците и Еѓипјаните. Хипокрит (грчка цивилизација), Гален (римски лекар и апотекар), Авицен (арапски лекар), сите ја величат неговата моќ. Се одгледува над 6000 години, а првите пишани документи за неговото одгледување потекнуваат од Кина, каде што е одгледуван уште пред нашата ера. Сè до 12 или 13 век, се користело исклучиво семето на афионот, и тоа за исхрана.Тогаш била откриена и онаа другата, мрачната страна на ова растение. Се појавуваат и пушачи на опиум. Потребата за сиров опиум расте. Криумчарењето цветало, а најголем интерес и придонес кон тоа имале трговците и морнарите, а тоа биле Англичаните и Холанѓаните. Проблемите со наркоманијата, или како што тогаш го нарекувале, опиумското прашање, станувало сè поголемо.

Кулминацијата ќе се случи во 1839 година, кога поради прекумерна употреба на опиумот умира синот на кинескиот цар. Дворот наредува сите количини на опиум кои ќе се најдат во Кантон (единственото кинеско пристаниште кое остварувало трговски врски со Европа) да се запленат и уништат и да се забрани увозот на опијати од Англија и други земји. Бидејќи поголемиот дел од уништениот опиум бил во сопственост на Англичани, дошло до двегодишна крвава војна меѓу Англија и Кина, предводена од британската Источноиндиска компанија (имала најголем интерес во трговијата со опиум). Војната ќе се заврши со пораз на Кина во 1842 година, а со мировниот договор во Нанкинг, Англичаните ќе го добијат пристаништето во Хонгконг. Кина дополнително е обврзана да отвори уште пет пристаништа во кои ќе се истовара опиум. И покрај сето ова, мора да плати огромна оштета за сиот уништен опиум. Со тоа пропаднал првиот обид на една држава да ја забрани оваа чума.

Уништување

Ниту вториот обид на Кина да му застане на патот на сè попогубното делување на опиумот не бил успешен. Втората опиумска војна се водела од 1857 година до 1860 година, со тоа што сега од другата страна се Англија, Франција и САД. Кинезите повторно ќе бидат губитници, а мировниот договор ќе ги обврзе на уште поголемо понижување.

Таа 1860 година ќе биде запомнета по најголемата кражба и уништување на културното наследство на една земја. До темел е разрушен и до последно парче е ограбен летниот дворец на кинескиот цар, познатиот Јуан Минг Јуан. Хроничарите забележале дека толку количини уништено и ограбено богатство не поседувале ниту сите англиски, француски и американски катедрали, дворови и музеи заедно. А сè почнало поради проклетиот афион...

Собирање

Најголем произведувач на афион во поранешна Југославија беше Македонија. Афионот се собира така што искусните берачи, т.н. афионџии, по сосема суво и убаво време, попладне, со остри сечива замотани во крпи за течноста да искапе на неколку милиметри од острицата, ги обрежуваат недозреаните чашки афион. Секоја земја имала посебен нож и посебен начин на засекување. Во Македонија се правеле вертикални резови околу три четвртини од обемот на чашката. Во Индија чашките се засекуваат исправено, а во Авганистан закосено. Од зарежаните чашки истекува млечно бел сок и строго се внимава да не се зареже премал дел (тогаш не протекува целиот сок), но ниту пак преголем (сокот се влева во внатрешноста на чашката). Капките сок се горки, најпрвин бели, а потоа се згрутчуваат и почнуваат да потемнуваат. Следното утро, со посебно ноже, или наострен метален триаголник, се стружи насобраната смола и се става во метална канта која е врзана за појасот на берачот. Потоа оваа жолто-кафена смола се хомогенизира, се меси, се прават „лепчиња“ кои се замотуваат во листови од афион. Се оставаат на провев за да се исушат и за да „созреат“. Ова е сиров опиум, со темноцрвена боја, хомоген, цврст, сјаен како смола и толку озлогласен.

Извор: Политикин забавник

ОкоБоли главаВицФото