1021 hPa
76 %
8 °C
Скопје - Чет, 14.11.2024 16:01
Во овие времиња Борис Трајковски првенствено требаше да симболизира лидерство, што значи дека политичарите, кои се нашле во исклучително сложени услови, каков што беше, впрочем, случајот и со експретседателот, успеале да влечат одговорни и тешки одлуки. Или, одлуки, кои во моментот на донесувањето, кај голем дел од јавноста се сметале за погрешни, неиздржани, неправедни, компромисни, предавнички, антинационални итн., но, кои, ете, морале да се донесат и биле донесени.
Одлуките што се врзуваат за Трајковски, а тоа е пред сè Рамковниот договор и другите документи за неговата имплементација, го изразуваат и страшниот конфликт во главата на Македонецот – од една страна чувството за реалност, потребата да се приклони кон идејата да се живее во мир како фундус на секоја здрава држава и демократија, а од друга страна, потребата да се складираат нови примери за загрозување на националното, на она исконското – македонското.
Овој дуализам или, поточно, конфузијата во главите на Македонците, не е нешто оригинерно. Во сите држави кои не се ослободиле од емоцијата дека прегратката со националното треба да биде силна и страсна, односно дека националните интереси ќе се бранат до последниот здив или до последниот човек, секоја прагматична одлука, секој компромис, се доживуваа болно и како нешто што е непростливо. Или, тоа е нешто што нацијата не ќе може никогаш да го заборави во својата колективна меморија, а подоцна и да го преболи.
Во таквите држави, а Балканот на овој план предничи, бинарната структура се изразува и со дуализмот кај индивидуата во една петрифицирана форма - тој, на рационално ниво, навидум, го прифаќа компромисот, живее со него, но, неговата вистинска половина е онаа емотивната, бескомпромисната страна. Некој во оваа подвоеност можеби сака да препознае многу добро конзервирана национална природа, на која допрва ѝ треба моделирање и усовршување. Тоа е точно и тоа е долг процес.
Но, она што во моментов е битно е тоа што Борис Трајковски, кој има огромни заслуги за разбирањето дека националното не е во постојан конфликт со потребата од отвореност, реализам и од соработка, сега се користи за да се нагласи враќањето кон традиционалното разбирање на националното. Борис Трајковски, кој му зададе страшен удар на национализмот од вмровски тип, сега треба да биде искористен за да се реафирмира национализмот од груевистички тип.
Борис Трајковски е антипод на Никола Груевски. По сите основи. Трајковски, како прв човек на државата, знаеше да пресекува и да донесува одлуки кои не беа по волја на неговата матична партија, но и на добар дел од јавноста. Трајковски знаеше што е разумен компромис и како на вистински начин да се бранат националните интереси. Светот го доживуваше Трајковски како рационален и како одговорен политичар. За разлика од него, Груевски кукавички бега од секоја тешка одлука. Неодоговорноста, немањето визија, недостигот од желба да се соочи со вистинските проблеми и предизвици, од него направија политичар-пимплач или политичар-блефер, кој успеа сопствената слабост и неспособност да ги претстави како национална доблест.
Приграбувањето на Трајковски од страна на новото ВМРО на Груевски е една од побизарните и помонструозните операции на партијата на власт. Злоупотребата со експретседателот започна со оркестираната кампања дека смртта на Трајковски останува мистерија, односно, уште подиректно кажано – дека треба да се откријат атентаторите на претседателот Трајковски. Власта процени дека оваа тема може безгранично да се користи и дека од тоа нема да имаат никаква штета. Напротив. Темата за наводниот атентат, освен што служи за дефокусирање од реалните прашања и проблеми, таа ќе ѝ послужи на власта за преку едно виртуелно обвинување да ја држи опозицијата во подредена позиција, во статус на вечен кабаетлија.
Кршењето на процедурите на начин што извршната власт го разгледувала уште еднаш предметот за авионската несреќа, поттикнувањето на теорите за заговор од страна на провладините медиуми, набројувањето на можните виновници врз индуктивен принцип и без никакви докази, се главните алатки во оваа најнова манипулација на ВМРО-ДПМНЕ.
Притоа, власта ќе ја форсира тезата изречена од Тодор Петров – она што изгледа случајно, всушност, е добро испланирана операција. Петров, кој ја има привилегијата да го зборува она што вмровското раководсто го мисли, се обиде дури да ги посочи и мрачните сили кои стојат зад атентатот, или, поточно, да ги наброи оние кои ја посакувале смртта на Трајковски. По она што го кажа Петров, а кажа страшни работи, би било логично амбасадорите на неколку држави од Запад да побараат прием во МНР или директно во Владата, за да се расчисти дилемата – дали ставовите на Петров, изречени на државната телевизија, се лични или го изразуваат и владиното становиште.
Не е тешко да се претпостави дека темата за атентатот брзо ќе издише бидејќи нема да се појават никакви веродостојни докази. Власта ќе се оправда со флоскулата дека „истрагата тече и нема никогаш да се прекине, сè додека не се пронајдат виновниците“. Некоја слична кампања со манипулативни цели ќе биде покрената за некоја следна годишнина од атентатот.
Монструозноста на целиот овој проект се огледа на два нивоа, чијшто заеднички именител е посакуваното помирување на Трајковски со националистичката опција. Прво, власта најдрско и најбезобразно ја фалсифицира и поновата историја, она што се случувало пред само десет години. Така, според новата вмровска идеологија и пропаганда, Трајковски не е само „миротворецот“ и „компромисерот“ од 2001 година, кој се залагал за мирно решавање на воениот конфликт и за градење на ново мултиетничко устројство во Македонија. Тој период сега се апстрахира за да се дојде до клучната поента: демек, на почетокот на 2004 година или уште порано, Трајковски национално „се пробудил“ и станал коска во грлото не само на тогаш владејачките СДСМ и ДУИ, туку и на Западот кој од Македонија барал поданичка послушност. Приказната што се форсира сега е дека Трајковски посакувал да стане она што е денес Груевски. „Компромисерот“ Трајковски ковел планови да биде како „бескомпромисниот“ Груевски!? Ама, ете, го спречиле во тоа...
Втората голема манипулација се однесува на третирањето на Трајковски како жртва. Досегашните, но и идните истраги за смртта на претседателот, нема да ја потврдат крајно дубиозната претпоставка дека Трајковски е жртва на атентат. Но, да не се залажуваме: оваа генерација Македонци добро памети чија жртва беше Трајковски од почетокот на 2001 до 26 февруари 2004 година.
Трајковски беше жртвата на нашата мизерија и како поединци и како колективитет. Трајковски е човекот во кој се огледа нашата лична хипокризија, но и колективното лицемерие.
Кого ние лажеме и кого ние манипулираме? Зарем толку брзо заборавивме дека Трајковски во последните три години од својот мандат стана најнепопуларниот политичар во плуралната историја на Македонија? Колкав му беше рејтингот на „народниот Боро“, како што го нарековме подоцна? Еден, два или „дури“ три отсто? Зарем заборавивме дека е во тие години беше најизолираниот претседател на планетава – неговите го отпишаа, опозицијата не го запиша. Навредуван, плукан и омаловажуван – тоа беше тажната политичка судбина на претседателот Трајковски.
Зошто Трајковски стана жртва? Зошто тој ја плати нависоката цена? Затоа што Трајковски го говореше и го правеше она што е рационално и е единствено можно. Затоа што мировната опција се доживеа како капитуланство. Затоа што во речникот на национализмот – миротворството и компромисот се читаат како подаништво и како предавство.
Трагичниот настан во близина на Мостар беше траорен ден за Македонија. Авионската несреќа предизвика огромна болка, но и катарза по што нацијата созреа преку ноќ. Жалосно е, но понекогаш, само преку трагичен настан се отвора патот до вистината и до правдата. Ние, во тие денови на жалост, а и подоцна, бевме многу блиску до онаа состојба на духот кога трагичното се доживува во својата полна хумана и историска смисла.
Ќе се повикам на легендарното толкување на трагичното од Хегел, дадена во врска со Сократ или со т.н. атинска хипокризија или атинска трагедија. Умирањето на еден човек, само по себе не е ништо трагично. Секој човек е смртен, па така и Сократ, вели Хегел. Не е трагично ниту тоа што бил осуден на смрт, бидејќи пресудата била донесена според позитивните прописи, а, освен тоа, колоквијално кажано – и самиот Сократ си ја предизвикувал несреќата. Трагичното, всушност, е тоа што времето или тогашната атинска држава создале еден нерешлив конфликт помеѓу индивидуата и колективитетот, поточно, колективитетот не можел да разбере дека бунтовната индивидуа, т.е. Сократ, е она најдоброто и највредното во таа држава.
Затоа е многу важно споменот за Борис Трајковски да го вратиме врз здрави начела. Трајковски не заслужува да биде личноста околу која ќе се плетат новите манипулативни мрежи на оваа власт. Трајковски не смее да се користи за повампирување на национализмот, бидејќи ни даде пример што е вистински патриотизам. Трајковски ни помогна да се обединиме како нација, наместо постојано да се конфронтираме. Од него учевме како да бидеме поправедни и помудри.
Затоа, крајно време е да престанат атентатите врз Трајковски.
Извор: globusmagazin.com.mk
Слики: Свирачиња
Најсмешно во оваа дпмнеовска
Испратено на 05 март 2012 од костурчанецНајсмешно во оваа дпмнеовска лајнарија е комисијата...составена била од врвни експерти, хе, хе,хе...абе кај беа тие експерти да ја решат хеликоптерската несреќа..зашто му дадоа на Британецот еден куп пари, бидејки во земјата немало експерти...
Kako komentar na ovaa
Испратено на 05 март 2012 од ak47Kako komentar na ovaa rechenica
"Затоа што во речникот на национализмот – миротворството и компромисот се читаат како подаништво и како предавство."
eden citat od poznat "nacionalist" i "predavnik":
All compromise is based on give and take, but there can be no give and take on fundamentals. Any compromise on mere fundamentals is a surrender. For it is all give and no take.
-Mahatma Gandhi
We lose ourselves when we
Испратено на 06 март 2012 од meglenaWe lose ourselves when we compromise the very ideals that we fight to defend. And we honor those ideals by upholding them not when it's easy, but when it is hard.
BARACK OBAMA, Nobel Lecture, Dec. 10, 2009
Аман бе више, кога ќе го
Испратено на 10 март 2012 од ПенисологАман бе више, кога ќе го извадите Груевски од уста.