Приштина, град на среќни мажи

05.03.2012 16:04
Приштина, град на среќни мажи

Деновиве ме измачува посебен страв. Како жена поседувам хормон на послабиот пол, поранлива сум и се плашам дека навечер, кога ќе го отворам фрижидерот, ќе ги видам истите оние мажи кои не ги тргаат од косовските ТВ екрани, но на кои тоа им го простувам бидејќи се грижат за мојата среќа, судбина и иднина. Ќе се исплашам, па ќе ги заборавам зборовите со кои сакам да опишам колку се гордеам што така јуначки издржуваат да бидат секоја вечер на сите телевизии наеднаш. Сепак, за тоа треба да се има нешто повеќе одошто има една жена.

Тие се премиери, министри, важни политичари, опозиционери, револуционери, директори на училишта, шефови на кризни штабови, загрижени лекари. Нивните изјави се поединечни или во група, имаат што да кажат, тие се вест, тие создаваат вести, се бранат едни со други и паметно се групираат. Тие ни велат што ќе биде денес со нас, што ќе биде утре, дали ќе имаме струја, дали поскапел лебот, која песна е хит, и многу сум им благодарна бидејќи тоа толку фино ни го кажуваат на ТВ екраните што нема шанси да го пропуштите.

Често стравувам дека ќе ги сонувам сите тие мажи кои се некако важни за мојот живот. Се плашам и дека дури и продавачите на чевли, значи, омилениот дел од облеката за една жена, ќе почнат да ми наликуваат на премиери, претседатели, опозиционери... се плашам дека ќе ги среќавам и по кафулињата. А понекогаш почнува да ми пречи ако се успијам и не ги изгледам познатите ТВ фаци, бидејќи можеби кажале нешто ново, а јас не сум била свечено присутна да го слушнам и да го видам тоа.

Тие само сакаат да придонесат за ова општество, да го водат како што тие знаат, машки и право. Тие не се борат за гласови, за углед во општеството, за интереси, многу да објаснуваат и малку да лажат, не, тоа не е нивната цел. Нивната цел е да донесат позитивни промени во општеството. И срам да ми биде ако не сум им благодарна, кога веќе знаат сè за важните теми кои ги одредуваат самите тие.

Поради тоа јас сум сигурна и среќна, за мене се грижат силни луѓе бидејќи јас, како жена, сум немоќна да ги променам нештата на подобро. Не знам дали би знаела толку добро да влдејам со луѓето, ситуацијата и кризата. Затоа сум горда на тие наши мажи, секогаш средени, со убави вратоврски, со испеглани кошули. Понекогаш им се гледаат дури и чевлите кога ги прикажува камерата, а често чорапите им се во склад со бојата на оделото. На тој начин овие паметни и убави телевизиски тестостерони секогаш се подготвени за дебатни обиди и умно претставување на себеси и својата работа. Изгледаат токму како да ги спремила некоја жена за настапот на ТВ.

Јас не сум од посилниот пол и затоа не можам да ги решавам проблемите. Но, добро, ако тоа не го знам, да видиме тогаш за што ме бива. Знам да мијам садови, да бришам прашина, ретко готвам и понекогаш целосно ја полнам машината за перење, редовно одам на фризер... што е чудно тука, зарем не го прави тоа секоја жена? Да не заборавам дека и редовно читам. А правам и некои работи како и посилниот пол. На пример, имам свое мислење за политиката, општеството, верата, и иако не сум член на партија, и мојата работа е важна за општеството. Навечер сакам да испијам некоја чаша вино, го сакам спортот, ама не фудбалот... сакам да држам говор, но не по секоја цена... се залагам за родова рамноправност, ама не сум феминистка...

Мислам, извинете, јас сум жена, па ете, наместо да им помогнам на мажите во решавање на проблемот, јас се занимавам со лесни теми прашувајќи се зошто ние, слабите и несилни жени, заслепени од тестостероните, не ги решаваме реалните проблеми. Ме влече тој слаб женски хормон на 21-от век да прашам зошто нема жени учеснички во јавниот живот, и можат ли – откако ќе завршат работа на фризер – да навратат и до некоја ТВ дебата, па да кажат нешто за општествените движења од кои ни се замрачува свеста. Но, жените не можат да се туркаат за да бидат на ТВ бидејќи готват ручек, или отишле кај сосетката на кафе, пеглаат или им плаче бебето. А можеби токму гореопишаните тестостерони не им дозволуваат јавно да зборуваат бидејќи жените за нив се послаб пол чии изјави немаат тежина, и првенствено се мајки и сопруги, а дури потоа интелектуалки. Ќе има можност за нив да си разговараат за здолништа, пеење, потпетици или козметика.

Ако сега некој би теретизирал сериозно за ова, би напишал дека ова е опасна ситуација која се заканува дека ќе ја маргинализира жената во косовското општество, дека тоа не е во склад со европските стандарди, дека мажите претендираат да владејат со процесите, дека немаат каде да постават жена за министерка. Но, јас не сум толку сериозна, па затоа сметам дека мажите не им дозволуваат на жените да бидат видливи како посилни во своите професии и дека мажите сметаат оти истите се неважни за општеството но важни за семејството. Мислам дека е лицемерно тврдењето дека жените сакаат да бидат дотерани, а притоа забораваме дека мажите сакаат да имаат чиста кошула и соодветна вратоврска.

И покрај силната желба да се жалам на ваквата ситуација, однапред го знам одговорите. Во една канцеларија ќе речат дека според законот сите имаат исти права. Значи, не е проблемот во законот. Во друга канцеларија ќе речат дека и жените се виновни бидејќи не се похрабри. Понатаму, некоја трета канцеларија само ќе потврди дека статистиките се многу лоши.

Каде е решението? Да е направи машки план. Да се формира партија на умни и згодни жени од сите величини и тежини кои ќе се сликаат во долна облека. Тогаш жената ќе стане вест и учесничка во дебатите. Тогаш и фуностата за статусот на Косово, и изборните реформи, и северот, и дијалогот меѓу Приштина и Белград, ќе добијат нови аналитичари, а тестостероните ќе се прашаат што треба поинаку да сторат за поворно да станат најактуелните ТВ суштества.

Извор: e-novine

Слики. Анита Кунц