Тишина (3)

06.03.2012 11:20
„Тишина“ - песни од Магдалена Хорват (3)

XI

Зошто? Само ти, знаеш, сакаше сказни
во кои сме главните ликови. Ми пееше
и ти; и кога не те слушав, и кога не смееше;
ама кога внатре празнината нè дразни,

и двајцата со музика ја пополнуваме.
Меѓу ноти умеев да те читам.
Заслужив ли подземи сама да скитам,
кога толку, ти и јас, се дополнувавме?

Повторно молк. Колку си предвидлив.
Патем, брезата денес ја исекоа.
Да, ѝ немало спас, рекоа.

Ни мене. Но дури и кога си невидлив,
нâ ти ги мисливе—и онака ги поседуваш—
за во нив да можеш да се огледуваш.

XII

За во нив да можеш да се огледуваш,
ноќта ти дава сништа. Во боја ли се?
Не, не вели ништо; дај веќе појави се,
наместо постојано да ме заведуваш

со отсуство; не е тоа добар знак,
никогаш не ти прилегаше.
Ако можеше еднаш, не си вчерашен,
зошто не би ги смилостивил пак?

Заборавам. Боговите имаат правила.
Во споредба, ти си кревок и немоќен.
Бар да знаев дека во некој полноќен

час ко призрак сум ти се јавила,
полесно ќе ми беше. Ти треба Евридика?
Па еве ти една, макар бледа, слика.

XIII

Па еве ти една, макар бледа, слика
на тоа што мене ќе ми беше вредно:
сакав за миг, или вечно, да сме едно
– додека крвта в образи ми шика,

името сакав да ти го викам:
Орфеј! Сега сум мртва, пепелаво-сива.
Ако уште ме паметиш, памети ме жива,
памети ги тие неколку мига

среќа; среќавај ме во тревите,
во ливадите на нас сеќавај се;
место мене гледај ги залезите и изгревите

кои јас не можам да ги видам.
Памети ме среќна. Не обрнувај внимание
на тишинава со која некогаш те викав.

XIV

На тишинава со која некогаш те викав
ѝ е сеедно дали ги слушаш овие зборови.
Ќе ѝ биде сеедно и да си ја заборавил
некоја-си-таму Евридика

што некогаш те сакала.
Наспроти вечноста, што е животот човечки?
Наспроти вечноста сме само бубачки.
А љубовта, сјај—пред да избега—

во окото на плашлива срна.
Којзнае зошто некои се избрани; умеат
да разберат, умеат да пеат.

Па пеј, и пеј одново; без тоа ноќва е црна,
бескрајно долга, глува и нема.
За да ме имаш Немај ме, и имај ме сè дури да те снема.

XV

За да ме имаш Немај ме, и имај ме сè дури да те снема.
Не дознав како можеше да заврши приказната:
што се случи со Него – не знам, ни кој го зема.
Не знам благословена ли сум, или сум казнета.

„Колку се плашев од тебе, паметиш?“
„Не ми требаш да те мразам“, ми рече.
Што имаме сега од изјавите пламени?
Пеплосана. Мракот, овојпат, е вечен.

До кога вака по тебе ќе боледувам?
Не те казнија тебе; ти мене ме казни.
Зошто? Само ти знаеш. Сакаше сказни,

за во нив да можеш да се огледуваш
– па еве ти една, макар бледа, слика
на тишинава со која некогаш те викав.


Од „Синкаво и други песни“, Македонска реч, 2010

Илустрациите се од Caroline Hwang

Магдалена Хорват (Скопје, 1978) е поет и преведувач. Автор е на книгите „Ова е таа, твојата“ (Македонска реч, 2006) и „Синкаво и други песни“ (Македонска реч, 2010). Нејзината поезија е застапена во неколку антологии, меѓу кои и "Europa és una dona. Europe is a Woman" (на каталонски и англиски; Universitat Autonoma de Barcelona, 2007).

Првиот дел: „Тишина“ - песни од Магдалена Хорват (1)

Вториот дел: „Тишина“ - песни од Магдалена Хорват (2)

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото