Последниот жител на Фукушима

07.03.2012 11:05
Последниот жител на Фукушима

„На само дванаесет километри оддалеченост од хаварисаниот нуклеарен реактор во Фукушима, Наото Макумура и понатаму одгледува ориз“, пишува Зидојче цајтунг во текстот под наслов „Последниот селанец во Фукушима“.

Тој, всушност, не ни смее да живее таму кадешто живее. Тој е единствениот човек во забранетата контаминирана зона зад урнатините од хаварисаната нуклеарка. Полицијата никогаш не би го пуштила да помине покрај контролните пунктови кои водат кон Фукушима, но во зоната секако може да се влезе преку заобиколни патишта кои никој не ги контролира. Макумура постојано ја преминува границата – минатата недела дури и патувал за Токио.

„Оризот е посеан минатата година. Оризот – со 500 бекерели – воопшто не е многу контаминиран. Но, дивиот ориз на соседното поле имаше вредност од 1000 бекерели, можеби зашто остана на површината на земјата, а јас моето поле го прекопав“, вели тој. Макумура ги поминува деновите грижејќи се за стотина мачки, неколку кучиња, многу крави и пет ноја.

„Тоа се домашни животни, не смеат да се препуштат на самите себе. Владата сакаше да го убие целиот дивеч, бидејќи не м,ожеше да се сети на друго решение, но заштитниците на животните се побунија“.

Макумура раскажува дека неговите родители живеат кај сестра му и дека неговото останување таму било причина за кавга.

„Можев да одам во прифатилиште, но луѓето во прифатилиштата се мачат многу, таму нема доволно простор, немаат што да работат, никого не познаваат, многумина заболуваат, а некои и умираат. А владата воопшто не мисли на нас “, вели тој.

Макумура вели дека претпоставувал дека кога-тогаш ќе дојде до катастрофа.

„При претходните хаварии секогаш зборуваа дека радиоактивното зрачење кое ќе настапи подоцна не го загрозува здравјето“.

Тој вели дека луѓето кои работеле за фирмата Тепко верувале дека се безбедни. Со многумина од нив и разговарал.

„Подложени се на перење на мозокот. Тие воопшто не можеле ниту да замислат дека работеле во опасни услови.“

Освен тоа, Макумура се надева дека Тепко ќе доживее распад, инаку нема да да се случи ништо и покрај тоа што тие ќе се бидат изведени пред суд.

„Во Јапонија таквите судења траат по 20-30 години. Тогаш ние веќе нема да сме живи. Кога бев во Токио, го посетив и Тепко. Тие немаат што да кажат – само механички се клањаа и се извинуваа, како по научен текст. Тоа се лажговци – Тепко и владата“, пишува новинарот на Зидојче цајтунг, Кристоф Најдхард.

Шпигел онлајн им пренесува на читателите податоци од Обединетите нации за тоа како трошоците од катастрофата никогаш не биле поголеми.

„Разорниот земјотрес во Јапонија и во Нов Зеланд од 2011 година направија рекордна година кога станува збор за штетите настанати поради природни катастрофи. Штетата во земјоделството изнесува 380 милиони долари. За тоа, покрај земјотресите, највиновни се и поплавите“.

Маргарет Валдстрем, ополномоштена од ОН за минимизирање на ризикот од природни катастрофи, рече дека катастрофата во Јапонија од март 2011 предизвикала штети од 210 милијарди долари. Земјоделските загуби во 2011 биле за две третини поголеми од оние од 2005 година, кога ураганот Катрина опустоши големи делови од САД.

„Најважната порака е дека сме соочени со трендот на растење на земјоделските загуби“, изјави Валдстрем.

Земјоделската штета која доаѓа по природните катастрофи стана сериозна закана за многу земји. Ризикот од тие катастрофи е, освен тоа, и зголемен поради трошењето на природните ресурси, лошото користење на земјиштето создава сè поголеми проблеми за заштита на животната средина. Денес 50 проценти од светското население е изложено на ризик бидејќи живее во загрозени региони“.

Добрата вест е дека се намалува бројот на жртви од природни катастрофи и тоа токму поради подобрувањето на планот на системот за известување и предупредување, а со тоа и за организација на спасувањето и помошта во случај да се случи најлошото.

Извор: deutsche welle