Социјалистичката архитектура

07.03.2012 12:42
Социјалистичката архитектура

Што ни остана вредно од социјалистичката архитектура на подрачјето на бивша Југославија?

Што ни остана вредно од социјалистичката архитектура на подрачјето на бивша Југославија? Тоа е прашање кое цели две години го истражуваа низа експерти од таа област, а беа одржани семинари и изложби во водечките градови од регионот (Скопје, Белград, Загреб, Сплит, Љубљана).

Заклучоците до кои се дојде на крај се претставени на голема изложба во Модерната галерија во Марибор. Марибор е одбран бидејќи е овогодинешниот европски Град на културата, а проектот „Недовршена модернизација“ во добар дел е финансиран од Европскиот фонд за култура.

Универзитетскиот комплекс во Скопје

Визија за општеството

Во тие две години се истражиле многу работи, од белградското предградие Kaluđerice, кое е синоним за најжестоката дивоградба на подрачјето на Балканот, преку некогашната и сегашната ситуација во Скопје кое, своевремено, по апокалиптичниот земјотрес во 1963 година, го урбанизираше и изгради јапонскиот архитект Кензо Танге, библиотеката во Приштина, која е дело на Андреј Мутњаковиќ, па сè до бројните бисери на архитектурата во модернизмот, како што се градбите на Иван Витиќ.

Плоштад на револуцијата, Љубљана

Обемна работа

„Иако бев свесен дека станува збор за голем број проекти, на крајот на истражувањето, кога пристигнаа статистиките, бев изненаден од бројот, опсегот и амбициите на урбанистичките планови и архитектонските комплекси проектирани во текот на социјалистичкото време. Да се реализирало сето она што било планирано, регионот би бил урбанизиран како Јапонија“, вели теоретичарот на уметност, Марој Мрдуљаш кој, заедно со колегата Владимир Кулиќ од Универзитетот на Флорида, е на чело на опсежното истражување.

Станбени блокови, Сплит

Пристапот на секоја република

Имено, насловот на изложбата „Недовршена модернизација“ произлегува од фактот што, покрај добрата волја, многу од започнатите градби и урбанизацијата во времето на социјализмот не се довршени. И архитектурата, како и дизајнот, по војната требало да биде вклучена во визијата за општество на еднаквоста, требало да се гради според идеалите на работничката еманципација, но Мрдуљаш вели:

„Гледано од денешна перспектива, архитектурата и урбанизмот во Југославија не го достигнале тоа ниво на иновативност која би донела утописка рамноправност и со прогресивни цели на концептот на самоуправниот социјализам“.

Поранешен МНТ, сега МОБ, Скопје

Тоа не значи дека квалитетот не постоел. Уште повеќе, како што покажуваат најновите истражувања, кога станува збор за домување, квалитетот на животот на граѓаните наеднаш се подобрува токму тогаш.

„Во потесна културна смисла не постои југословенска архитектура, секоја бивша република имала сопствен пристап кон архитектурата. Но, со оглед на тоа дека сите се засновани на модернизмот, јасно е дека постојат заеднички црти поради тежината на самото движење на модернизмот и неговите универзални вредности. Доколку зборуваме за пошироките урбанистички процеси, поголемиот дел од станбените населби оставаат сличен впечаток, од Љубљана до Скопје. Тие амбиенти не се идеални, но поголемиот дел од нив по прашањето на квалитетот на основните црти и по односите кон јавните простори се поквалитетни и помодерни од тоа што се гради денес“, истакнува Мрдуљаш.

Самиот фокус на истражувањето не е свртен само кон архитектонската вештина, туку и на поправање на условите за живот од тоа време.

Банка во Ријека

Наградата на Борба

Ниту проектите кои им припаѓале на комплексните фази на урбанизација од половината на 1960-те па сè до крајот на 1970-те, како што се проширувањето на Сплит или реконструкцијата на Скопје, не биле довршени докрај:

„Остварените сегменти покажуваат назнаки за тоа каков би можел да биде идеалниот модернизиран град, со своите предности и маани на архитектноските и урбанистичките замисли на 20-от век. Додека проектот бил во Белград, била во тек изложбата за наградата на Борба. Освојувањето на наградата за која одлучувале дневните весници се сметало за најголем престиж на подрачјето на архитектурата во бивша Југославија. Лауреати биле и голем број хрватски архитекти, некои дури и повеќе пати, наведува Мрдуљаш.

Поглед кон Палатата на Федерацијата, Белград

Тажна слика

Одличните фотографии на виенскиот фотограф Волфганг Талер (Wolfgang Thaler) ја прикажуваат срамната положба, но и реалноста на моменталната состојба на градбите и спомениците. Талер, всушност, две години патувал низ поранешна Југославија, фотографирајќи ја архитектурата од социјалистичкото време. Резултатот е една многу тажна слика. Односно, како што вели Мрдуљаш: „Односот кон наследството на модерната архитектура е катастрофален во целиот регион и само мал број на значајни градби од тоа време се добро одржани и се во својата изворна состојба.

Парадоксално, многу добро е сочувана зградата на Сојузното извршно собрание во Белград што не била во функција веќе 20 години и е споменик за непостоечката федерација и непостоечкиот државен систем“.

Одморалиштето во Крвавица

Меѓу вредните архитектонски дела во Хрватска, што пропаѓаат е и некогашното Детско одморалиште, дело на архитектот Рикардо Марасовиќ во местото Крвавица кај Макарска: „Ќе биде тешко да се зачува тоа големо и непознато архитектонско ремек-дело. Прво е потребно да се осмисли соодветна содржина за таа многу специфична зграда, но шансите се реално мали. И покрај негрижата, таа корпулентна зграда сè уште неверојатно добро се држи“.

Станбен блок, Загреб

Слабо истражена област

Накратко, историјата на просторот на поранешна Југославија и нејзиниот социјалистички период сè уште е релативно слабо истражено област и недостасува целосна интерпретација на сите аспекти. А единствено начинот на градење може јасно да го изрази контрадикторниот југословенски политички, социјален и културен контекст. Во подготовка е книга која ќе биде промовирана на 14 април во Љубљана. Организатори на целата програма се Здружението на архитекти на Хрватска и координаторката Ана Шиловиќ.

Хотел во Ровињ

Хотелите и туристичките одморалишта како најголем предизвик на архитектите

Токму на туризмот се однесува и за нас најинтересниот дел од истражувањето. Веднаш по 1950-те, кога Југославија ги отвори границите за странците, на хрватското крајбрежје на туризмот се гледало како на индустрија. Планот за Макарска бил еден од примерите за извонредно регионално планирање. Младите и талентирани архитекти Матија Салај и Јулиј Де Лука го продолжиле развојот на Брел и предложиле интегрален пристап кон архитектурата и урбанизмот. Тие, меѓу 1962 и 1972 г., во соработка со Драги Моравец и Анте Рожиќ, направиле уште неколку хотели, го развиле хотелот Парк, хотелите Ривиера и Маестрал, како и низа други...

Хотелите и туристичките ресурси биле меѓу највозбудливите теми за архитектите. Така, од половината на 1960-те до половината на 1970-те се појавиле различни, но многу добри типови на хотели. Кога станува збор за идејните проекти, се истакнува оној на сараевскиот архитект и Ле Корбизје, ученик на Јурј Неидхард, кој го започнал почитуваното сфаќање на „хотелот како храм“, што би бил вкопан во својата околина, со мали дизајнирани соби и големи јавни простори и требало да ја имитира природата, а самиот архитект го опишал како „растение од бетон“. Тоа бил неверојатно напреден проект за свое време и штета е што не е реализиран.

Извор: jutarnji list

Окно ви ги препорачува и следните текстови на слична тематика:

Архитектурата на социјализмот како визија за модерното еманципирано општество

Изложба во Загреб: Социјализмот и модерноста

Топ листа на најдобрите споменици од НОБ на просторите на бивша Југославија

Слични содржини

Општество / Активизам / Јавни простори
Јавни простори / Теорија / Историја
Јавни простори / Книжевност
Јавни простори
Активизам / Јавни простори / Екологија
Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото