Маргарет Меркел? Каква будалаштина!

07.03.2012 15:51
Маргарет Меркел? Каква будалаштина!

Фондот против кризата станува сè поголем, пристигнува фискалната унија, а Јоаким Гаук станува претседател: канцеларката ќе го постигне сето она што не го сака. Да се нарекува госпоѓата Меркел новата челична лејди е сосем неоправдано. Тачер сакаше револуција а Меркел ја сака само функцијата.

Овие денови во кината се прикажува филмот за Маргарет Тачер, која ја глуми Мерил Стрип, за што беше наградена со оскар. Можеме ли да замислиме дека еден ден ќе се сними сличен филм за Ангела Меркел, која ќе ја глуми Нина Хос? Правата за надворешна дистрибуција ќе ги купи единствено Србија. Меркел е моќна политичарка, но сценариото би било слабо. Сепак, се исплатува да ги споредите овие две жени. Пред сѐ, крајот на нивните политички кариери.

Времињата се тешки за Ангела Меркел. Веќе згреши со изборот на претседател, министерот за внатрешни работи се свртe против неа, на последното гласање во Бундестагот за продолжување на европската помош немаше канцeлариско мнозинство, а уставниот суд во Карлсруе го запре понатамошното развластување на парламентот. Сега се чини дека нема да може да го издржи новиот притисок: европскиот фонд станува сè поскап. Ангела Меркел не е навикната на толкav неуспех.

Секој мандат е ограничен, па дури и за отповикувањето да одлучува „големиот часовничар“. Како ќе знаеме дека доаѓа крајот? Ќе биде ли тоа како кај Хајнe, распламтен запис на ѕидот, предзнак по кој сите ќе знаат дека е доста?

Кога се повлекуваше Маргарет Тачер, нејзе ја напуштија нејзините двајца најзначајни министри: министерот за финансии Лосон се повлече бидејќи премиерката му посветуваше повеќе време на својот економски тим отколку нему, а заменик премиерот Хов се повлече затоа што му заби нож во грбот, не давајќи му го веќе ветеното место на министер за надворешни работи.

Во долниот дом Хов тогаш ги кажа познатите зборови кои ја завршија кариерата на челичната лејди: „Крајно време е да дадам друг одговор на прашањето за лојалност со кое веќе предолго време се борам“. Веднаш потоа пратијата испрати злогласни „луѓе во сиви одела“ во канцеларијата на премиерката кои ѝ дадоа до знаење дека е време да си оди. Тачер сфати и замина.

Причините тогаш беа Европа и монетарната политика. Истата тема, дваесет години подоцна, го загрозува владеењето на Ангела Меркел. Но нејзината партија CDU е во полоша положба отколку тогашните Ториевци: кој би се осудил на канцеларката да ѝ испрати слична екипа во „сиви одела“? Кој од нејзиното министерство би се жртвувал како тогаш Лосон и Хов?

Меркел и Тачер, сличностите паѓаат во очи како и очигледните разлики: и двете завршиле природни науки, едната е физичарка, а другата хемичарка; и двете ги презедоа своите партии кои беа во очајна состојба. Тачер по прочуениот свртување на конзервативците под Едвард Хит кон социјалдемократите. Меркел по аферата Кол. И двете презедоа функции во партијата како жени кои мораа да ги исчистат урнатините (алузија на жените кои чистеа урнатини по Втората светска војна) затоа што мажите беа преголеми кукавици да преземат таква одговорност.

Тачер сакаше револуција: Меркел сака само власт. Во тоа е разликата.

Тачер до крајот ѝ остана приврзана на својата тоталитарна визија, чудна мешавина составена од радикален либерализам и традиционалистичка верба во силната држава. И Меркел е радикална – но нејзиниот радикализам лежи во безграничниот прагматизам. Таа е буквално спремна на секоја промена од која застанува здивот, но сепак цврсто го држи својот курс, затоа што нејзиниот компас покажува секогаш онаму каде што е следната цел, слично како капетанот Џек Спероу од „Пиратите од Карибите“, со таа разлика што таа сама не ги бира целта затоа што не знае за ниедена друга освен онаа кој се однесува на опстанок на власта. Меркел ја сфати Брехтовата максима која ја изрече во Ибсеновиот театар: „Не е човекот оној кој дејствува, туку опкружувањето. Човекот само реагира.“

Не сакаше да го укине ни задолжителното служење на воениот рок, ниту Германија да престане со користење атомска енергија. Не сакаше ни европска економска влада, ни фискална унија. А тоа, сепак ,се резултатите на нејзината политика. Не го сакаше ни Јоаким Гаук, а сега ќе го добие токму него.

Проблемот е во тоа што политиката на Ангела Меркел, токму поради тоа што не се држи за никаков план или некаков прицнип, е полна со вообичаени грешки и слабости. Меркел ја жртвува стратегијата во корист на тактиката, истовремено стеснувајќи го својот маневарски простор. Таа ја следи политиката на симулација која ѝ служи само на една цел: зачувување на власта. На долги патеки, оваа политика на импровизации нема да придонесе ниту за обнова на изворите на енергија, ниту за европска интеграција. Уште сега последиците на оваа „ќе одиме полека“ политика во Европа се катастрофални: Европејците видно го губат трпението едни со други, како оние кои даваат, така и оние кои примаат. Но Меркел се плаши од ризикот скапото спасување на еврото да доведе до создавање политичка унија, што би можело да биде единствено смислено оправдување за вложените милијарди. За тоа ќе плати цена: веќе при следното гласање за нов пакет за спас на еврото, ќе се расправа за доверба на владата.

Кога ќе се споредат Маргарет Тачер, жена со цврсти уверувања, и Ангела Меркел, кај која тие уверувања залудно ги бараме, на ум ни доаѓа една позната песна на Т.С. Елиот „Hollow Man“. Во неа тој вели:

Значи, вака на светот му доаѓа крајот
Не со татнеж, ами со цвилеж.

Политичкиот свет на Маргарет Тачер завршува со татнеж. Што да се очекува од Ангела Меркел? Вечна канцеларка со тивок крај или со заглушувачки крах?

Извор: Spiegel

ОкоБоли главаВицФото