Шокантно: средношколци од различни националности се возеле во ист автобус и не се истепале ниту еднаш

08.03.2012 20:41
Шокантно: средношколци од различни националности се возеле во ист автобус и не се истепале ниту еднаш

Скопската полиција информираше дека попладнево околу 14:30 часот, во автобусот кој сообраќал на линијата со број 66в, се наоѓале вкупно 46 патници, главно средношколци од различни националности кои не се истепале ниту еднаш меѓу себе.

Според информациите на полицијата, патниците во автобусот се однесувале примерно, а биле пријавени од случаен минувач кому целата ситуација му изгледала многу сомнителна.

„Полицијата ги презема сите мерки за откривање на вистинската причина за однесувањето на средношколците. Сите патници од автобусот беа приведени и испитани во присуство на родител, психолог и лекар. Загрижени сме поради ваквото невообичаено однесување и ги вложуваме сите напори за да откриеме кои се вистинските мотиви за истото. Исто така, загрижени сме за менталното и физичкото здравје на средношколците поради тоа што не пројавиле никакви агресивни тенденции“, изјави министерката за внатрешни работи, Грдана Јанкуловска.

Пара вести успеаја да земат кратка изјава од еден од учесниците во возењето. Поради заштита на неговиот идентитет, неговото име и презиме ќе бидат затскриени зад иницијалите Н. Н.

„Се враќавме од училиште. Сите влеговме, еден по еден, и му ги покажавме месечните билети на возачот, по што секој од нас се упати кон празното седиште. За време на возењето еден дел од патниците тивко разговараа меѓу себе, еден дел пишуваа пораки или слушаа музика на своите мобилни телефони, а најголемиот дел само зјапаа низ прозорците“, изјави Н. Н. за Пара вести.

Од МВР информираат дека се преземаат сите мерки за расчистување на случајот.

ха ха добро ви е ова :)

ха ха добро ви е ова :) успеавте да ме насмеете по подолго време

like

like

ОкоБоли главаВицФото