Оставки

09.03.2012 10:55
Оставки

Што е потребно да се убие човек? Оружје, снага, омраза, страв, немоќ...? Му претходат ли силни притисоци, закани, губитнички уверувања, одмазнички идеи, заслепеност...? Во кој момент се носи одлуката? Се губи разумот, или сè е однапред обмислено и свесно? И како е полесно, со неколку куршуми, или удари, или со еден прецизен, на правото место, решително и без двоумење. Премногу прашања се отвораат кога човек убива човек. И логично. Зашто тука нема поправен, нема втора шанса, нема никакви изгледи за промена на исходот. Сè оди во неповрат за само делче од минута, на лошо направената проценка.

Но, ужасот е уште поголем кога гледаме дека "човек од редот", или "човекот заштитник" убил човек, и кога оној на чија помош сме се надевале, наместо да се најде на вистинското место во вистинското време, одеднаш ќе ја смени "кожата" и ќе стане Ѕверот. Тогаш дури остануваме без зборови. Ги немаме ни оние основните, за утеха, за себе, занесени во надмудрувањето "за" и "против", за бргу потоа изморени и обесхрабрени да се повлечеме пред налетот на новите верзии за мотивите, заднината и "вистината" за она што се случило.

Сепак, некои работи се јасни уште на почетокот. Сликата на настанот, декорот и главните протагонисти: учесниците, сведоците и многу други кои бргу потоа надоаѓаат од заднината, кажуваат нешто. Млади, девојки и момчиња, средовечни жени, мажи, различни и неспоиви, со оживеани слики од своите сеќавања, за личните и туѓи повреди и неправди, ја преплавуваат сцената. Штом ќе ги видите, веќе знаете дека тука се работи за многу повеќе од она што се случило во моментот на губење на контролата.

Дури и кога сакаме да веруваме дека овојпат нема зошто да не ги препуштиме работите на оние кои "на раат" треба да си ја завршат работата, особено кога има и виновник, и признание, и сведоци, и кога речиси нема непознаници, повторно чувствуваме дека нешто крупно недостасува, и длабоко обеспокојува. Стари слики се мешаат со новите, се множат приказни за незавршените валкани работи од минатото – за нерасветлените злосторства, за третманот на погодените семејства, за нападите врз побунетите за правда и еднаквост, за неостварените иницијативи и идеали... И тоа нè тера да се навраќаме на злосторството, и на секое ново злосторство во кое улогите се парадоксално заменети, а човекот во секој од нас останува сам во средината од огромен, необележан, бришан простор.

А кога сте веќе таму, и кога ќе ги видите и чуете сите овие различни луѓе, не случајно собрани на едно место, кои не се во никаква роднинска врска со настраданите, тогаш гледате дека тука не е крајот, туку почетокот на нешто сосема ново од она што сме навикнале да ни се случува. И почнувате да верувате, и да разбирате, зошто правдата и одговорноста веќе не можат да се бараат само на едно место.

Затоа се протестите толку важни и затоа траат, а тоа објаснува и зошто се луѓето, инаку разединети, одеднаш така поврзани. И кога не излегуваат на улиците тие знаат дека во она што го бараат младите можат да се препознаат, и избираат да бидат заедно. Ги разбираат што прашуваат, и што сакаат да кажат. Знаат дека треба некој да ги слушне, и да постапи поинаку од она како беше минатиот пат, и многу пати во минатото. Се потсетуваат еден со друг, како беше со Трајан, па со Мартин, сега со Бесник и Имран, а ги има и сè повеќе, со слични сеќавања. Колективното помнење расте и натежнува, но и се полесно се префрла преку оградата, и станува поубедливо. Зашто расте и контото на злосторникот, со секој насилно одземен човечки живот, со секој нов данок во крв.

Затоа се овие протести силни и неодминливи, не заради ловот на вештерки, не заради бедните политички поени, дури не ни заради задоволување на правдата, ниту за утеха на неутешните, колку заради подигнување на вредноста на самиот живот, онаа што вистински му припаѓа, а за која одамна сме го загубиле чувството, со губењето на достоинството, со одземањето на гласот, со сè поголемата невидливост во која тонеме, како поединци.

Затоа се барањата за оставки, за командна одговорност, за вистински реформи во полицијата, за промена на условите, за нови регулативи и критериуми, за независна контрола, за непоткупливост, толку оправдани и нужни. Затоа што престапот и злосторството станаа преголеми за цената што еден грешник може да ја плати. Грешката што некој ја прави во улогата на бранител на редот и мирот, со одземање на туѓ живот, е ненаплатива, а правдата недостижна дури ни со најправедната судска одлука. Со таквото исклучување на сите други, и посочениот виновник станува жртва. Затоа грешката ни се повторува, и ќе се повторува, сè додека не се најде поинаква мерка за израмнување.

Тоа е она за што разговараа младите на сите досегашни протести, но немаше кој да ги чуе, за полека да им се приклучат и многу други. И тогаш и сега, тие бараа морална и политичка одговорност за пропустите кои довеле до делото за кое ќе се суди. Бараат одговорност од оние кои грешката можеле да ја предвидат, или спречат, или први да ја откријат, а не го сториле тоа. Бараат одговорност за пропустите во законските акти и механизмите кои треба да штитат од фатални исходи, а не се донесени, или се изиграни. Тие зборуваат за одговорноста на надредените, за високиот професионализам, за етичноста во работењето, за слободата и безбедноста, за почитувањето и еднаквоста, и за ризиците на раководното место, на кои никој не помислува кога седнува во удобната фотелја.

Зашто има нешто поважно и од самиот живот. А тоа е пораката, и моделот кои со нашите постапки им ги пренесуваме на другите, особено на младите, во градењето вистински вредности, оние по мерка на човекот. На истите тие млади на кои постојано се жалиме дека се безидејни и сè повеќе насилни во светот на "изгубените вредности" - фраза која така лесно им ја плеснуваме во лице, заборавајќи дека Светот токму ние им го изградивме ваков. За нив, и во нивно име, и во името на нивната иднина мораат да паднат оставки на високи функционери за убиствата кои ги извршија полицајците, на должност, или не, сеедно. Младите мораат да доживеат барем едно искуство во својот живот на морално поднесена одговорност заради несреќно загубен млад живот. Мораат да видат што е искрено жалење од највисокиот државен врв, со барање прошка. Да доживеат вистинско извинување и достоинствено заминување. Само така ќе ја разберат синтагмата на "нулта толеранција" кон насилството, и ќе можат да ја следат. Младите мораат тоа да го добијат, наместо што се така безочно обвинувани и прогонувани, или игнорирани и негирани, од актуелната власт, како да се најголемиот џган и отпад. Дури тогаш, ветувањата за промени, оние кои ќе им гарантираат поголема сигурност и подобра иднина, ќе прозвучат автентично. Тоа е цената, сосема реална и оправдана, за младите да почнат да веруваат, и поинаку да се вложуваат.

За потоа и сите ние останати, граѓани на Македонија, да ја научиме лекцијата за погубноста на незавршените валкани работи, да ги проветриме просториите, да ги истресеме чергите и душеците, и да продолжиме со своите животи.

Извор: globusmagazin.com.mk

Илустрации: Патрик Крижановски

ОкоБоли главаВицФото