1009 hPa
94 %
15 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 05:59
Теодор Адорно има констатирано една важна константа во појавата на тоталитарноста. Тој, пред половина век, запишал: „Онаму каде што погледот кон светот го најавува барањето за апсолутна важност, таму секогаш им се придружува сенката на она што е произволно и е релативистичко“. Измислиците, импровизациите, конструкците на лажни теми и лажни тези, релативизацијата на сè што е направено и на сè што се прави, тоа, накусо, се првичните средства која секоја опасна идеологија ги користи за да ја протурка својата апсолутна вистина.
Она што подоцна изгледа цврсто и скаменето, всушност, за своја основа ги има состојбите што упатуваат на разлеаност и на разводенетост. Формулата за релативизирање е проста: „можело да биде вака или онака“ или, пак, „требало да биде онака, наместо вака“... Тоа, накусо, се готовите рецептури кои ќе послужат за да се случи дистанцирањето од минатото, но и да се оправда одлепувањето од сегашноста. Тоа е начинот за да се тврди дека ова општество и оваа нација биле во сериозен конфликт со вистинските вредности и дека допрва ни претстои реконституција на вредносната скала.
Апсолутизмот, кој се храни со општото релативизирање, претпоставува спектар од улоги и од актери. И што е многу битно, секој си ја знае својата улога, но и тајмингот кога треба да се појави на сцената. На почетокот на оваа власт, важно беше да се појават што е можно повеќе т.н. релативизатори кои требаа нашироко и надолго да објаснуваат дека нашето минато е едно големо промашување, дека во ништо не сме успеале, дека ништо паметно не сме планирале и посакувале...
На овие тези, се надоврзаа друг тип на релативизатори, т.н. идеолози на преродбата, кои добија задача да говорат зашто за Македонија настапува новото време и како се создадени условите за нови почетоци. И на едните и на другите, заедничко им беше тоа што ширеа омраза, песимизам и волунтаризам. Како што минуваше времето, оние што беа платени да релативизираат, навидум, загубија на значење, иако тие секогаш се добредојдени и се самоповикани за да ни објаснат како грешките од минатото ни се рефлектираат врз сегашноста.
Во последно време забележливо е дека на апсолутизмот му треба понагласено идеолошко експонирање. Денес, големите вистини и главните идеи излегуваат од устата на лидерот или од политичката лабораторија сместена во „жолтата куќа“. Власта сè поретко ги користи звучните интелектуални имиња за тие да промовираат важни проекти или да бранат некои нови идеолошки догми.
Зошто власта се откажува од посредници и од угледни поддржувачи? Па, можеби, процениле дека е поважно јавноста да знае од каде точно доаѓаат силните пораки и кој е вистинскиот господар на вистината. Така, полека, се навестува каков ќе биде идниот однос помеѓу власта и релативизаторите: овие горе ќе нè удираат, а овие другите ќе нè тешат дека морало да биде така.
Вака погледнато, нашите релативизатори изгледаат јадно и комично, безмалку, како да се работи за ефемерни поединци од интелектуалниот кампус. Но, работите добиваат друга димензија кога релативизирањето ќе се сфати како парадигма за македонската интелегенција, а особено кога работите ќе се персонализираат. Димитар Мирчев, Ристо Никовски, Слободан Чашуле и многумина други слични на нив, веќе си обезбедија висока позиција на листатата на релативизаторите. Но, со нив не се заокружува листата на шампиони на релативизмот.
Поголем дел од т.н. релативизатори, на пример, не се пројавуваат како отворени поддржувачи или, пак, како интелектуалци со јасна задача да ја бранат власта по секоја цена. Тие се многу посуптилни и поитри во релативизирањето. Според мое мислење, најуспешни во тоа се Венко Андоновски, Билјана Ванковска, Георги Старделов и Раде Силјан. Овој мој избор, на прв поглед, можеби е преостар и е премногу субјективен. Освен тоа, сакам да укажам на поврзаноста или на блискоста на интелектуалци од помладата, средната и од постарата генерација. Заедничко на оваа четворка им е тоа што се многу активни во јавниот дискурс, претендираат кон популарност (некои, дури, и од естраден тип), гладни се за сатисфакции и за експонирање на чинот на творештвото, дури и во вакви времиња. Како и обично, во овие пет-шест години, тие испишаа илјадници страници на она што се нарекува публицистички жанр. Многу текстура, но, за жал, во неа нема никаков супстанцијалитет, никаква вредност...
Кај овој тип на проминентни интелектуалци, нема никогаш да сретнете загриженост што Македонија ги живее еден од подраматичните и најтешките периоди во својата историја, нема да прочитате предупредување дека регресијата нè следи на секој чекор, нема да пронајдете осврти за тоа дека полека тонеме во ново едноумие, нема да слушнете крик затоа што критиката е замолчена. Нивниот резон, слободно кажано, изгледа вака: Мизеријата останува каква што била. Напросто, нема да ја искорениш. Но, ќе направиш се да биде невидлива!
Нивната прикриена поента е дека работите се одвиваат во рамките на нормалата, дека не сме навлезени во зоната на ненормалноста, дека нема причини за вознемирување. Оваа нивна бласфемичност ни се продава како супериорност во гледањето на нештата. Тоа заличува на ставот што еден западен дипломат му го кажал на д-р Денко Малески – имено, странците ги доживуваат сегашните состојби во Македонија (само) како една наша историска фаза!?
Странците можат да си дозволат супериорна позиција во промислувањето на македонската стварност. Но, кога македонскиот интелектуалец ќе престане да размислува критички и кога ќе избере заветрина – тој чин нема врска со супериорноста. Тогаш се работи, едноставно – за слугинство.
Темата за слугинството на интелектуалците е многу покомплексна од приказната за релативизмот и би било дури тривијално таа да се објаснува само како последица на нашата сегашна, материјална и духовна мизерија. Не заслужува посебна анализа ниту товарот од минатото, бидејќи, во комунизмот, изгледаше нормално интелектуалецот да се гледа себеси како службеник на системот. Влијанието на левата идеја врз македонската интелектуална свест, можеби, вреди да се спомене за да се проговори за еден друг проблем – за парадокост на самата лева идеја.
Слободното и независно мислење, критичкиот дух, се вредности што левицата си ги припишува себеси. Во ретки случаи е подготвена да ги сподели заслугите со либерализмот. Но, тврдењето дека слободната мисла е практично оневозможена поради остварувањето, исто така, е лева идеја.
Џон Кенет Галбрајт, кој не бил марксист во никој случај, кажал една работа која наишла на големо одобрување кај водечките мислители на левицата во 20 век. Американскиот социолог и економист напишал дека „постојаното укажување од потребата за слободно и независно мислење, всушност, има за задача само да нè залаже дека такво нешто денес не постои“.
Што треба да прави човек кога ќе сфати дека условите за слободно и критичко мислење се потешки од кога било? Или, дека такво нешто е само привид? Се чини, нема друг излез освен да се признае поразот, да завладее песимизмот, апатијата, подаништвото итн. Не верувам дека македонските интелектуалци го имаат предвид овој парадокс на левицата за да си најдат оправдување за своите срамни постапки.
Па сепак, од овој маѓепсан круг е можно да се излезе, односно, тоа може да добие еден прифатлив политички дискурс, ако се почитуваат неколку здрави начела кои се производ на поновата историја. Прво и основно, секоја слобода не е дадена состојба, туку е зададена задача. Второ, критичкиот дух мора да ги респектира ограничувањата и пречките што му стојат на патот. Трето, слободната мисла претпоставува внатрешен порив, кој може да се нарече напор на субјектот, елан на поединецот да не потклекнува и да не се предава...
Во овие пет-шест години од преродбата, барем научивме како не може да се стекне слободната мисла. Таа не се добива ниту со диплома, ниту со академска титула, ниту со звање, а ниту со партиска боја.
На македонските интелектуалци ќе им се разбистрат главите кога ќе сфатат дека непочитувањето на слободата е една работа, а животот без слобода е сосема друга работа.
Извор: globusmagazin.com.mk
Слики: Свирачиња