Со кинески автобуси кон ЕУ

10.03.2012 12:29
Со кинески автобуси кон ЕУ

Има состојби, феномени и нешта кои тешко се опишуваат со зборови. Тагата, самотијата и, воопшто, немоќта, се токму тоа. При обидите човек со зборови да опише нешто од овие чувства се соочува и со ограниченоста во своето искажување. Па така, често единствените зборови кои остануваат за да се опише сето тоа се пцоста или песната. Но и двете, пцоста и песната, се признание на капитулацијата пред немоќта. Со таа разлика што песната може да има и литературна вредност и да им раскажува и на идните поколенија дека во овој даден момент сме се предале. Тоа е нешто што недостасува кај пцоста, која круто укажува дека сега и тука, веќе сме се предале. Сиот овој вовед е поради просветлувањето дека стана многу тешко да се опишат состојбите и настаните во Македонија, без пцости и песни.

Првата песна, на која би можел да се досети секој што го слуша Ѓорѓе Иванов, како му наложува на НАТО што и како да направи, е „Погледај дом свој, анѓеле!“ Пцостите сигурно би следеле последователно. Кога, и ако, НАТО и Америка би му ги зеле за сериозни зборовите на нашиот врховен командант. Тогаш таа пцост сигурно би била популарната црногорско-српска, онаа за шумскиот меѓед.

Но, избегнувајќи ги српските песни и пцости, а сепак знаејќи дека зборовите на еден врховен командант, по дефиниција, би требало да се сериозно нешто, јас одбрав да се оградам, јавно и сега, за секој случај. Ако Иванов реши да војува со НАТО или со Америка, тогаш јас ќе бидам еден од многуте граѓани на Македонија кои ќе бидат недостапни во тој случај. Не само што не сакаме да бидеме опцуени со шумски меѓед, туку и нека го среди тој тоа со своите, со тие триесет и кусур гласови, кои гласаа за него во село Зајас! Ако не ги најде, ако биле тоа само гласови во полнета кутија, нека смисли хаусмајсторот некој инвентивен начин да војува со кутии!

Другиот случај би можело да се опише само со подолга балада со наслов „Блиску, но далеку!“ Балада за вицепремиерката за евроинтеграции. За која нејзините читатели, помнејќи ги нејзините пишувања, очекуваа дека ќе биде нашата Блум, главната хероина во цртаниот филм „Винкс“, која со некоја магија ќе ја прошверцува Македонија во ЕУ. Иако тоа воопшто не било намера на другите главни ликови, како што впрочем потврди Викиликс, пренесувајќи од Стратфор!

Но, граѓаните повторно имаа прилика да видат дека животот, освен што не е филм, не е ниту цртан филм. Па така, таа беше главната при доделување на автобуси за превоз на учениците за некои општини, кои беа донација од Народна Република Кина! Ниту една донација не е веќе спорна при ваква мизерија, но после министерот за екологија кој бранеше загадување, на човек едноставно му доаѓа да праша: Ало, Пожега? Што е следно? Проект за укинување на општини и повторна централизација на државата, од страна на Министерството за локална самоуправа? Или, кога веќе вицепремиерката му се меша во ресорот, тогаш овој за локална да почне да интегрира некои општини во ЕУ? Како што им тргна на Косово и на Србија на патот кон ЕУ, наскоро ќе имаме голем избор, за дури на четири страни отаде нашите граници, да интегрираме некои наши општини во ЕУ.

Значи ЕУ и Кина, две во едно, или е несакано дејствие од членување во партија предводена од маоисти, или некој нов ремикс на стих, повторно, на српската песна „Важан је мандат и функције, све су друго нијансе...“

Секако дека има и радост во сево ова наше суштествување. Таа радост, не само што треба да биде забележана, туку заслужува да биде и видно истакната. Како што беше истакната и се гледаше на лицето на еден кутар градоначалник, од една неразвиена општина, кој, ете доживеа да има и тој општински автобус, па потоа обилно се сликаше покрај него! Радоста беше голема, оти сигурно имало и персонален мотив, затоа што истиот автобус ќе може да се користи за свадби во селата во општината.

Таа радост, споредена, според потрошените средства, со таа на Коце од Скопје, кој ете ќе слави роденден на брод, во Вардар, изгледа евтина. Но, радоста не се мери со потрошени средства, таа се мери со можностите кои таа ги предизвикува. Така, градоначалникот на Скопје и да слави роденден на брод, не ќе може да извади билет за да отплови до Солунско Поле. А овој од неразвиената општина, само ќе си извади зелен картон за општинскиот автобус и ќе организира превоз за прославата на стотиот роденден на албанската независност во Валона, Албанија, во ноември годинава.

Од друга страна, земајќи ги во предвид сите случувања околу образованието и автобусите, подобро ќе беше да се спроведеше еден сосема поинаков проект во соработка со Кина. Да се повикаат експерти од Кина кои ќе ги подучат учениците на боречки вештини, за да некако тие да знаат како да се самодобранат. Ова го велам заради тоа што стана ептен ризично идењето и враќањето од школо!

Но, да ја оставиме шегата настрана; заради тоа што настаните се трагични и сериозни, а жалосен е фактот дека родителите ги чекаат своите деца да се вратат од школо. Вака, како што се чека враќање на војниците од некоја војна! Со толку што сме ѝ дале на ова држава и со толку колку ние ја држиме нејзе на наш грб, ние заслужуваме спокојство, безбедност и нормалност. Парите и нашиот труд со кој ја одржуваме ова држава нам ни се враќаат со ваква неодговорност. Ова нема да иде вака. Јас не можам да знам како ќе иде понатаму. Но, тоа што сите и секогаш го знаеме се примерите кои светот секој ден ги гледа: ниедна држава, никогаш, не извојувала победа над нејзините граѓани!

Извор: Журнал Плус, 9.3.2012

Илустрации: Вини Труонг

Ок, а може ли да се дојде у

Ок, а може ли да се дојде у Зајас и онака опуштено и кул и без проблм да се испие чај у некоја локална меана, како што тоа го прават Албанците по меаните во Центар?

Ако си запознаен со „Винкс“

Ако си запознаен со „Винкс“ поради тоа шо им дозволуваш на твоите деца да гледат, тогаш мојот став е дека ти си ретард.

Може да ги знае Винкс и по

Може да ги знае Винкс и по тоа што не им дава на своите деца да гледаат. а ти знаеш ли нешто осим пцовки? овој јес да го опцул иванов ама многу учтиво, уфф партал ве праи...

ОкоБоли главаВицФото