Драгата Слобода, дал’ ќе знае да пее...

12.03.2012 10:47
Драгата Слобода, дал’ ќе знае да пее...

Сцена прва

На 3 мај 1942, во месноста Ореовска корија која се наоѓа меѓу селата Буково, Ореово, Лавци и Брусник, фашистичките окупатори го опколуваат и напаѓаат партизанскиот одред кој бил стациониран таму. Соочени со непријател со неколкуилјадната фашистичка војска и полиција, партизаните пружаат жесток отпор. Во битката загинуваат Елпида Караманди - Бисера (ранета, подоцна убиена), Димитар Николовски-Таќи Даскало, Мара Јосифовска – Ѓурга, Димче Хаџипоповски, Јоска Јордановска – Сандански и Ордан Михајловски –Оцка. Некои од загинатите се познати борци и народни херои, некои, малку подзаборавени и споменувани само во нивните семејства.

Еден од нив е и Оцката, 19-годишно момче, аџамија, што би рекол народот. Младо прилепчанче, млад комунист и партизан, чија смрт веројатно би била само една од илјадниците во Втората светска војна, ако Оцката не ја испеел борбената химна:

А бре Македонче, леле каде се спремаш?
Борба те чека, борба за слобода.
Борба за слобода, за Македонија,
за Македонија, земја поробена.

Момци наредени, моми накитени,
борба ќе одат, борба за слобода.
Борба за слобода, за Македонија,
за Македонија, земја поробена.

Нека разберат, клетите фашисти,
Македонско име нема да загине!

Точно шеесет и девет години по овој настан, имав можност да зборувам со еден од партизаните – млади аџамии, тогаш осумнаесетгодишници, сега крепки старци, Крсте Угуровски. Кога падна муабет за песнава, тој ми рече дека сè уште памети оти со неговите соборци пред секоја битка, пред секое соочување со непријателот и смртта, ја пееле оваа песна. И многумина гинеле пеејќи ја. Не ја пееле пред борба со Германци, Италијанци, Бугари, Македонци, Албанци, Грци или Срби, туку пред борбата со фашистите и нивните соработници. Борба со окупатори и угнетувачи на народот.

Тоа ја прави песната химна на она што денес го знаеме како Народноослободителна војна и антифашистичка револуција во Македонија. Химна на најсветлата, победничка, државотворна страница во нашата историја. Химна на борбениот процес на создавање на современата, републиканска, секуларна и социјална држава – Македонија.

Сцена втора

На 28 март 2009, на месноста наречена Плоштад Македонија, во градот Скопје, на само педесетина метри од местото каде што во септември 1991 г. претседателот Киро Глигоров ни честиташе Самостојна, Суверена и Демократска Македонија, се собраа неколку десетици студенти, активисти и граѓани со намера да протестираат.

Уверени дека живеат во демократска и слободна земја, која го гарантира правото на слободно мислење и изразување на слободното мислење, застанаа на Плоштад, истакнувајќи ги пред себе транспарентот: „Не го силувајте Скопје!“

Протестираа за зачувување на јавниот простор во јадрото на Скопје, а против изградба на црква...

28 март 2009, беше убав и сончев ден, кој младите решија да му го посветат на градот којшто го сакаат. Да го објават своето несогласување со некое решение и начинот на кој е дојдено до тоа решение. Да застанат на плоштадот и достоинствено и мирно да се спротивстават на политиките кои се спротивни на она во што веруваат. Човек би помислил дека во дваесет и првиот век во Самостојна, Суверена и Демократска Македонија ова ќе биде само уште еден ден во еволуцијата на демократските процеси и дека протестот ќе предизвика широка, стручна и објективна расправа за начинот и квалитетот на доградување и заградување на Плоштадот.

Тогаш домаршираа легионите.

Развеани бајраци со светци и крстови, оган во очите, стегнати тупаници и цврст чекор. Подредени во стрелци, пристапија до оние што протестираа и ги истуркаа, исвиркаа, исплукаа и истепаа...

Соочени со фронтален напад и насилство какво што никој не би ни сонувал дека ќе се случи врз неколку млади момци и девојки, како последен гард пред напаѓачите, Тие запеаја колку што ги држи глас:

Градот убав, пак ќе никне, среде песни в здружен фат,
пак ко сонце цел ќе бликне како топол нежен кат
Покрај Вардар ќе се крене, ќе го буди детски вик,
и ќе брои ново време радост ќе му краси лик.

Скопје, радост ти ќе бидеш, Скопје ти ќе бидеш цвет,
и ќе бидеш израз свиден, на сè братско во овој свет,
Скопје, радост ти ќе бидеш, Скопје ти ќе бидеш цвет,
и ќе бидеш израз свиден, на сè братско во овој свет.

На 28 март 2009, на месноста наречена Плоштад Македонија, во градот Скопје, на само педесетина метри од местото каде што во септември 1991 г. претседателот Киро Глигоров ни честиташе Самостојна, Суверена и Демократска Македонија, останаа само искинатите транспаренти на кои пишуваше: „Не го силувајте Скопје!“

Јасно ни беше на сите што ни се случува и што нè чека... И увидот предизвика силна болка.

Сцена трета

Март 2012. Седумдесет години од битката во Ореовата корија и три години од битката на плоштадот. Студен и врнежлив март. А бре, Македонче, од антифашистичка борбена химна, сега стана химна на националистите. Странските весници ни кажаа (демек ние не знаевме), дека живееме во најголема мизерија.

Плоштадот Македонија не доби црква, ама доби сосема нов лик, со нови симболи и обележја. Доби и Потемкинови фасади кои ќе му го скријат вистинскиот лик и идентитет. Доби споменици и фонтани, расни коњи и цареви, доби и една порта која го овековечува триумфот на оние што се срамат да си признаат што се, па како црната врана се китат со туѓи пердуви. Демек, македонските традиционални градски куќи во Охрид, Велес, Прилеп, Битола не се доволно убави и вишни, па мора да ги наметнеме со барокна фасада... Доби Плоштадот и исцртана силуета на момче кое безживотно лежи... За да сведочи дека пробаа да скријат...

Преку Вардар на Кале, археолозите ја најдоа и отворија Пандорината кутија. Сега луѓето се мразат и си ги кршат главите еден со друг. Изгладнети и измамени, Албанците веруваат дека Македонците се тие што угнетуваат, а Македонците (подеднакво изгладнети и измамени), дека Албанците се виновни за сè. И затоа земаат палки, цевки, камења, ножеви и си ги кршат главите и си ги расекуваат градите. Стихот на Рацин добива и ново, уште посилно значење: ... За туѓи бели дворови, копај си црни гробови...

Историјата не се повторува циклично. Тоа само оние што се на власт, циклично ги употребуваат истите алатки за да се одржат на тронот. Лицемерно и безмилосно се газат човечки судбини и се жртвуваат туѓото здравје, спокој и живот. Сегашноста е запретана во митовите за блескавата историја и приказните за светлата иднина која нè чека на крајот на ѕуницата.

Тешко е да се биде рационален и ладнокрвен деновиве. Сите сме свесни дека секое отстапување надвор од проектираната матрица за „патриотско“ живеење и постоење носи реален ризик дека нешто лошо може да му се случи на оној кој отстапува. Дека, како најблага форма на дисциплинирање следи брендирањето како „предавник“. Ако продолжиш да се мешаш, некој од семејството ќе биде сменет од работното место и пратен „на настава во природа“. Ако и тоа не те вразуми и смири, може да ти пратат „поздрав“, или во некоја темница да се сопнеш од ќотекот...

Сè можат и ништо не можат! Како што рекол Аргентинецот: „Пукај, кукавицо! Ќе убиеш само човек!“

Цртежи: Акира Хорикава

Le patetique fantastique.

Le patetique fantastique.

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото