Црвени знамиња, окрвавени раце

13.03.2012 09:51
Црвени знамиња, окрвавени раце

Многумина упатени и „важни“ ми велат оти имале чувство дека 2001-та може да се повтори на одреден начин. Истите тие не пропуштаат шанса пред странските дипломати и политичари да се испофалат дека сериозно работат на соживотот, а дека Македонија како мултиетничка држава претставува модел за успешна приказна на Балканот.

За волја на вистината, не е мал бројот на оние кои имаат блиски пријатели од сите националности кои живеат на ова тло, но факт е и дека повеќето од нас никогаш не научија како треба да изградиме вистинско општество и држава која за едните нема да биде мајка, а за другите маќеа. А не е дека не знаевме или не можевме. Сите оние кои малку подолго се присутни во јавната сфера во Македонија го знаат тоа. И сите тие, ако ништо повеќе, биле на десетици обуки, семинари, симпозиуми... и учеа за тоа како се гради мултиетничко општество и соживот...

Но – дали научи(вме)ја?!

Меѓуетничките инциденти и тепачки, кои речиси секојдневно се случуваат изминативе денови, ни оддалеку не се случајни. Тие покажуваат колку сиве овие години во рамковна Македонија живееме со поделби, лицемерно, според нечии тертипи и модули.
Се гнасам од сите кои имаат полни усти со пораки за соживот, и повикуваат на меѓусебно разбирање, а нивните дела се дволични или, пак, ништо не научија за сиве овие години. Ниту што е тоа соживот, ни каков треба да биде.

Додека пред десетина дена едни јавно се бунтуваа за прашања кои сите нас длабоко нè засегаат, други, пред сè, интелектуалци и колумнисти јавно ги искараа овие првиве бидејки тоа го правеле на „мултиетнички“ начин.

Сите ние треба да сме едно, но сите ние длабоко во себе знаеме дека не сме (различни, но еднакви). И затоа, не се виновни оние што се потрудија двете црвени знамиња да ги спојат едно до друго, како што маршираа еден до друг, споени преку пораката и револтот кој го носеа во себе. Поголема вина имаат оние кои некогаш беа и се важни, и имаа моќ и положба да направат нешто. Сите оние кои отстрана мудруваа или, пак, оние кои се обидоа да исценираат некаков нов инцидент. Така, додека секој си ја брка сопствената агенда, притоа гордо истакнувајќи го токму неговото знаме, таму некаде по улиците, во автобусите, низ парковите, нечии деца страдаат. Се пролева нечија крв. Чија е вината што за триесетина дена се повредени над четиериесетина граѓани, а двајца дури и убиени? Многумина велат дека после Гостивар – во Македонија врие. Но, сите тие свесно или не, преку изјавите и дејствувањето, дополнително ја подгреваат и без тоа напнатата ситуација.

Кога по многубројните инциденти, кои беа крајно издраматизирани од медиумите, доаѓа време за повикување на разум и работа на терен за релативизирање на атмосферата, се случува обратното. Подгревањето на тензиите продолжува. Политичарите по којзнае кој пат се раскараа и обвинија дека токму Другиот е крив, а коментарите во медиумите дополнително ја влошуваат и без тоа лошата атмосфера.

И кога во оваа држава сè ќе тргне на лошо, кога иднината е сè понеизвесна, задолженоста расте, платите стагнираат, а сите ние за само една година ќе почнеме да отплаќаме високи рати за кредитите кои ги трошиме за плати и пензии, изгледа дека старата формула: создади конфликт – оствари цел, најмногу успева. Подгревањето на таквата атмосфера и фризирањето на настани од кои сме безбедносно загрозени, не нè тера да размислуваме на ништо друго освен дека треба да се браниме од нечиј напад. Влева недоверба и страв. Тоа за некого е проверена формула и дефокусирање, заради остварување на нечија политичка или воена агенда. Но, дали овој пат, поучени од минатото, ние – обичните граѓани – тоа треба да го дозволиме?

Сите ние живееме овде, се возиме по исти улици, дишеме ист воздух, делиме слични проблеми... Зарем не ви е смачено од сите меѓуетнички нетрпеливости, говори на омраза, вештачки фрази? Зошто сите влијателни колумнисти, интелектуалци, па и политичари, не ги артикулираат своите ставови, не промовираат здрави мисли кои ќе му помогнат на збунетото население? Зарем не велите сите дека ја сакате оваа држава и се борите за нејзиниот просперитет и опстанок?

Знамињата на овие простори се црвени, како и крвта која некој недолжно ја пролева. Сите ние треба и мора да сториме нешто, бидејќи дотурањето масло на огнот или гледањето од страна ги прави крвави и нашите раце!

Цртеж: Doug

I raelly wish there were more

I raelly wish there were more articles like this on the web.

Слични содржини

Став
Став

ОкоБоли главаВицФото