Марш

14.03.2012 10:56
Марш

Шетам деновиве по еден од сенишните трговски центри во Скопје, кои од непознати приини сè уште никнуваат низ наводно преурбанизираното Скопје и кои, и покрај својата сенишност или токму поади неа, остануваат едно од посигурните места за шетање, и забележувам дека единствените дуќани што работат се обложувалници, оние коцкарници со слот-машини, адвокати и нотари.

Позната вистина е дека ако дупките на некоја сообраќајница со години не се асфалтирани, околу неа ќе никнат повеќе вулканизерски дуќани. Тоа, едноставно, е законот на понудата и побарувачката. Што е понудата и побарувачката во бројните адвокати и обложувалници? Македонија е одамна една џиновска обложувалница, каде што секој се обложува на сигурно и – секогаш губи. Зашто кај нас најсигурно е – минатото.

За волја на вистината, она што тука се случува би можело да се нарече „парадокс на историјата“. И она што се случило, значи, нешто што е неменливо и конечно, во нашата земја на волшебен начин станува флексибилно и употребливо. Како шипка и синџир. Како пиштол во раката на полицаец што не е на должност.

Велат дека во САД се родило дете со срце надвор од телото. Тим хирурзи успеал да го одржи во живот и тоа се смета за едно од светските медицински чуда. Ние, како што доликува, сме многу понапред. Кај нас луѓе со мозок надвор од телото одамна станаа министри, директори, академици, па дури и премиери и претседатели. Не именувам никого лично, зашто декриминализацијата на новинарската клевета се одвива како социјалистичка револуција – процес што трае.

Но, сепак, еве уште еден прилог кон општата бласфемија кон сеопштата овдешна духовна криза. Рече ли тоа претседателот Ѓорге Иванов дека ќе го свика Советот за безбедност тогаш кога ќе почувствува потреба? Или само мене во општата глувост така ми се слушна? Ајде да се занимаваме со хипотези: кога претседателот Иванов ќе почувствува потреба? Кога, не дај Боже, ќе му го каменуваат неговиот дом? И, конечно, како ќе почувствува потреба кога не се возеше со кинеските и украинските автобуси дури ни промотивно. Со нив се возеа луѓето од власта. Меѓутоа, тие чувствуваат некакви други потреби. Затоа сега во автобусите се возат народните полицајци. Да го штитат народот. Од оние што не се возат во славните автобуси. Кога човек малку подобро ќе размисли, добро е што нема најави за купување нови автобуси, зашто ние очигледно го разбираме светот како автобуско поле за меѓунационален натпревар со тупаници. Време е за трамваи.

Но, ако Иванов не чувствува потреба, некои други очигледно чувствуваат. Во сабота во Скопје се организира марш за мир. Тоа некако би значело дека многумина почувствувале потреба да кажат дека живеат во време без мир. Иванов, веројатно и останатите од власта, ете, не чувствуваат таква потреба. Конечно, и тој марш е шанса да се види кој од господарите на мирот и во оваа ситуација се мирни. Или ги имаат оние други потреби. Работата е едноставна, едните ќе одат на марш, а другите ќе мируваат. На крајот, сите ќе одиме марш – во мирната мајчина...

Постојат, значи, секакви потреби. Некој има потреба од мир, друг од мерцедес, трет од социјална помош... Некои имаат потреба да знаат кој од избирачкиот список припаѓа на која партија. Објавувањето на ваквите списоци на социјалните мрежи може да значи подготовка за локалните избори, подготовка за вонредни избори или, едноставно, корисна информација за оние што безразложно тепаат по улиците по македонските градови.

Во секој случај, по овдешните медиуми (електронски или пишани) има навистина интересна лектира за слушање, гледање или читање. Виреат илјада цветови, што би се рекло. Малколм Икс е, на пример, ординарен црнечки дилер на дрога, НАТО е злосторничка организација, а Албанците треба да се фрлат во море. Со оглед на ноторниот факт дека сè уште немаме море, за оваа пригода добро ќе се најде и Солунско поле. Кое, ете, исто така не ни припаѓа, ама е наше.

И некако во сенка на сето ова почнуваат најавите за изградба на оние аеродромски облакодери, кои ќе бидат вселенско чудо на барокната архитектура. Тие ќе се градат некаде во близина на некогашниот „Космос“, токму поради асоцијациите со универзумот и универзалнитее вредности. Бидејќи, нели, „Космос“ беше урнат затоа што го натфрлил урбанистичкиот план за некои 20 сантиметри, или не знам веќе колку. Колку и да беа, тие од перспективата на аеродромските облакодери ќе изгледаат ситно, како што ќе изгледаат ситно и оние што во тој момент ќе маршираат под нив.

Она што секако е важно е фактот дека во нив се предвидени и трговски центри. Уште едни додатни споменици на македонската сенишна архитектура. Ако. Не е тоа лошо. Убаво е човек да се шета меѓу празни дуќани. Таму не поминуваат автобуси и таму не завлегуваат оние што тепаат на јавни места. А тепаат само на јавни места. За да останат непознати за полицијата, која се наоѓа во автобусите. Конечно, таму можам и да се обложам на нешто. Јас, поучен од историјата, сигурно нема да се обложам на минатото. Ќе ризикувам и ќе се обложам на иднината. Како и оние што со мене ќе маршираат во сабота.

Извор: globusmagazin.com.mk

Слики: Џорџо де Кирико

ОкоБоли главаВицФото