Пазарот на недвижности ги крши човековите права

14.03.2012 16:45
Пазарот на недвижности ги крши човековите права

M.I.M.O.lab е мрежа на архитекти и студенти од Милано. Нивната организација настанала како последица на желбата да се оттргнат од воспоставениот и крут начин на работење внатре во универзитетските структури, па, освен m.i.m.o lab започнале и паралелни проекти како M.I.M.O.nine и M.I.M.O.video како простори за публикација на текстови и видеа од подрачјето на архитектурата и дизајнот. Франческа Варгиу, една од членовите на групата, го презентираше истражувањето, изработено во соработка со Сара Пелегрини во рамки на урбанистичкото планирање на Политехника во Милано, под менторство на проф. Џовани ла Варе и проф. Федерик Занфиј. Темата била истражување на начините на кои големите потфати на градежните фирми влијаат на преобразбата на територијата на градовите и пејзажот. Истражувањето е спроведено на една од градежните фирми вклучена во изградбата на израелските колонии на подрачјето на Западниот брег, во рамки на проектот „Decolonizing Architecture“, кој во Палестина го водат Алесандро Пети, Санди Хилал и Ејл Вајзман.

Пазарот на недвижности раководен од националистички идеологии

Од почетокот на окупацијата Израел ја презеде контролата врз поголемиот дел од Западниот брег со цел да основа свои населби и да обезбеди земја за понатамошно ширење. Колонизацијата на територија и основањето населби е една од стратегиите со која Израел ја спроведува окупацијата на палестинското подрачје. Поголемиот дел од доселениците одлучиле да се населат во колониите од политички и религиски причини поради остварувањето на сонот за Голем Израел, но и од финансиски причини. Важно е да се нагласи дека секој израелски градежен потфат на подрачјето Eretz-Yisrael (Израелска земја) е ционистички акт. Со други зборови, политичката програма „создавање на еврејска држава“ е една од темелните одредници на сите градежни потфати. Низ изградбата на куќи и создавањето нови населби и градови, Израел го остварува својот национален интерес. Изградбата служи како средство за ширење на сопствената едукација, сопствениот јазик, па дури и идеологија. Овој аспект е клучен за разбирање на начинот на кој градежните фирми кои се вклучени во изградбата на колониите влијаат на територијата.

Територијалната поделба на власта меѓу Палестина и Израел е во голема мера комплексно прашање. Компромисот од Осло (декларација за привремена самоуправа, декларација за принципите, донесена 1993 година), спорната територија ја дели на зони A, Б, В, односно на подрачја под палестинска управа и подрачја под израелска управа. Поединечни делови на зоната B, иако се населени со Палестинци, се наоѓаат под воена контрола на Израел.

Случаите кои ги анализиравме се поврзани со градежната активност во граничните подрачја меѓу териториите под израелска, односно палестинска контрола. Станува збор за новите израелски населби кои настануваат на ридовите и претставуваат прв чекор на колонизација, контрола на територијата и ширење на израелската држава.

По Шестдневната војна во 1967 година, во околината на Ерусалим се појавија низа населби, а повеќето од нив беа израелски колонии на подрачјето на Западниот брег. Ниту една од тие колонии никогаш им не е вратена на Палестинците. Напротив, станаа дел од пошироката израелска територија. На тој начин израелската стратегија за окупација стануваше сè поразвиена и денес ги вклучува и државната власт, банките, агенциите за недвижности, инвеститорите, агентите за развој и маркетинг.

Ги анализиравме маханизмите на воспоставување колонија на примерот на компанијата B-Yair, една од компаниите вклучени во градежната дејност. Иако изградбата и маркетингот се најважен дел од овој проект, важен предуслов е да се воспостави контрола врз територијата. Тој процес го спроведува израелската влада, прогласувајќи одредено подрачје за „област од посебен државен интерес“.

Постојат три основни комплементарни методи со кои Израел воспоставува контрола над териториите, а тоа се: одземање на земјиштето поради воени потреби, прогласување одредено земјиште за напуштено, т.е. под ничија сопственост, и конфискација на земјиштето поради јавни потреби, инфраструктурни зафати итн. Откако референтниот Одбор за население ќе потврди дека е започната постапка за одземање на земјиштето, Министерството за земјоделство одобрува фондови за изградба на нови населби, а Министерството за домување и Државниот катастар донесуваат урбанистички планови за новите места, додека Центарот за имотно-правни односи потоа распишува јавен тендер. Од тој момент па натаму, работата ја преземаат градежните компании, кои ја изработуваат потребната документација и започнуваат со огласување и маркетинг. Промоцијата на проектот се одвива со здружени сили на Министерството за домување, кое нуди поволни кредити, Центарот за имотно-правни односи, кој нуди олеснувања, Министерството за образование, кое нуди поттик за наставниците и нивните роднини, Министерството за трговија и индустрија, кое нуди позајмици, Министерството за труд и социјална работа, кое одобрува бенефиции, и Министерството за финансии, кое нуди олеснувања за плаќање на данок.

Истовремено, таквиот начин на воспоставување населба во окупираното подрачје е забрането според Меѓународното хуманитарно право (Женевската и Хашката конвеција, како и други меѓународни закони).

Од сон за предградие до живот во гето

Иако колонизацијата се спроведува од политички причини и територијални амбиции, самиот развој на колониите и новите населби се одвива во духот карактеристичен за приградските населби од целиот свет. Општа појава во западното индустриско и постиндустриско општество е населението да бара градови поради можноста за вработување, но се одлучува за живот во предградија кадешто условите се подобри. На тој начин настануваат приградски заедници, засновани на традиционалната слика на семејство со деца кои го напуштаат центарот на градот во потрага по удобно опкружување, повисоки стандарди, чист воздух, помала врева, помала загаденост и подобри можности за образование.

По декодирањето на политичките и идеолошките механизми за создавање колонии, започнавме да го истражуваме нивното влијание врз околината. Тоа истражување беше спроведено на различни нивоа, почнувајќи од урбаното мерило на самото население. Во почетокот се чинеше изненадувачки во колкава мера новите населби се одвоени од матичниот градски центар, но подоцна сфативме дека токму таа издвоеност и специфичната конфигурација на тлото укажува на нивната стратешка функција во заземањето на територијата.

Сите населби се изградени во ридести краишта и токму сместувањето на врвот на ридот влијае на нивната внатрешна организација. Вообичаено, населението е сместено во концентрични кругови околу врвот. Патиштата строго ја одредуваат поделбата на населението и дефинираат зони со различни функции и различно ниво на приватност. Јавните и административните објекти се сместени на највисоката точка во центарот на населбата, додека зоните со станари се сместени по граничните патишта. Главно станува збор за семејни куќи поставени накосо во теренот за да имаат добар поглед на околината.

Типичната станбена единица настанува во комбинација со традиционалните арапски градежни елементи, како камени блокови, кружни камени отвори и рустикални камени ѕидови, но и оние карактеристични за израелското градежништво и елементите преземени од западната градежна пракса.

Препознатлив елемент на израелската архитектура и тоа по што нивните станбени згради се разликуваат од контекстот се косите покриви, покриени со црвени плочки кои ја симболизираат израелската присутност и го идеализираат концептот на домот, и затворените населби, сосем хомогена во етничка, религиозна и социјална смисла, со јасна заедничка желба за живот одвоен од Арапите.

Интересно беше и да се истражи на кој начин различни облици на градби и населби влијаат на настанувањето на ексклузивни станбени зони. Нивната затвореност е изразена на две нивоа: на општествена, преку создавање на одредени заеднички активности, ритуали и однесување, и на просторно, преку одвојување од околината со помош на инфраструктурата и топографијата, и со помош на заштитниот појас и селективниот пристап.

Корпоративна општествена одговорност

Последниот чекор од нашата работа е да се дефинираат алатките, методите или стратегиите со кои може да се измени сегашната ситуација во која државата и градежните компании ја контролираат територијата. Занимавајќи се со темата израелско-палестинскиот судир, сфативме дека проблемите се комплексни и тешко решливи низ архитектонски или урбанистички решенија. Беше речиси невозможно да се пронајде ефикасен метод за интервенција во таков состав на градби, условен со сложени политички, општествени и финансиски фактори.

Предложивме едно можно сценарио, според кое „Кодот на корпоративната општествена одговорност“ би ги присилувал градежните компании на поинаков пристап кон изградбата. Одбравме три конкретни случаи за интервенција, трговскиот центар во населбата Psigat Ye’ev, населбата Ma’ale Adumim и населбата Har Homa. Во секои од трите посочени случаи укажавме на елементи на кршење на „кодот за корпоративна општествена одговорност“. Низ овие примери настојувавме да укажеме на општите проблеми кои се појавуваат на целото подрачје на израелско-палестинскиот судир.

Започнавме од случајот на изградба на трговски центар во населбата Psigat Ye’ev во источниот дел на Ерусалим. Разликата во инфраструктурната опременост беа огромни, палестинските пристапни патишта се неуредени, неасфалтирани и без тротоари, додека израелските патишта се добро опремени. Таквите инфраструктурни проблеми создаваат јасна разлика во пристапноста кон јавните градски содржини.

Во вториот случај ја анализиравме станбената зона во населбата Ma’ale Adumim, сместена надвор од градското подрачје на Ерусалим, и каде што настанале бројни судири поради контрола над водените ресурси. Израелското население најчесто ја испушта отпадната вода во палестинското земјоделско земјиште. Од друга страна, пак, постои и општ проблем со снабдувањето на вода за пиење во Палестина, бидејќи реката Јордан речиси и да е единствениот извор на вода, а со неа управува израелската компанија „Mekorot“. Има многу дискриминаторски факти врзани со власта врз водата, почнувајќи од снабдувањето, потрошувачката, па и цената на водата за пиење.

Третиот случај со којшто се занимававме се станбените зони во населбата Har Homa, колонија од источната страна на Ерусалим. Тука израелското население го фрла својот отпад во т.н. „заштитен појас“, односно на палестинска територија. Големите количини отпад создаваат ѕид околу населбата, а ѓубрето не се фрла само бидејќи е ѓубре, туку тоа повеќе е симболички чин на одвојување од околината и создавање на сигурносна меѓузона.

Го спроведовме ова истражување за да го сфатиме влијанието на градежните фирми врз територијата и последиците кои се произведуваат. Се обидовме да дадеме одговори на некои прашања низ сосема мали прагматични акции. Предложивме уредување на субстандардните палестински улици и изградба на паркиралишта, прочистување на отпадните води и нивна употреба во земјоделството и домаќинствата, како и преместување на местото за сместување на отпадот и користење на тоа земјиште за земјоделство и останати јавни потреби.

Како што е веќе нагласено, беше тешко да се понудат решенија за оваа мошне комплексна ситуација. Затоа се одлучивме на низа мали интервенции кои ќе послужат како експеримент за идни сценарија и можно одредување на „корпоративната друштвена одговорност“.

Причината за создавање „Код...“ би била неговото користење во борбата против слични облици на кршење на човековото право од страна на градежните компании и пазарите на недвижности ширум светот, а не само во рамките на израелско-палестинскиот конфликт.

Извор: Grad POST-kapitalizma

www.mimolab.com

Слични статии:

Кога истражувањето ќе стане милитантно

Како живее мултитудата?

Правото на град - повеќе од популарен концепт?

Пукнатини вo урбанизмот што го познаваме

Поуката од периферијата на моќта

Одржливо користење, управување и финансирање во градот

Направи сам

Вистинска утопија

Изградбата на утопијата ги поврзува луѓето

Господо архитекти, сакате ли (сè уште) да го спасите светот?

Црвениот план

Ројц – местото каде што транзицијата тргна во спротивен правец

Квартовски лаборатории во Трст

..или Власта, најпрво, со

..или Власта, најпрво, со своите национални, политички, териториајални амбиции и заблуди ги крши човековите права..?
Зошто се плука по градежните фирми, агенциите и пазарот за недвижности кои се втори односно трети во низата вклучени во овој проект.
Текстот уствари е преведен, па нема подлога за дискусија.

ОкоБоли главаВицФото