Бесплатен Пропранолол за сите националистички кукавици!

15.03.2012 11:25
Предлог-иницијатива: бесплатен Пропранолол за сите националистички кукавици!

Предлог-иницијатива: бесплатен Пропранолол за сите националистички кукавици!

Дали знаевте дека постои апче (лек, медикамент, дрога... наречете го како сакате) кое сузбива имплицитни расистички инклинации, што веројатно значи дека би можело да се користи и како средство против појава на потсвесна ксенофобија од секаков вид?

Имено, примарната фокус група на експерименталниот лек Пропранолол се срцево болните, што значи дека неговата цел е слична како и онаа на секој друг медикамент од сличен тип, односно да се намали брзината на работата на срцето и да се намали крвниот притисок. Со други зборови, Пропранолол е уште едно (фармацевтите се надеваат поуспешно од останатите конкурентни лекови) средство за смирување. Меѓутоа, она што е специфично за овој лек не е неговата примарна функција, туку неговите неочекувани контраиндикации. Научните емпириски истражувања покажале дека субјектите-доброволци кои биле подвргнати на дејството на новиот лек, покрај вообичаените индикации, покажале пониско ниво на потсвесни расни предрасуди, отколку другите субјекти на кои им била дадена пласибо пилула. Заклучокот е јасен: научниците веруваат дека откритието може да се објасни со фактот дека расизмот е заснован на стравот. А бидејќи лекот има влијание врз оној дел од мозокот кој го регулира стравот, некои фармацевти веруваат дека тој може да се користи и како средство против анксиозност и панични напади.

Значи, стравот да ти бил во сржта на национализмот! Кој би рекол? Јас, пак, мислев дека зградите и спомениците од „Скопје 2014“ ги правиме исклучиво за да покажеме и докажеме колку сме антички, супериорни и моќни, а не како манифестација на исконски страв од Другите. Си мислев дека покажувањето заби кон Грците, а сега и кон меѓународната заедница, го правиме најмалку зашто се плашиме од некој/нешто, а најмногу зашто сме толку силни, што едноставно ни се може! Ми беше кажано дека вистински кукавици биле оние („комуњарите“) кои се воздржувале од провокации кон Албанците, Грците и поинаквите, а не оние кои ја имале „храброста“ да замавнат кон истите „душмани“ со бронзената сабја на Воинот на коњ. (Траги-комедијата со Воинот на коњ тука заслужува посебно место, зашто, иако требаше да претставува ултимативно средство за манифестирање на нашата „бестрашност“ пред „клетите Грци“, тоа на крајот се раскринка во својот лицемерен кукавичлак.) Кутриот јас и сите оние како мене кои верувале во таквите лаги!!!

Шегата настрана, отсекогаш било јасно дека чувството на национална загрозеност (тука мислам на онаа „загрозеност“ која преминува во фашизам) била иницирана од некаков вид на ирационален страв од Другите, без оглед дали станува збор за национални малцинства, верски групи, надворешни непријатели, ЛГБТ заедница, НВО сектор исл.

„Леле, ќе нè навјасаат и истребат Шиптариве, ќе ни ја преобратат сексуалноста педериве, ќе ни ја земат верата муслиманиве, ќе ни го обезличат идентитетот Циганиве (се мисли на Грците) и, на крај, сето тоа ќе помине со благослов од предавничкиот соросоиден НВО сектор!!! Затоа, бесилка за сите!“

Јасно е дека вака некако тече дерационализираната мисла на гордиот, а во суштина преплашено малиот Македоноид. Кога незнаењето на нештата е на сила, кога рационалното поимање на општествената стварност е речиси целосно суспендирано (како кај нас денес и како во Србија за времето на Милошевиќ), стравот преоблечен во „национална гордост“ редовно мобилизира помасовно од што било друго. Истиот тој ирационален страв денес блуе од фреквенциите на Сител телевизија и им всадува уплав на Македонците од Албанците и обратно (наместо што повеќе да ги приближува и запознава едни со други).

Всушност, примерот со Србија го демистифицира највознемирувачкиот аспект на националистичкиот страв-фактор. Градејќи имиџ на наводна бестрашност, национализмот, по неговото пустошење, ја претвора стварноста во детонирано, постапокалиптично минско поле, од кое овојпат треба навистина да се плашиме. Имено, тој најпрвин се пројавува како извештачена слика на стварноста, за потоа да премине во вистински страшна слика. Според тоа, на еден чуден, антибодријаровски начин, иницираниот од национализам страв преминува од симулација во стварност. И тоа е она што е, во суштина, најстрашното кај него.

Антинационалистичка терапија:

Според редот на нештата, за крај би предложил соодветна терапија за ситуацијата во која самите се заглавивме. Значи, предлагам да влеземе во еден молитвен дијалог, но не со спомениците на храбрите Македонци кои, нели, треба да нè поучат што значи бестрашност, туку со холестеролот. Значи, би го замолил неговото височество Холестерол, што е можно повеќе да се вгнездува во крвта на сите националисти од овие простори (мрсно му е мајката, верувајте!). Но, без гајле! Се разбира дека не им посакувам трајни кардио-васкуларни компликации или нешто пострашно. Само би сакал да видиме (сите ние) дали Пропранололот ќе може да ја заврши работата: дали ќе успее барем малку да ги „олади“ зовриените националистички глави, за да можат конечно да се опуштат и да нè поштедат од нешто што навистина би можело да биде страшно.

Карикатури: Маријан Каменски

Авторов апнал Паламудин форте

Авторов апнал Паламудин форте изгледа.