Jan Bucquoy, собирачот на гаќи на славните

04.08.2009 11:32
610x.jpg

Замислете го изразот на државникот, дипломатот или на другите угледници кога ќе добијат ваков допис:
„Дали можете, заедно со своерачно потпишана писмена потврда, да ни ги испратите вашите гаќи, па со тоа да го почестите нашиот единствен музеј со вашиот најинтимен дел од облеката. Примаме само користени и чисти примероци. Печат, потпис, Jan Bucquoy.

Човекот кој е основач на музејот, колекционер на долна облека на познатите, оној кој со задоволство би бил политичар, во последните 20 години собра импресивна збирка.


Горд што бил приведен

„Пред 20 години, кога го основав музејот, го регистрирав печатот, испратив 10.000 писма. Тоа чинеше многу, а добив 10 одговори. Подоцна, кога станав познат, на 10.000 писма добивам 100 одговори.“

Белгискиот авангарден уметник, кој во Белгија е национално признат автор, пред галеријата во која се одржува изложбата на неговиот подвижен Музеј на гаќите, намести стара дрвена маса и неколку столови. Белгијците се или прекрасно, човечки обични досадни луѓе или целосно надвор од контрола, со неограничена фантазија и креативност, како и вродена склоност за надреализам. Bucquoy е најавтентичен enfant terrible, провокатор на сите полиња, а секако, неизмерно шармантен и цивилизиран во комуникацијата. (Ете, тоа е цивилизацијата: неограниченото безобразие се сублимира во уметноста, а не обратно, безобразно да се однесува приватно, додека уметноста е досадна.)

„Да, навистина дека го повикав кралот за над него да извршам декапитација, затоа што сум противник на монархијата и сметам дека кралствувањето со Белгија треба да заврши на тој начин.“ Бидејќи дворот не почувствувал потреба да одговори на официјалното писмо со повикот упатен кон кралот, Bucquoy направи восочна фигура, ја покри главата на својата скулптура со гаќи, па симболички му ја откина главата. Затоа помина, на што е многу горд, една ноќ испрашување во полиција.

Од својот дрвен стол, со пиво што му го носат од кафулето преку патот, Bucquoy контролира кој доаѓа на изложбата и ги прима пријателите и новинарите на кафе. Се наоѓаме во многу шармантен дел од Брисел, во стариот, боемски кварт Марол, каде што делумно на диво делумно организирано се продаваат и сериозни антиквитети и безвезни предмети, каде на пазарот дневно се истовара содржината барем на пет домаќинства чии сопственици нагло умреле, или заминале во дом, а трговци се староседелци од квартот. Спроти галеријата е кафеаната Варме Васер, која се наоѓа на истото место околу 400 години. Малку понатаму има евтин ресторан, каде што супа јадат сиромасите од квартот, седат покрај фантастично богати луѓе кои тука доаѓаат заради атмосферата, и слушаат џез сесии. Духот на овој амбиент не е променет уште од средниот век. На изложбата, две простории: во првата, отворена кон улицата, гаќите на белгиските јавни личности и политичари. Розовите танга гаќички на тукашна порно актерка имаат истакнато место, заедно со сериозните, сини, малку побелени боксерки на белгискиот министер за финансии. Внатре, констатираме дека своите гаќи ги дале разни белгиски амбасадори, министри, па и премиерот на Фландрија.


Сликар, цртач, филмаџија

„Во суштина, јас им порачувам: сите ние сме еднакви. Никој не е ниту подобар ниту полош. Дали сте во состојба да го признаете тоа, тоа дека сте исти како другите, дека не сте подобри од другите.“

Bucquoy е првенствено ликовен уметник, сликар, а како и поголемиот дел од тукашните уметници, поминал низ стрипот, автор е на сценарија за 12 филмови, и е феноменален цртач. Ја зеде на заб белгиската легенда, Херџ, автор на серијата стрипови за Тинтин. За Тинтин се напишани докторати, есеи, книги, но безобразниот Bucquoy го интересираше она што го искажа во насловот „Сексуалниот живот на Тинтин“. Страшно е она што го направи од овој национален идол, храбар и бистар акциски херој-момче со вечно зачудена фаца, во какви сексуални ситуации го доведе, и него, и кученцето Мило, и капетанот Хадок, и оперската пејачка Кастафиоре. „Доста е од идолопоклонството кон тој антисемит и воен соработник“, одговараше Bucquoy. Херџовата вдовица го тужеше за бласфемија, но се повлече кога Bucquoy на нејзините адвокати им покажа компромитирачки материјал за славниот автор на Тинтин.

Направи и инсталации на сметка на сексуалниот живот на кралот и со тоа повторно го запрепасти дворот. „Сите моќници треба да се замислат со гаќи врз главата, треба да се замислат за време на сексот, треба да се симнат од пиедесталот, да се потсетат дека се она што сите ние сме – луѓе“, објасни. И, да завршиме со овој дел од опусот, тој е автор на два урнебесно смешни и наградувани филмови „Сексуалниот живот на Белгијците“. Филмовите наликуваат на неподносливо смешните комедии на Луј де Фин.

Дали политичарите лажат, дали испраќаат и поубава долна облека, дали жените испраќаат кокетирачка долна облека?

„Не би рекол“, вели овој познавач, „министерката за култура ми испрати обични, бели, памучни гаќи, амбасадорот во Лондон боксерки со ликови од цртани филмови...“

„Најмногу би сакал да ги имам гаќите на папата. Најмногу. Но, би сакал да ги имам и гаќите, на пример, на Ахмадинеџат. Кога би ги добил неговите гаќи, но и на Путин, би знаел дека нема да има војна. Човекот кој е во состојба да ја сфати својата човечност сигурно не би влегол во војна.“

За музејот на гаќите е пишувано во многу европски весници, а особена возбуда предизвикува тоа што Bucquoy наскоро започнува француска верзија. Би сакал во колекцијата да ги има гаќите на Саркози, на Ширак, а се разбира и гаќичките на Карла Бруни, на Сеголен Ројал... Не знае дали потврдно ќе му одговорат, но се надева. Потоа, а дописите веќе се испратени, тргнува за Британија. Толку е познат и интересен што не можат да одолеат да не го повикаат на телевизија, а потоа тој таму ќе направи некоја провокација, повторно ќе навреди некоја величина, ќе се закачи со некоја светост... Тврди дека припаѓа на партијата на Бананите, која има слични конотации кога ќе се каже „го ебавме ежот“. Во деведесеттите процесите финансиски го исцрпеа, беше славен но без пари. Но, и понатаму еднакво безобразен, ни малку помал анархист.


Извор: jutarnhji.hr

ОкоБоли главаВицФото