1008 hPa
48 %
28 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 13:59
По осми пат БЕСТ Скопје го организира саемот за вработување и кариера – Job Fair, и им нуди одлична шанса за вработување, пракси и соработка на студентите и компаниите во Македонија.
На саемот за вработување и кариера и оваа година ќе се претстават успешни компании од целата држава, а целта на овој настан е доближување на компаниите до студентите и дипломците преку директен контакт на работодавците со нивните идни вработени.
Овој настан, кој трае 3 дена, е одлична можност студентите и дипломците да се запознаат одблиску со нивните идни работодавци, да се информираат за можностите за вработување што ги нудат големите компании од земјава и странство и да се информираат за можност за реализирање пракси.
Компаниите учеснички имаат можност да ги запознаат посетителите со својата работа и со работните понуди. Посетителите ќе имаат можност да остават свое CV, да присуствуваат на презентации за работата на компаниите, кариерно ориентирани работилници и тренинзи за стекнување soft skills, пишување CV, однесување на работно интервју – корисни работи кои не се вклучени во предавањата на факултетите.
Job Fair во Македонија успешно се одржува веќе 8 години и претставува веќе препознатлив бренд, како меѓу студентите така и кај компаниите, а воедно е и еден од најголемите настани организирани од студентска организација. Повеќе од 50 студенти, членови на БЕСТ Скопје, напорно работат на овој настан шест месеци, со цел да обезбедат подобри можности за вработување за своите колеги и врсници.
Повеќе од 60 компании се досегашни задоволни учесници, секоја година саемот е посетен од голем број на студенти и дипломци, а многу од нив успешно се вработиле благодарение на овој настан.
Оваа година саемот ќе се одржува на 9, 10 и 11 aприл во просториите на Факултетот за eлектротехника и информациски технологии и Машинскиот факултет. Организатор на овој настан е студентската организација БЕСТ – Борд на Европски Студенти по Технологија која претставува интернационалана, неполитичка и непрофитна организација која, меѓу другото, има за цел да го прошири пазарот на трудот преку саеми за вработување и кариера, работилници, како и водење на интернационален центар за кариера. Една од главните цели на БЕСТ е да го поттикне развојот на студентите преку обезбедување на комплементарно образование и бесплатни тренинзи, работилници и академски курсеви.
БЕСТ Скопје ги поканува сите студенти да го посетат овогодинешниот саем и да се запознаат одблиску со нивните идни работодавци, а своите кратки биографии можат да ги остават на веб страницата www.jobfair.org.mk.