Солидарноста не е игра без победник

16.03.2012 11:10
Солидарноста не е игра без победник

На Европската Унија ѝ е потребен единствен закон за азил. Шефовите на владите не смеат да допуштаат популистите, кои во моментов се застапени во голем број во европскиот парламент, да влијаат на нивното дејствување по овие прашања.

Ветувањето на Европа дека ќе им помогне на луѓето во нужда во последно време е суштински доведено во прашање и можеме да констатираме дека Европа целосно потфрли. Итно ни е потребно единствено регулирање на правата за азил, кои би ја вратиле рамнотежа во поглед на одговорностите помеѓу земјите членки.

Гледано историски, бројот на оние кои доаѓаат во Европа барајќи азил е мал, но некои гранични премини се под огромен притисок, пред сè, поради недостатокот на персонал и опрема за коректно да се обработат сите барања. Тоа е неправедно кон оние кои бараат азил и кон јавноста, која би морала да може да се потпре на тоа дека системот ќе им помогне на оние кои таа помош им е најпотребна.

Причините за бавното напредување на преговорите за нов единствен европски закон за азил се, пред сè, од економска природа, поради економската криза која моментално ја измачува Европа. Додека поради кризата ЕУ во последно време се занимава со себе, бунтовите во северна Африка принудија многу луѓе да ги напуштат своите домови. Дали Европа е во состојба да ги прими оние на кои им е потребна нејзината заштита и во исто време да се справи со економските проблеми?

Одредени бројки ни дават повод за загриженост: во првите три квартали од 2011 г. 75 % од сите барања за азил поднесени се само во шест земји членки. Во Британија поднесени се 20.000. Тоа е голем број, но половина од бројот во Франција и Германија, и помал дури и од барањата поднесени во Белгија или Шведска. Од 700.000 луѓе кои поради немирите во Либија побегнаа од земјата, повеќето избегаа во соседните земји. Околу 8.000 од нив, според проценките на ОН, биле во многу лоша ситуација и итно им била потребна помош, но државите на ЕУ едвај се спогодија да примат околу 400, а само Норвешка, земја која не е членка на ЕУ, прими ист број на луѓе.

Во 2011 г. во чамци преку Средоземно море во правец кон Европа преминаа 50.000 имигранти. Многумина на овој пат го изгубија својот живот: најновите податоци на ОН зборуваат за 1.500 луѓе. Оние кои стигнале до Лампедуза или Малта мораа таму и да останат, иако камповите за бегалци беа преполни. Другите земји членки не им пружија никаква помош на Италија и Малта во згрижување на луѓето. Само 300 бегалци кои дојдоа на Малта беа примени од други држави членки. Велика Британија спаѓа во земјите со долга традиција на згрижување на бегалци според програмата на ОН, па така, во 2010 г. таа прими 720 луѓе од оние кои избегаа во земји во кои немаа никаква иднина – втор најголема бројка таа година во ЕУ.

Во многу земји на ЕУ расположението во врска со ова прашање стана многу негативно, а во парламетните седат голем број популистички и ксенофобни партии, најмногу уште од време пред Втората светска војна. Тие ја користат моменталната криза сите виновници да ги изедначат со доселениците. Највисоките државни и европски пратеници не смеат да дозволат овие партии да влијаат на нивните постапки, бидејќи наспроти она во што ксенофобите би сакале да поверуваме, бројот на оние кои бараат азил во Европа е далеку помал од пред 10 години и не може ни да стане збор за тоа дека Европа во поглед на политиката на азил била посебно отворена. Само во Кенија живеат повеќе бегалци отколку во сите 27 земји-членки на ЕУ.

Меѓутоа, непредвидливите случувања, како што беше Арапската пролет, можат целосно да ги преоптоварат капацитетите на поединечни земји. Поради тоа Европа мора да биде спремна да понуди поддршка на одредени земји-членки, со цел бегалците да добијат достоинствен третман. Покрај заеднички минимални стандарди, постапките за добивање азил во некои земји-членки вклучуваат многу неодржливи услови за добивање дозвола за престој, а признавањето на статусот на бегалците значајно варира од држава во држава. Тоа е неприфатливо, бидејќи сите земји на ЕУ потпишаа исти меѓународни конвенции и ги делат истите вредности. Потребни ни се заеднички високи стандарди и подобра соработка за да се осигура дека поднесителите на барања за азил имаат еднакви права во транспарентната и фер постапка – независно од тоа во која земја поднеле молба за азил.

За да се постигне оваа цел, ЕУ веќе десет години работи на заедничка политика за азил, при што си постави ултиматум дека во 2012 г. ќе ги имплементира заедничките постапки за добивање на азил. Но, како и порано, преговорите напредуваат многу бавно. Мораме да ги интензивираме овие разговори.

Убедена сум дека сме во состојба да се избориме со моменталната економска ситуација и да останеме верни на идеалите на отвореност, толеранција и солидарност. Нашето залагање не може да биде залудно. Очекувам оваа година сите министри да ги одржат своите ветувања и да се изјаснат дека се подготвени на взаемна помош, како и дека единствената постапка за решавања на прашањето за азил конечно ќе стапи на сила.

Авторката е комесар на ЕУ за внатрешни работи.

Извор: Der Freitag

Фотографии: Давид Белокио

ОкоБоли главаВицФото