Греби и добиј

16.03.2012 17:49
Греби и добиј

Знаејќи колку порокот на коцкањето е проширен кај нас, во разни облици на обложувања и игри на среќа, треба да се објасни дека сите тие претставуваат исто коцкање, а со тоа и порок, кој треба да се отфрли. Сакам да подвлечам една сличност на коцкањето со омразата и нетрпеливоста кон другиот.

Почетниот порив за коцкање речиси секогаш е збогатувањето, но тоа секогаш на крајот носи само осиромашување. Исто така, и омразата кон другиот, поинаквиот, се води од сличен, но обратен порив – дека со тоа му се нанесува штета на другиот. Но, секогаш завршува со тоа дека со омразата сами на себе си правиме штета и од тоа единствено има полза само тој кој, всушност, сакаме да го оштетиме. Кратко кажано: во полза на сопствената штета! И како што во текот на нашиот живот доживуваме да видиме дека сите коцкари стануваат сиромашни, така и во текот на нашата политичка историја имавме прилика да видиме како многу кауромрзачи и шиптаромрзачи, всушност, завршија терсене: како војводи и африми.

И овојпат, како многупати претходно, провоцирањето на меѓуетничките односи во Македонија најдобро се опишува со „греби и добиј“. Гребењето по овие односи секогаш носело некоја политичка добивка за одредени структури во Македонија. Толку што сите веќе почнаа да чувствуваат дека е ова некое солидарно лото извлекување, како на некоја апсолвентска забава, каде секој ќе извлече иста добивка! Сѐ што треба да прави е да чека да му дојде редот да гребе и да ја извлече истата добивка! Онаа минималната!

Но, овојпат се случи нешто поинаку. Нешто што влева надеж дека со малку труд и акција од граѓаните и од политичарите, ќе може да вроди со државотворен плод. И тоа поради фактот што овојпат, гребачите, претераа. Овој пат, многу гребеа, веројатно и од нервозата предизвикана од фактот дека, ете, и Србија се качи на европскиот воз. Па, следствено на тоа, ќе немаат ненормална држава во близина за да избегаат кога ќе им се влезе во трагата. Гребеле до толку што не виделе што пишува под гребениот дел. Така, лидерот на ДУИ почна да ги уверува сите дека по длабоки анализи, всушност, таму пишувало: БЕЗ ДОБИВКА. А премиерот се дистанцираше до тој степен што дури ги нарече идиоти тие кои би можеле да помислат дека тој самиот нарачал тикет или какво било гребење. Да беа овие двајца како нас, само родители и граѓани, ќе беше доволно ова дистанцирање. Но, тие се повеќе и ќе треба да направат повеќе. За почеток, да обезбедат воспоставување правна држава. Сега и тука. Кога не го прават тоа што го бараме, односно кога нема правна држава, а при тоа изрекуваат големи зборови за ЕУ и за НАТО, изгледаат како татковци-коцкари, кои наместо да купат литар млеко за дома, тие ги ставаат парите на Милан и на Барселона! Ако треба, ете, ќе им дадеме двe бесплатни дојави како се прави тоа – да обезбедат парламентарен надзор над службите на МВР и регулаторното тело при ова Министерство да биде надворешно!

Секогаш кога се случува нешто од што политичарите перат раце и вперуваат прсти кон народот, ми текнува на една приказна за Насрадин оџа. На оџата еднаш му ја ограбиле куќата и му дошле роднини и пријатели да му изразат сочувство и поддршка. Притоа, секој по малку го обвинувал и самиот Насрадин за грабежот. Еден му рекол дека требало да стави дополнителен катинар за да ја заклучи вратата, друг му рекол дека требало да изгради уште поголем ѕид, а трет го сметал за неодговорен домаќин. Откако ги ислушал сите, Насрадин наивно запрашал: Па, добро бе, луѓе, зарем арамијата, кој дојде и ми ја ограби куќата, ни малку не е виновен?

Нервозното гребење доведе до тоа да се идентификува лицето Драган Павловиќ Латас, конкретно, со име и презиме, како и медиумите кои гребеа со ширење говор на омраза. Се издадоа себеси зашто претераа. Сега граѓаните треба да останат мудри и да не претераат. Најдобро е да се спроведат мерките од маалскиот соживот, каде тој е институција со стриктни процедури и правила. Така, кога некое дериште ќе опцуе, дури и со најтешки пцости, го фаќаат благо за уши и го пријавуваат кај неговите. Сега, Албанците треба да постапат така како што постапувал секој добар и еснаф човек во маалата.

Ако ги идентификувале сторителот и делото и по примерот на соживотот во маалата, треба да го пријават неодговорното дериште. Толку. Државата е маалото кое треба да преземе мерки. Нема потреба кутриот престапник, вака јавно да признае дека се плаши и дека го фатила прпа. Нека шета слободно по секое маало. Албанците нема да претераат и да направат нешто повеќе од благо кревање на ушите. Македонците, од друга страна, треба да им докажат на сите комшии дека тие не нарачале ниту гребење, ниту пцуење. И тие, исто така, треба да ги пријават другите пцујачи кај своите надлежни. Со тоа што за албанските пцујачи е полесно. За нив веќе има регистар. Така, Џеват Адеми и Кастриот Хаџиреџа веќе се во тој регистар – американската црна листа. Првиот може да дрдори колку што сака за негативната географија, за Бејрути и слично, но сѐ додека е на таа листа, сите соседи на Албанците ќе знаат дека тој не ги претставува нив. Другиот, уште пет пати можат да го изберат за претседател во ујдурма конгрес на некогашни политички партии, но сѐ додека е на таа листа, сите ќе знаат дека со него нешто не е токму.

А ние граѓаните: мајки, дедовци, синови и ќерки, сите ќе бидеме таму каде што ќе докажеме дека сме токму – во сабота, на маршот за мир, во Градскиот парк во Скопје!

Извор: Фокус

Ne kazuvaj prikazni kazi koga

Ne kazuvaj prikazni kazi koga ke delis pak baklava na plostad, ke ti projdeme samo kazi koga ke delis.

ОкоБоли главаВицФото