Бинго на граѓанската војна

17.03.2012 11:19
Бинго на граѓанската војна

Во последното коло на големата наградна игра „не се плаши, ти не стој, учествувај, дај се во граѓанскиот бој“ синоќа беа извлечени броевите на следните автобуси: 67, 45, 24 и 87. Луѓето што ќе прифатат да бидат уапсени како тепачи во возилата со овие броеви, ќе добијат по 500 евра, а тепаните ќе добијат по едно бесплатно возење во автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие во придружба на полицаец.

Организацијата на граѓанската војна и на наградната игра не се единствените мерки што ги презема владата на Надвојводата Шарло за релаксирање на меѓуетничките тензии преку мошне софистицираниот систем на меѓусебното истребување на заглупавената маса.

Премиерот се надева дека присуството на десетици илјади инвеститори од Индија и Малезија во автобусите на ЈСП ќе го стесни физичкиот простор за ескалација на граѓанската војна и ќе ја внесе толку потребната источна културна основа на љубовта и толеранцијата. Големи надежи се полагаат во новиот систем за националната и социјална сегрегација: Албанците ќе се возат само во приватните автобуси, а Македонците во државните на целата територија на бившата република освен во општините во кои Албанците се мнозинство, тепачите ќе се возат во украинските, а тепаните во кинеските автобуси, специјални системи ќе им покажуваат на тепаните кога треба да се симнат за да биде тоа најмалку една станица пред да почне работното време на тепачите, владата ќе набави петстотини илјади електромобили и ќе им ги подели на граѓаните ако претходните мерки не го спречат насилство, автобусите ќе бидат префарбани во зелено затоа што е утврдено дека црвената боја ја зголемува агресивноста кај патниците, женската бригада на македонската фаланга ќе биде повлечена од Авганистан и распоредена на истурени позиции во новите автобуси, Хорхе ќе побара итна седница на Советот за безбедност... Граѓанската војна е лоша работа која многу позитивно го мобилизира македонското општество.

„Тезата дека владата стои зад граѓанската војна во автобусите е идиотска“, изјави премиерот Груевски, пропуштајќи да забележи дека идиотизмот во неговиот став е трага што директно води во политичките лаборатории на Горското началство, а не содржина со која тој и неговата влада можат да се дистанцираат од тезата. Никој не спори со тоа дека тезата за улогата на владата во автобуската војна на граѓаните и на етничките заедници е идиотска, но малкумина се оние што се спремни да тврдат дека тезата не е точна. Идиотизмот на тезата ја содржи нејзината вистинитост. Тоа е материјал кој на форензичарите на политичкиот и меѓуетнички криминал во Македонија им овозможува непогрешливо да го откријат идејниот автор на злосторството.

Тука не говориме за појавноста на работите. Појавноста е виртуелна и кога е реална. Само тепаните се стварни. Говориме за длабочината на промените што ги предизвика политичката инсталацијата на идејниот модел на Внатрешната македонска револуционерна организација позната како ВМРО-ДПМНЕ. Не луѓето, не лидерите, не комитетите, макар што и тие играат помала или поголема улога, туку идејната основа на таа организација однатре и длабоко закономерно произведува деструкција веднаш и основи на деструкцијата што ќе следи во поблиската и во подалечната иднина. И тогаш кога се јавувала како револуционерно светло таа го осветлувала патот пред бездната наменета за македонската идеја. Денес таа инсталација се јавува во улогата на политички Балтазар кој ги откачува процесите на одумирање на македонската држава преку декапацитирање и тотално разводенување, дисфункционализација на нејзините внатрешни вертикали и суштини, преку крајно деструктивната глорификација на македонството како жртва на светот, на соседите од надвор и на Албанците од внатре, преку жестоките процеси на историската дезориентација, преку максималното растурање на внатрешната кохезија и елиминирање на причините за нејзиното постоење, преку трагичните процеси на дезелитизацијата во сите сфери, посебно во културата и политиката, преку дистанцата од единствената политичка шанса за историското преживување: Европската унија и НАТО, преку непрекидната игра со ексклузивните права на Македонците и со третокласноста на Албанците итн. На ист или на многу сличен начин на кој ја оневозможувала државотворната и национална реализација на македонската идеја на почетокот на минатиот век, одговарајќи многу одговорно на основните причини поради кои е формирана таа организација.

Тепањето по автобусите, нишкиот фестивал на антишиптарските песни и ора, бродовите на Вардар, Триумфекалната капија и целото тоа срање не само на плоштадот во Скопје туку во секое дупче и плоштадче во милата ни татковина, тешкиот цинизам на власта во врска со желбата да ја одведат Македонија таму кај што тие не сакаат да биде и така натаму, сè се тоа појавни облици, меурчиња што излегуваат од устата на еден агонизирачки субјект, од порите на еден мртовец кој ја чека официјалната телеграма за својата смрт. Особено е за одбележување темелното растурање на институционалниот капацитет на државата и поврзано со тоа на правната држава како таква и нивното подведување под неограничената арбитрарна моќ на еден тешко ограничен човек што овој народ имаше несреќа да го избере за лидер со неограничени овластувања. На тоа се надоврзува атомизацијата на општеството, убиството на вистината (М. Грчев) и убиството на шансите за какво и да е влијание врз што и да е надвор од хиерархискиот ред на власта. Тоа е смртта за која говорам. Државата се растура не само затоа што тоа го сакаат, односно го сакале оние што ја создале организацијата, туку затоа што во идејните основи на нејзината љубов со македонскиот народ државата со своите процедури, строгости и институции, е едно големо сметало, а за плурализмот и политичките субјекти кои имаат поинакви видувања и да не говориме.

Преродбата е историски процес во кој Македонецот прифати политичкиот субјективитет, втемелен на модернитетот, да го трампи за статусот на политичко животно кое ужива во бескрајното вртење околу стожерот на власта само затоа што власта му рече дека ако доволно долго се врти во круг еден ден ќе стигне во иднината. Да, и затоа што власта прифати тој да и ги пренесе сите свои овластувања и надежите дека ќе живее добро ако вети дека нема да мрдне од гумното.

Нашата ситуација е речиси безизлезна затоа што таа организација ние ја имаме не само како политичка партија со најширока подршка туку ја имаме и како основна историска легитимација. И затоа што револуциите го празнат револуционерниот жар на народите за по повеќе од сто години. А ние од нашата антифашистичка револуција на комунистите сме оддалечени неполни седумдесет години.

Таа организација е Злосторничко здружување по својата суштина. Тоа е тешка квалификација затоа што од неа треба да се изведат соодветни заклучоци и насоки на делувањето не само кон актуелната партија туку и кон крупни аспекти на историјата на овој народ. Партијата треба да се забрани, нацијата да се девмровизира, а правната држава да се рехабилитира. Може ли Македонија прво да изгради свест за тоа, а потоа врз основа на неа и да дејствува. Се сомневам.

Кога опозицијата апелира владата да ја спречи граѓанската војна во автобусите, таа се однесува како газела која бара лавот да си ги измие забите пред да ја изеде. Во синхронизирани објави од 25 позиции гласноговорниците на Социјалдемократскиот сојуз се обидоа да му објаснат на народот дека најголемата опозициона партија нема што да му каже. Јас имам впечаток дека луѓето не само што не ја забележаа пораката туку пропуштија да ги забележат и прес конференции од кои беше испратена.

Спектакуларноста не може да се постигне со мултиплицирање на баналноста (на таканаречените прес конференции) и со бескрајно повторување на нешто што сто илјади пати по ред успеало да ги остави луѓето рамнодушни повеќе отколку целокупната македонска забавна музика на новиот век.

Извор: globusmagazin.com.mk

Тричковски, Најдов

Тричковски,

Најдов истомисленик. Јас оддамна зборам дека ВМРО треба да се ДЕМОНТИРА од свеста кај заблудениот МК народ. Не е проблем ДПМНЕ проблем е „лепакот„ ВМРО, кој век и нешто наназад го држи глупиов, поглуп не може да биде, народ во дупка.

Колку само често слушам- Јас не сум дпмне ама сум за вмро...уат д фак???...истата спирала што не држи на дното...који је курац вмро??!!...освен братоубиства, убиства, атентати, кодошења, подметнувања, „убиј ближњега свога„...ма срање што трае

ти биди ми жив и здрав

ОкоБоли главаВицФото