Енциклопедијата Британика во ерата на Википедија

20.03.2012 11:20
Енциклопедијата Британика во ерата на Википедија

Моето детство беше побогато бидејќи дома имав енциклопедии. Тоа не беа скапите книги на Енциклопедија Британика, туку оние потенките и поевтини World Book книги. Мојата училишна библиотека имаше цел комплет Британика и голем број часови поминав нурнат во тие книги. Беа меѓу моите најомилени прозорци кон новите идеи и кон светот, и главно упориште на моето академско образование сè до колеџот.

Денес не можам да замислам зошто родителите или училиштата би купувале енциклопедии во облик на книга. Затоа, откако ја слушнав веста дека престанува печатењето на енциклопедијата Британика, бев изненаден само од фактот дека им требаше толку долго време да ја донесат таа одлука.

Не само што времето на печатените производи одамна измина туку е удрен и нов темел во историјата на споделување на човечкото знаење. Компанијата им изјави на новинарите дека тоа не значи смрт за сето богатство од знаење собирано со текот на времето, бидејќи последниве години поголемиот дел од тие содржини се префрлаат во дигитален облик и компанијата се префрла на друг деловен модел. Сигурно ќе биде интересно да се следи преминувањето на тој материјал во дигиталната ера.

Деновите на печатените книги Британика се избројани повеќе од една деценија, а Википедија не е таа која го предвиде крајот на овој облик. Тие заслуги можат да му се припишат на пионирскиот производ на Мајкрософт наречен Encarta CD-Rom, кој компанијата го лансираше на почетокот на 1990-те години и го задржа на пазарот до 2009 г. во повеќе формати, вклучувајќи и интернет верзија.

Енкарта не беше толку добра како Британика, ниту можеше да биде. Беше доволно добра да стане корисна за многумина. Кога станува збор за стандардите на оваа ера, беше неверојатно евтина бидејќи, ако ништо друго, беше многу поевтино да се купи CD-Rom одошто цел комплет книжни енциклопедии.

Не сакам да се вклучам во една од најомилените теми на интернет скептиците за тоа дали Википедија е добра колку Британика. Од една страна, Британика е многу подобра од Википедија бидејќи интернет енциклопедиите не се заинтересирани за голем број теми. Меѓутоа, англиската Википедија има над триесет пати повеќе статии, вклучувајќи многу за темите кои денес ги интересираат голем број луѓе, а не се содржани во печатените изданија. Исто така, мое мислење е дека квалитетот на Википедија ќе се подобрува со секој изминат ден.

Како што е случај и со другите сегменти на информацискиот екосистем, потребна ни е конкуренција во сегментот енциклопедии. Има многу простор за производи и услуги кои ги создадоа волонтери, покрај компаниите кои го плаќаат создавањето такви содржини и потоа ја наплаќаат нивната употреба.

Потребни ни се помалку супериорни ставови кон дигиталниот свет кои се толку чести меѓу издавачите, вклучувајќи ги и уредниците на Британика. Britannica.com на својот блог се обиде да охрабри разумна дебата за прашањето дали изобилството доведе до пад на стандардите, но и понатаму продолжи да гледа со презир на интернет конкуренцијата.

Станав поддржувач на интернет страницата на Британика, иако никогаш досега не плаќав за услугите, бидејќи сегментот бесплатни услуги отсекогаш ми се чинеше доволно добар во комбинација со други извори. Посебно уживав во впишувањето донекаде случајни зборови во одделот за пребарување, откако ќе ги прочитав статиите кои ми се појавуваа како резултат на пребарувањето. Употребата на видеа значително ги подобри резултатите, а најдобар пример за тоа е резултатот за зборот „вулкан“.

Ѝ посакувам сè најдобро на Британика во нејзината транзиција и сигурно ќе го следам тој процес. Тоа е труд кој вреди да се зачува и да се прочири на нови начини.

Извор: the guardian