Разбирањето на вистинската Европа

07.08.2009 11:05
Evropa.jpg


Замислете за момент што би се случило кога Европската унија би се пријавила за членство во Европската унија. Нејзината пријава глатко би била одбиена. Зошто? Европската унија не е дорасната на сопствените критериуми за демократија и европејство. Како што порано аргументирав, тој парадокс е присутен во самата срж на проблемот поврзан со Европската унија. Таа не е доволно европска.

Европа има нова и емпириска стварност со која не се занимава ниту еден од нејзините критичари. Антиевропјаните не можат да ја замислат иднината на Европа бидејќи не можат да ја замислат ниту нејзината сегашност. Тие се најдоа во стапицата од контрадикции поврзани со земјите членки на ЕУ кои самите себе погрешно се разбираат. И таа погрешна слика на европската сегашност го блокира нејзиниот иден развој.

Мислам дека можам да покажам дека евроскептиците одат во погрешна насока. Решението на проблемот на ЕУ не лежи во уште поголемиот национален реализам. Сосема обратно, решението лежи во уште повеќе Европа, повеќе реалност која веќе сега ја живееме - во космополитска Европа. Националните категории на размислување нè доведоа до таа слепа улица. Националниот нереализам е проблем на Европа. Ќе го докажам овој случај со три тези.


Европската унија не е христијански клуб

Таа емпириска изјава е толку очигледна што е вистинско чудо како немаше расправа околу тоа. Да се нарече Европа христијански клуб е исто како да се истакнува дека “Лондистан” не постоел - главниот град на исламот вон исламскиот свет. Да се истане дека ЕУ е христијански клуб би значело една невистина да се издигне до ниво на теорија чии претпоставки радикално се погрешни. Наједноставен пример е широко распространетата идеја дека Европа е голема заедница со заедничко потекло.

Тоа наѕирачко прашање на долго запоставената расправа за потеклото, на виделина го исфрли Турција. Оние кои не сакаат да ги прифатат Турците, ненадејно открија дека европските корени лежат во христијанското наследство. Оние кои го делат континентот, но не го споделуваат и христијанското наследство, станаа европското Друго.

Но тоа значи да се примени идејата за етничка нација - дека идентитетот се добива од родителите, и не може да се научи или заборави - на ниво на Европа. Таа ги разбира националниот и културниот идентитет како нешто инхерентно и меѓусебно исклучиво, така што две такви нешта не можат да бидат во ист логички простор.
Тоа не е само емпириски погрешно туку е сосема неспоиво со идејата за Европа. Ако идентитетите меѓусебно се исклучиви, тогаш Европа е неостварлив проект. Целокупната идеја за Европска унија се темели врз идејата дека некој едновремено може да биде Германец и Французин или Британец и Германец.
Опасни траги на идејата за ексклузивност постојат и во наизглед бенигната идеја за културен “дијалог”. Сликата што ја замислувате кога ќе го чуете зборот “дијалог” најчесто се состои од два одвоени ентитети, “ислам” и “Запад”, кои ја заземаат својата територија и кои мораат да ја испружат раката за да контактираат. Но, тие ентитети всушност веќе меѓусебно се проникнуваат. Уште повеќе, нивните внатрешни разлики се големи, како и оние внатре во нив самите.

Каде во “исламот” и на “Западот” можете да пронајдете простор за втората и третата генерација на муслимански доселеници кои денес се интегрален дел на секоја европска држава? Или, со други зборови, за “западните” муслимани? Или за арапската буржоазија? Источните христијани? Израелските Арапи? Списокот на исклучоци се продолжува сè додека не го надгласа правилото. Ако поблиску ја согледаме емпириската стварност, сè појасно е дека претпоставката за културната хомогеност всушност е негирање на стварноста.

Но ситуацијата и понатаму се влошува. Оние кои одново сакаат да го измислат христијанскиот Запад за да изградат ѕид околу Европа, на глава го превртуваат проектот на европското просветителство. Ја претвораат Европа во религија. Навистина виртуелно ја претвораат во раса. Не постои ништо повеќе антизападно и антипросветителско од тоа.

Вистинските стандарди на “европеизмот” лежат во одговорот на следното прашање; Што Европа ќе ја направи уште повеќе европска? Одговорот лежи во космополитската Европа, во која националните идентитети ќе бидат помалку исклучиви. Да се биде европски значи способност во една единка да се комбинираат делови кои само наизглед се чинат исклучиви во тесноградиот етнички начин на размислување. Се разбира, сосема е можно да се биде муслиман и демократ, како што некој може да биде социјалист и деловен човек - или, помалку пријатно, љубител на баварскиот пејсаж и основач на противемигрантско здружение.

Европската концепција за човечност не содржи конкретна дефиниција што всушност значи да се биде човек. Таа тоа и не може да го содржи. Во нејзината есенција е да биде антиесенцијална. Строго зборувајќи, таа е ачовечна, во смисла во која некој може да биде арелигиозен. Европската идеја за човекот е создадена токму со отфрлање на сите наивни концепции за тоа што значи да се биде човечен, а кои биле наметнувани од религиите или морализаторските метафизики.

Не е случајно што европеизмот најчесто се дефинира со процедури. Само прагматичко-политичката дефиниција може да ја изрази таа ачовечна суштина. Другата страна на тоа темелно ниво се радикалната толеранција и радикалната отвореност. Во нив лежи тајната на успехот на Европа.

 

Космополитската Европа е на пат да се прости од постмодернизмот

Поедноставено, можеме да речеме дека од националистичка Европа низ постмодернистичка Европа стигнуваме до космополитска Европа.
Космополитска Европа беше свесно конципирана и спроведена по Втората светска војна како политичка антитеза на националистичката Европа, и на физичката и моралната девастација произлезена од таму. Во тој дух Винстон Черчил, додека стоеше меѓу урнатините на уништениот континент 1946 година, изјави: “Ако Европа се обедини (...) нема да им има крај на среќата, благосостојбата и славата кои ќе ги уживаат нејзините 400 милиони граѓани”. Харизматичните државници на западните демократии - особено поединците и групите кои беа обележани со своето спротиставување на нацизмот - одново ја измислија Европа. Тие свесно допираа до другиот крај на масовните гробници и националните гробишта за да ја достигнат европската историја на идеите.

Космополитска Европа е проект роден низ отпорот. Важно е да се запомни што значи тоа. Прво, отпорот не беше автоматски одговор на пропаста. Тој беше реакција на трауматските искуства кои беа предизвикани со искривувањето на европските вредности. Космополитска Европа е родена низ горчливото сознание дека идејата за тоа што го сочинува “вистински човечното” го вклучува и субхуманото. Ако она “вистински човечното” станува база за националната држава, тогаш настанува тоталитарниот режим кој е исклучив, кој сака да раздвојува, преиначува, или да ги истреби сите луѓе кои не можат или не сакаат да се вклопат во неговиот идеал.

Тоа нè води до втората точка: ако во основа веќе не сакаме да бидеме создадени од трансцендентната хумана суштина, што тогаш се обидуваме да негуваме и задржиме? Ако сега ракуваме со децентрализирани квазисубјекти, за кои никој не може да рече што тие навистина се или што треба да бидат, која е неповредливата сушност што би требало да ја штитат нашите институции? Како можеме да осигураме таа да не биде отфрлена, мачена и уништена? Отпорот кој ја создаде Европа беше мотивиран од јасните идеи за неповредливото човечко достоинство и за моралната должност која налага да се намали страдањето на другите. Основата на хуманоста беше чувството на сомилост - структурно празно чувство кое содржината ја црпи однадвор. Тие космополитски идеали станаа темели за повоениот европски проект.

Космополитска Европа е основана како нешто што морално, политички, историски и економски се бори за помирување. Таа е решителен прекин со поранешната политичка историја. Со неа дефинитивно завршија 1500 години внатреевропско војување. Таа идеја за помирување повеќе се практикуваше материјалистички отколку што се проповедаше идеалистички. Безграничниот пазар беше првиот чекор кон “бескрајната среќа” што Черчил ја предвидуваше. До помирување дојде со помош на институционално кодирање, создавање световна меѓузависност во економијата, политиката, на подрачјето на безбедноста и во културата. Космополитизмот се создаваше свесно, како стварност, а не како теорија.

Ако сакаме да ја ископаме изворната свест за космополитизмот која ги сочинува темелите на европскиот проект, тогаш ќе се соочиме со колективното сеќавање на холокаустот - како што истакнаа Даниел Леви и Натан Шнајдер во Memory Unbound The Holocaust and the Formation of Cosmopolitan Memory. Темелните документи на европскиот космополитизам, пишувани додека војната сè уште беше блиско минато, беа документите од Нирнбершкиот процес. Притоа јасно гледаме дека космополитската институционална логика била првата работа кон која тежнееле градителите на Европа обидувајќи се да ги прекинат врските со минатото.
Нирнбершкиот суд воведе правни категории и судски постапки кои го надминуваа суверенитетот на поединечните национални држави. Причините имаа практична природа. Тоа беше единствениот начин историската монструозност на систематското истребување на Евреите, организирано од државата, да се дофати со помош на правен концепт и со судски постапки.

Повелбата на Меѓународниот воен суд во членот 6 опишува три категории злосторства: злосторство против мирот, воени злосторства и злосторства против човечноста. Нацистичките злосторства беа проценети според тие нови категории, а нацистичките злосторници беа процесуирани и осудени. Злосторствата против мирот и воените злосторства сè уште ги претпоставуваат законите на поединечните национални држави, кои тие исто така ги прекршуваат. Концептот за злосторство против човечноста ги исклучува претпоставките на поединечните национални држави. Тој е отелотворение на космополитскиот светоглед во правна форма, и во многу точки беше пред своето време. Најпосле, адвокатите и судиите кои работеа при Нирнбершкиот суд не се фатија во костец со таа нова категорија. Но, од трите категории токму таа остана во европското сеќавање. Денес, дури и кога зборуваме за “воени злосторници”, всушност мислиме, како тоа да е разбирливо по себе, на личностите кои направиле “злосторства против човечноста”.

Не беше воведен нов закон, па дури ни нов правен принцип туку нова правна логика која раскина со некогашната национална логика на меѓународното право. Следува дефиниција од членот 6: “Злосторствата против човечноста: убиство, истребување, заробување, депортација и други нехумани чинови спроведени над цивилно население, пред или за време на војна; или прогонување врз политичка, расна или верска основа, кое било поврзано со злосторство или довело до него, се под јурисдикција на судот, без оглед дали станува збор за кршење на националниот закон, и ќе бидат процесуирани.”

Првата темелна формулација е “пред и за време на војна” - тоа е она според што се разликува злосторот против човечноста од воениот злостор: до војна воопшто не мора да дојде. Друга формулација вели дека таквите злостори постојат “и дека ќе бидат процесуирани без оглед дали го кршат домашниот закон”.

Таквите големи разлики во однос на националните правни концепти беа потребни бидејќи прогонот на Евреите беше допуштен по законите на нацистичка Германија и бидејќи се случи пред да избие војната. Но тие две формулации заедно менуваат сè. Тие ја претпоставуваат индивидуалната одговорност за сите прогонители, која не се мери внатре во националниот правен контекст, туку ја одредува меѓународната заедница. Она што некогаш беа злостори против државата сега се злостори против човечноста. Ако државата е злосторничка, тогаш поединецот кој и’ служи мора да смета на тоа дека за своите дела ќе биде обвинет пред Меѓународен суд.

Најпосле, фразата “цивилно население” го исклучува граѓанскиот принцип и го заменува со принципот на космополитска одговорност. Тој космополитски правен принцип има задача да го штити цивилното население не само од насилството на други непријателски држави (што спаѓа во подрачјето “воени злосторства”) туку и од насилството кое државата го спроведува над сопственото население - или, што е поважно, против неграѓаните, луѓето кои се бутнати вон правните граници додека живеат внатре во нејзините граници.

Тоа не е само далекусежно и провокативно. Станува збор за комплетен пресврт на правните принципи, за негирање на она што порано била правна законитост, национален правен код; станува збор за суспендирање на тој код. Космополитскиот закон е присилен да го крши националниот закон за да стапи во сила.

Но сега се отвора едно прашање на кое е многу потешко да се одговори отколку што се чини во прв момент. Над кого се спроведува злосторот против човечноста? Правно зборувајќи, дали тие злостори беа насочени само кон Евреите? Ако тие се спроведуваа против човечноста, како што самото име зборува, подразбира ли тоа дека се злосторства против сите? Вклучувајќи ги и извршителите?
Имаше некои кои во времето на Нирнбершкиот суд истакнуваа дека злосторот против човечноста е невредност бидејќи човечноста е празен поим. Тој приговор треба да има поголемо значење денес отколку тогаш. Ако космополитска Европа е заснована наспроти некои темелни идеи за тоа што го сочинува вистинскиот човек, што тогаш браниме под паролата “човечки права”?

Дали станува збор за моментот во кој космополитска Европа создава внатрешна контрадикција, која воедно е правна и морална и политичка. Традицијата која ги изнедри колонијалниот, националниот и геноцидниот хорор секако е европска. Но таа ги создаде и правните стандарди кои ги осудија тие дела и ги стави под рефлекторите на светската јавност. Во тој формативен момент од својата историја Европа ги мобилизираше своите традиции за да создаде нешто историски ново. Ја бранеше идејата на препознавањето на човечноста на Другиот и ја претвори таа идеја во темел на една историски нова и спротиставувачка логика. Ја обликуваше таа логика за да и’ се спротистави на етничката перверзија на европската традиција, на која толку и’ беше подложна европската современост базирана на нациите. Стануваше збор за обид за создавање на европски антипод на Европа.
Во таа смисла, сеќавањето на холокаустот не е само споменик на европската смисла за трагичното. Тоа е споменик на европскиот варваризам кој беше можен со спојувањето на современоста и националните држави. Станува збор за масовни гробишта на кои Европа се заколна да тргне по поинаков пат. Европското колективно сеќавање на холокаустот ги сочинува темелите на Европската унија. Тоа предупредува на фактот дека современоста, ако се развива само на подрачјето на националната држава, ја поттикнува моралната, политичката, економската и технолошката катастрофа брз граници, без милост и без размислување за сопствениот опстанок.

Постмодернизмот се здружува со националистичка Европа во преодот на песизмот во траен очај. И двете ја порекнуваат можноста за борба против европскиот хорор на начин да се радикализира идејата за Европа. И двете го игнорираат обидот Европа да се направи поевропска на начин да се направи покосмополитска. Во таа смисла денешниот европски песимизам го врти старото правило: се сеќава на минатото за да ја заборави сегашноста. Мислам дека Јирген Хабермас сосема е во право кога истакнува дека постои длабок континуитет помеѓу европскиот песимизам и постмодерната. Заедничка им е критиката на современоста, антисовременоста која не нуди никаква алтернатива освен минатото.
За разлика од тоа, космополитска Европа е институционализирана интерна критика на европската традиција. Тој процес не е довршен; тој не може да се доврши. Навистина, насоките од просветителството кон постмодерната и космополитската модерна само се некакви почетни фази.

 

Националните категории на мисли ја прават можна идејата за Европа

Националната точка на гледање забележува само два начина на читање на современата европска политика и интеграција. Едниот е федерализмот, кој води до федерална супердржава, а другиот е внатрешното владеење, кое води до федерација од држави. Обата модели емпириски се несоодветни. Тие не можат да ги опфатат основните нешта за сегашната Европа и нејзините нации. Во некоја длабока структурна смисла тие модели се антиевропски. Ја порекнуваат највредната цел: Европа полна со разноликост, Европа која помога да има што повеќе разноликост.

Тоа очевидно е моментот кога се отвора идејата за федерација на држави кои го бранат својот суверенитет од експанзијата на европската моќ. Европската интеграција од тоа стојалиште е форма на европска самоколонизација. Но тоа се однесува и на концепцијата за федерална супердржава. Така изгледа Европа кога се проучува само низ ексклузивните категории на националните мисли кои тоа можат да го разберат само на еден начин - како огромна етнокултурна национална држава. Тоа нема смисла, истакнуваат нејзините противници. Таквата нација е малку веројатна, непожелна и неевропска. Наместо да ја обвинуваат својата концепција, тие ја обвинуваат стварноста. Не им паѓа на ум дека Европа можеби не е соодветно конципирана како национална држава.

Федерацијата од држави и федералната супердржава ја опишуваат истата игра без добивка од различни агли на посматрање. Или постои една европска држава (федерализам) и не постојат национални држави членки; или националните држави членки остануваат владетелки на Европа и не постои Европа (интервладеење). Внатре во таквиот склоп на размислување Европа има корист, а секоја поединечна нација е во загуба. И тоа е точно без оглед дали некој ја прифаќа дадената опција или не.

Тоа покажува што значи изјавата дека националните категории на размислување го оневозможуваат остварувањето на европската замисла. Заплеткани во лажните алтернативи на националните стојалишта, имаме избор помеѓу не Европа и не Европа! Две исти страни од една слепа улица се истакнуваат како никогаш досега во моментните расправи околу Уставот.

Методолошкиот национализам не ја признава емпириската стварност на Европа, т.е. дека таа веќе е заедница од различности. Исто така тој не гледа дека тоа важи и за нациите од кои таа е составена.

Европа е непоимлива на нивото на националната хомогеност. Ниту поединечните европски нации веќе не се хомогени. Оние кои сакаат да ги задржат старите национални држави прво мораат да се преправаат дека тие стари држави сè уште постојат, дека и понатаму се национални контејнери од коишто другите се исклучени. Тие се преправаат дека таквата Франција, таквата Германија, таквата Британија сè уште постојат. Но тоа не е точно. Сè што денес постои се новата Франција, новата Германија, новата Британија: не веќе национални држави туку транснационални држави кои биле космополитизирани однатре.

Ист е случајот и со космополитска Европа. И практично и логички е невозможно таа да биде замена за многуте мали нации. Таа може да се сфати само како космополитска заедница. Инаку тоа не ќе беше Европа. Но таа може да стане транснационална држава, повеќе дефинирана и посложена варијанта на она во што веќе полека се претвораат нејзините земји членки.

Како што со Вестфалскиот мир завршија верските војни со раздвојување помеѓу државите и религиите, крајната цел на европскиот проект би можела да биде раздвојување на државите и нациите. Космополитизмот не подразбира укинување на религиите. Уште повеќе, тој подразбира уставна заштита на принципите на националната, културната, етничката и верската толеранција.

Многумина сметаат дека Вестфалскиот мир бил основа за модерниот европски државен систем. Ако тоа е точно, тогаш начелото на толеранцијата било темелно европско начело, основа на ненапишаната конституција. Затоа суштина на европскиот повоен проект беше продлабочувањето и ширењето на начелата на толеранцијата. Арелигиозната држава не ја укина религијата. Всушност, таа го допушти нејзиното ширење. Допушти постоење на повеќе религии; вистинска верска разноликост. Истото важи и за вистински анационалната држава. Целта не е да се укинат националните идентитети, туку да бидат сочувани од сопствените искривувања, како што Вестфалија ги сочува религиите да не се претворат во постојани верски војни.

Концептот на космополитска Европа ни ги отвора очите за она што веќе долго постои, она што сега мора да биде потврдено и радикализирано наспроти ограничените тенденции на националните стојалишта. Логиката што ги спојува спротивностите е единствениот начин на кој може да се стигне до Европа со национална разноликост. Концептот за анационална, космополитска држава ја оцртува европската стварност и ја поспешува реализацијата на нејзините норми.
Правните поставки на ЕУ веќе го истакнуваат тој нов вид двократност: и стварноста која постепено ја заменува старата и/или националните хомогености. Националните и европските правни и политички култури коегзистирале со десетлетија и го продолжуваат својот развој. Тие се споија во европска правна култура без укинување на националните политички култури. Тие претставуваат подрачје на постојано преклопување кое ја покажува политичката и општествената стварност. Проблем е што нашите идеи за национални држави не го држеа чекорот со стварноста.

Создавањето меѓузависност на секое подрачје на политиката - политиката на меѓусебното преклопување која европеизацијата ја прави секојдневен факт на нашиот живот - не е форма на соработка која ги остава недопрени државите членки. Уште повеќе, европеизацијата ја менува националната сувереност во нејзината суштина. Тоа е оној простор каде што меѓувладините стојалишта не успеваат да ја дофатат стварноста. Националните држави и општествено и административно веќе се претворени во транснационални држави, во срцето на својот raison d’etat. Од систем на национални држави Европа веќе е претворена во систем на транснационални држави. Целта е тој систем да се направи подобар, во прагматична и практична смисла.

Многумина често се прашувале зошто европските држави толку ретко и’ велат не на Европа, иако се толку незадоволни. Тоа е затоа што ги следат сопствените национални интереси. Додека ги следат сопствените интереси, секоја држава ги бутка сите други сè потаму во истиот кооперативен систем. Секоја нација ја ограничува својата слобода на заминување бидејќи од другите очекува да се здружат - ако тие тоа не го направат, таа ќе биде во полоша позиција. Ако случајот се повторува, очекувањата поврзани со меѓусебните очекувања во секоја држава создаваат национално јадро. Секоја нација ги има очекувањата на сите други во себе самата.

Тоа е начинот на кој европските интереси можат да станат интереси на поединечните нации. Тоа е начинот на кој играта без добивка може да се замени со европска игра на добивање. Така се европеизираат националните интереси. Тие стануваат рефлексивни национални интереси така што ги следат заедничките стратегии на самоограничување. Тие ги следат таквите стратегии зашто се успешни. Значи, не се космополитизирани само општествените сфери. Тоа станува вистина и за чисто националните интереси. Нациите не го следат космополитскиот реализам од чист алтруизам, туку од егоизам, реализам.

Исчезнувањето на националните држави всушност е исчезнување на националната содржина на државата и можност да се создаде космополитски државен систем кој подобро ќе ги решава проблемите со кои денес се соочуваат земјите во светот. Економската глобализација, транснационалниот тероризам, глобалното затоплување: литанијата е позната и застрашувачка. Постојат низа проблеми коишто стариот поредок на национални држави не може да ги реши. Одговорот на глобалните проблеми кои злокобно се натрупуваат и кои не можат да бидат покриени со решенијата на националните држави, е политиката која мора да направи голем скок од системот на национални држави до системот на космополитски држави. Политиката мора да го врати кредибилитетот за да може да дојде до вистински решенија.

Европа најмногу покажува дека тоа е можно. Европа го учи модерниот свет дека политичката еволуција на државите и на државните системи не е готова. Националната реалполитика станува нестварна, не само во Европа туку и ширум светот. Таа се претвора во игра во која никој не добива. Европеизацијата значи создавање нова политика. Таа значи влегување на играчите во голема игра, во борба за создавање правила на навиот глобален поредок. Слоганот на новото време може да биде: Америка нека направи место - Европа се враќа!

Слики: Александар Станковски

Europe is sh.. Nikogas nema

Europe is sh..
Nikogas nema da definiraat nesto zaednicko kako ideja i zaednicka realna politika. Nacionalniot egoizam i samoljubivosta koja e na granica na paranoiden fashizam gi pretvora vo svinska paca sto se odnesuva do pravilnoto rasuduvanje.
Bez USA tie bi bile lesna kolonija na Rusija, Kina i drugi mokni neoimperijalisti. Poedinecno evropskite drzavi se Ok. drzavi, no zaedno toa e eden birokratski Frankestajn.

Referenci

Luge bre, super vi e idejata za sajtov i se, ama najmalce sto mozete da napravite za da izgledate seriozni e da gi citirate tekstovite sto gi objavuvate. Ne e dovolno da kazete koj e avtorot - taka lici kako sive pisateli i misliteli specijalno za vasiot sajt da gi napisale tekstovite. I sto e uste poloso, sosem se izvadeni od kontekst: nemame informacija ni koga se objaveni, ni od sto se izvadok ako se izvadok, nisto. Bas sakam da ve citam, ama vaka mnogu se nerviram. A samo dva zbora poveke se mozat da rascistat. Isto, koj e preveduvacot e sosem neophodno. Ve molam bidete poseriozni, ova ne e zafrkancija.

Слични содржини

Општество / Европа / Теорија / Историја
Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Европа / Став / Теорија
Европа / Свет / Теорија
Општество / Европа / Став

ОкоБоли главаВицФото