1022 hPa
66 %
11 °C
Скопје - Сре, 11.12.2024 14:59
Демократијата никогаш не се остварува во целост. Во најдобар случај, таа е стремеж, состојба на достигнување. Во Америка цели генерации на црнци, жени, гејови и лезбејки се бореа за своите граѓански права – права кои, во многу случаи, се сè уште нецелосни. (Разни претседателски кандидати сега се натпреваруваат кој побрзо ќе ги укине.) Дваесет и првиот век започна со едни украдени избори. А тоа се случи во една од најсреќните земји на светот. На друго место – во Русија, Унгарија, Зимбабве – кревкоста на демократските стремежи претставува суров историски факт.
Да се сетите на Арапската пролет една година подоцна значи да оддадете признание на народното будење, но и да го признаете фактот дека екстазата на побуната е далеку од реализација на демократските институции. Во Египет, автократската војска се бори за власт со разни исламистички фракции. Во Сирија, Башар ал-Асад одговара на барањата на неговите граѓани со тоа што ги убива, илјадници секоја недела. Во Персискиот залив, султаните и емирите ги задушуваат потенцијалните протести со пари од нафта.
Во овој регион постои уште една држава која ја тресе кризата на достигнувањата на демократијата. Тоа е Израел. Со децении граѓаните на Израел – барем Евреите – оправдано ја опишуваа својата држава како единствена демократија на Блискиот Исток. Иако Израел, како што го замисли Теодор Херцел, а го подигна генерацијата на Дејвид Бен Гурион, никогаш не беше замислен како реплика на англоамериканскиот модел – неговата политичка култура, дури и сега, е блиска до културата на европската социјалдемократија – оваа држава може да се гордее со своите државни структури. Па сепак, како експеримент на еврејската власт, единствен после два милениуми прогон и егзил, Израел стигна до мртва точка. Сè посилната спротиставеност на различните вредности ја загрози неговата демократска природа. Кога владата секојдневно зборува за егзистенцијална закана од Иран, и поттикнува напад на иранското нуклеарно вооружување, таа ја игнорира внатрешната закана. Реакционарни елементи се кријат во многу демократии. Прашајте ги Холанѓаните, Британците, Австријците, Французите. Републиканската партија флертуваше со неколку такви елементи во овој изборен круг. Но, во Израел таа закана е исклучително сериозна. А загриженоста не ја изразуваат само најупорните критичари. Поранешните премиери Ехуд барак и Ехуд Олмерт предупредуваат на опасноста од стрмоглавување во апартхејд, ксенофобија и изолација.
Политичката корозија започнува, секако, со окупацијата на палестинските територии – на угнетените палестински мажи, жени и деца – која трае веќе четириесет и пет години. Питер Бејнарт, во својата нова книга „Кризата на ционизмот“, е само последниот во низата критичари кои истакнуваат дека една длабока антидемократска, дури и расистичка политичка култура се проширила помеѓу поголемиот дел од еврејското население на Западниот брег, и дека тоа ја загрозува целата држава. Експлоатацијата на доселенците, поддржаните и субвенционираните и од лабуристите и од Ликуда, доведоа до создавање етнократија која самата себеси се смета за траен браник на татковината. Во 1980 година, дванаесет илјади Евреи живееја на Западниот брег, „источно од демократијата“, пишува Бехнарт; сега се повеќе од триста илјади, меѓу кои и Ацигдор Либерман, ксенофобен израелски министер за надворешни работи. Либерман заговараше егзекуција на арапските пратеници кои се осудија да се состанат со водачите на Хамас. Неговите макартиевски сојузници ги повикуваат граѓаните да се заколнат на верност кон еврејската држава; заговараат ограничување на работењето на заштитниците на човекови права, како организацијата New Israel Fund; и закони за ограничување на слободата на изразување.
Херцел замислуваше плуралистички ционизам во кој рабините „не би уживале повластен статус во државата“. Овие денови, фундаменталистите покажуваат сè поагресивно средновековно однесување. Читаме застрашувачки репортажи за ултра-ортодоксни мажи кои плукаат по учениците, бидејќи сметаат дека се недоволно пристојно облечени, и бараат жените да се возат на задното седиште на автомобилот. Евијаким Леванон, главниот рабин на населбата Елон Морех блиску до Наблуса, вели дека ортодоксните војници подобро ќе стојат пред „стрелачки вод“ отколку да слушаат како жените пејат, и им забрануваат на жените да се кандидираат за јавна функција, затоа што „мажот ги претставува ставовите на семејството“. Дов Лиор, поглавар на важен рабински совет од Западниот брег, го нарече Баруха Голдстејн – кој во 1994 година со пушкомитралез уби дваесет и девет палестинци во Хеброн – „најсветиот од сите страдалници на Холокаустот“. Лиор препорачува книга во која се расправа кога е дозволено да се убие Арап, и со група рабини со слични ставови издаде проглас во кој на Евреите им се забранува да прадаваат или даваат на закуп имоти на оние кои не се Евреи. Не може да се каже дека луѓето како Либерман, Леванон и Лиор се огорчени луѓе од ирелевантната маргина; десничарска база – доселениците, ултра-ортодоксните верници, Шас, Националната верска партија – непроценливо се важни за владеачката коалиција на премиерот Бенџамин Нетанјаху.
На некој кој случајно ќе се затекне во Тел Авив или во некој друг послободен град, лесно може да му се измолкне реакционерната струја во земјата, но анкетите упорно откриваат дека многу млади Израелци губат допир со либералните и демократски принципи на државата. Многумина од нив служеле војска на окупирани територии; некои поради тоа ја презираат окупацијата која ја виделе од прва рака, но останатите ја прифаќаат официјалната верзија на приказната, и така го правдаат она кое биле приморани да го направат.
Минатата година, една анкета на Израелскиот демократски институт покажа дека 51 процент од Израелците сметаа оти на луѓето „треба да им се забрани јавно да изнесуваат остри критики против државата Израел“. Нетанјаху постојано истакнува дека таквите критики претставуваат непријателско дејствување. Дури ни САД, најсигурниот сојузник, не е ослободен од сомнеж. Актуелната американска администрација безрезервно соработуваше со израелската известувачка служба, и воведе страшни санкции врз Иран, па сепак, Нетанјаху, кој со недели престојува во Вашингтон, отворено и презирво се однесува кон Барак Обама. Навистина, нашиот претседател е филосемит, чиишто први симпатизери беа чикашките Евреи: Абнер Миква, Њутон и Марта Мино, Бетил Салкман, Дејвид Акселрод. Но за Нетанјаху, овие луѓе се погрешен вид Евреи. Вулф, на пример, работеше за Абрахам Хешел, рабин кој најчесто го поврзуваат со движењето за граѓански и социјални права. Вулф го донесе Мартин Лутер Кинг да зборува во неговата синагога, учествуваше во простестните маршеви во Селми и во 1979 г. беше еден од основачите на Breire (Алтернатива), една од првите американско-еверејски групи кои ја прифатија палестинската држава на Западниот брег и Газа.
Нетанјаху не сака такви контакти; неговата поддршка на палестиската државност е повеќе мимикрија. (Откако зборуваше за давање држава на Палестинците, неговиот татко, десничарскиот историчар Безион Нетанјаху, проникливо забележа: „Тој тоа го подржува под услови кои тие никогаш нема да ги прифатат.“) За Нетанјаху, вистински сојузници се AIPAC и Шелдон Аделсон – коцкарски тајкун и од неодамна финансиер на Њут Гингрич – кој во Израел поседува весник чијашто задача е да му овозможи поддршка. Нетанјаху знае дека младите американски Евреи се поделени, дека растечката ортодоксна заедница е со него, а дека помалку побожното и секуларното мнозинство – мнозинство кое сè повеќе се асимилира и претопува и станува незаинтересирано за еврејските учења – ги губи врските со Израел. Премиерот очигледно смета дека ревноста која му ја овозможува малцинството е поважна од раздвоената и слаба подршка на мнозинството.
„Сонот за еврејска и демократска држава не може да се оствари низ трајна окупација“, рече Обама. Нетанјаху и многу негови симпатизери сметаат дека не е така; премногу често мислат дека основните начела на либералната демократија се подложени на преговори во играта на коалициона политика. Таква краткорочна корист може само долгорочно да чини: овој сон – и процес на достигнување на демократија – може да заврши болно, дури и фатално.
Извор: The New Yorker
Илустрации: Balint Zsako