12 тези за проектот Југославија

22.03.2012 12:14
12 тези за проектот Југославија

Имаме ли денес причини да го поставиме прашањето за значењето на југословенскиот проект? Навистина, се чини дека судбината на ентитетот под назив Социјалистичка Федеративна Република Југославија конечно е запечатена со синтагмата која пред неговиот распад ја скова „поранешно-југословенската“ политичка филозофија: „Југославија како недовршена држава“. Токму од оваа перспектива произлегуваат денешните вообичаени оцени за „слабоста“, „деликатноста“, „нефункционалноста“ или „нереалноста’ на Југославија. На југословенскиот проект му недостасуваше нешто витално и затоа беше неизбежно осуден на пропаст. Заклучокот треба да го отфрлиме бидејќи неговата визура е лажна и искривена. Во прв ред, таа е само олицетворение на политичките вулгати на современиот капитализам – на „само-евидентноста“ на либералните нации-држави, со сите нејзини апарати за сувереност. Но, исто така, таа е сосем неспособна да ја регистрира или мисли политиката на која се засноваше југословенскиот проект. Таа политика му бега на видокругот на тезата за „недовршеноста на државата“ и дури се наоѓа во контрадикција кон неа. Всушност, парадоксално е што пертитентноста на таа контрадикција најдобро се гледа токму од самата реалност на војните околу југословенското наследство, војни кои за цел имаа уништување на југословенскиот проект како таков. Бидејќи – да се потсетиме – она што таа реалност најмногу ја изразува не е процесот на распаѓање на државата туку токму насилната логика на нејзината конституција од самото начело за „нормалноста“ на суверената нација-држава, односно од обидот за „довршување на државата“.

Наспроти оваа апологетска визура на реставрација треба да се постават неколку тези за модалитетот на постоењето на Југославија:

1.

Југославија која настанува во екот на Втората светска војна е револуционерна творба. Таа произлегува од барањето кое го образува револуционерниот субјективитет, „невозможното“ барање за радикално укинување на постоечката состојба.

2.

Колективот врз кој се темели југословенскиот проект израснува од фигурата на политичкиот антагонизам. Тој се воспоставува во склоп на формациите на антифашистичкото движење кое ги обединува луѓето во отпорот против фашистичката окупација, како и против капитулацијата и колаборацијата на државниот апарат на Кралството Југославија. Името на тој колектив е „Народноослободителна борба“.

3.

Југословенскиот проект е радикален прекин со секоја политика која се изведува од некоја предодредена супстанција. Конструкцијата која ја поставува декларацијата на АВНОЈ 1943 г. не е заснована на традицијата на Југословенството, на идејата за етничка сродност или на концептот на „народно единство“ кој послужи за изградба на политичкиот поредок на Балканот по Првата светска војна. Таа не почива на идејата за идентитетот „народ-нација“ кој му претходи на неговото политичко врзување, туку произлегува од самата политика, од политичкиот акт за отпор кон фашизмот и радикалното барање за еднаквост.

4.

Борбата која заеднички ја започнуваат македонските, словенечките, српските, босанските, црногорските и хрватските партизани, т.е. сите луѓе кои им се опираа на фашистичките сили, исто така е и борба против империјализмот и сите облици на експлоатација и доминација, и во иста смисла почива на фигурата на класната борба. Уште во самиот почеток на движењето неколку стотици шпански доброволци, работници и интелектуалци во прв план ги поставуваат ленинистичките тези: „Да се преобрази империјалистичката војна во граѓанска војна на пролетерите против буржоазијата“.

5.

Политиката на југословенските партизани го презема централниот мотив на буржоаските револуции, мотивот на „националното ослободување“, но на парадоксален начин, впишувајќи во него исклучителна противречност. Југоловенскиот проект не претставува „патриотски“ чин на одбрана на одреден поредок, одредени симболички и институционални структури, туку се втемелува како пракса на еден нов колектив, колектив кој темелно му се спротивставува на затечениот државен апарат. На тој начин НОБ прашањето за национално ослободување го поставува во множина, на начин што ослободувањето на еден народ, на една „нација“ на Југославија нужно вклучува ослободување и еднаквост на сите, што подеднакво се однесува на оние веќе „претставени“ во државниот апарат, како и на оние кои не се. Во суштина, контрадикцијата најјасно може да се воочи од спротивставувањето на ленинистичката формулација за „правото на народот за самоопределување“ кон самата конструкција на монархистичкиот поредок. Тоа „право“ во оваа ситуација не означува легитимација на една правно-политичка форма, принцип според кој секоја „национална заедница“ нужно се одразува во сопствената државна структура, туку претставува најмал заеднички именител преку кој се конститутира колективот кој ги обединува „народите“ во антифашистичката и антиимперијалистичката борба, во борбата за радикализација на егалитаристичката максима.

6.

Во таа смисла потребно е да се нагласи дека НОБ истовремено артикулира два различни концепта: борбата за национално ослободување на сите народи во рамки на монархистичко-фашистичкиот режим кој фаворизираше 3 нации (Србите, Хрватите и Словенците), дозволувајќи им право на субјективитет во државната репрезентација, исклучувајќи ги сите други нации, по цена на дозволување на масивните злосторства над одредени (50.000 Албанци се убиени за време на воената кампања на војската на Кралството Југославија меѓу 1919-1920 г.), односно концепт на народна борба која овде нема значење на национална борба туку политичка артикулација на бројното мнозинство кое е исклучено со теророт на монархистичката диктатура меѓу 1929-1939, но и теророт на окупацискиот режим на Силите на Оската и колаборациониот режим меѓу 1941-1945. НОБ е инвенција на огромното мнозинство: работници, селани, интелектуалци, жени, комунисти...

7.

Радикалноста на југословенскиот проект треба да се побара и во самата негова форма. Формата на политичката организација врз која е заснован тој е пример за процес на презентација. Овде се гледа суштината на прекршувањето со логиката на буржоаската „нација-држава“. Колективот кој произлегува од НОБ не се обликува како „суверен“ кој ќе се одрази во специфична државна машинерија. Тој не ја презема „сувереноста“ ни од монархот ни од „автономијата“ на политичкиот апарат наследен од стариот поредок. Напротив, југословенскиот колектив произлегува првенствено од формата на директните и масовни демократии кои настануваат во НОБ, од „пролетерските бригади“, „народноослободителните одбори“ и „земските антифашистички совети“. Овие облици на политичка организација, кои својата инспирација ја бараат во револуционерните ситуации, во работничките совети на Париската комуна и советите на Октомвриската револуција, не само што стојат вон државниот апарат туку се и посебно насочени против него, кон негово „разбивање“.

8.

Постоењето на револуционерниот субјективитет кој го втемелува југословенскиот проект, во крајна лиија, може да се види и од самата природа на ентитетот со назив Југославија. Југославија треба да ја сфаќаме како нужно контрадикторна реалност. Всушност, таа претставуваше единство кое е неразрешиво противречно и кое поради тоа вклучува и тенденција кон сопствено револуционирање, порив кон креативна делба и инвенции. Само од таа перспектива, која во традицијата на марксизмот-ленинизмот е позната под поимот „одумирање на државата“, можеме да го сфатиме развојот на противречностите и контрадикциите на развојот на југословенскиот проект, односно низата фигури кои не можат да се сведат и кои се обединуваат во југословенскиот државен конструкт. Во таа смисла Југославија го претставувала она што Ленин го нарекува „држава која воедно е и не-држава“.

9.

Што од таа перспектива денес означува „да се биде Југословен“? Југословенството не е едноставна категорија на припадност. Тоа првенствено подразбира луѓе кои ѝ се опирале на политиката која грчевито се врзувала со предикатите – држави, нации, вери, раси, сопствеништва, родови. Значи, тоа ја означува категоријата на иманентна пракса на сепарација. Југословени се оние чиј исказ „ние“ ја изразува страста на егалитаризмот, субјективитетот на еманципацијата. Југословенскиот колектив е оној колектив кој не е идентичен самиот со себе, колектив кој е способен да ја практикува сопствената трансформација.

10.

Политичката парадигма на југословенскиот проект е експериментална. Колективот на НОБ мораме во својата крајност да го сфаќаме како политичка форма која е способна да се развива без прекин, форма која има капацитет да се преобрази самата себеси во склад со сопствената тенденција. Праксата на политиката која се мери во однос на иновацијата треба да биде „лекција“ за политиката на партизаните.

11.

Денес, по војните за југословенското наследство, пост-југословенската ситуација ја карактеризира истиот ’етнички’ хаос како и пред Втората светска војна. Разликата е суптилна: новиот монарх, новиот тиранин е – демократот.

12.

На крајот, да разјасниме зошто е неопходно да се повикуваме на продолжување со проектот Југославија. Да се размислува и практикува политиката на невозможносто, политиката на надминување на постоечката состојба, во ситуација во која – како во случајот со југословенските партизани – непријателот е поброен и посилен, претставува директен континуитет со еманципацискиот проект Југославија. Гестот на југословенските партизани денес треба да ни послужи како инспирација во нашата ситуација – ситуација која колку е пост-југословенска, „пост-социјалистичка“ толку е и ситуација на новата глобална структурација на односите меѓу капиталот и правно-политичко-милитаристичките формации – да размислуваме за и да ја практикуваме нејзината невозможност, можноста за еманципација за сите.

2002 г.

Извор: novossti.com

Цртежи: Стефан ван Бисен

ОкоБоли главаВицФото