Баук кружи низ Европа

23.03.2012 10:32
Баук кружи низ Европа

Не толку одамна, во угледниот израелски дневник Haaretz е објавен прилог посветен на феноменот (и на порастот на тој феномен) на историскиот ревизионизам. За оваа прилика ќе ја занемариме непосредната причина за објавувањето на тој прилог и неговиот поширок контекст. Ќе се задржиме на неговиот заклучок, бидејќи тој отвора тема која – судејќи по сè – во Хрватска станува сè поактивна, и тоа на сè попогубен начин. За да не оставиме ниту најмал простор за обвинување од страна на дежурните диригирани мислители (на кои ужасно им сметаат сите кои мислат со сопствената глава, бидејќи ним им е кажано како треба да се мисли – па според тоа, тие – знаат), ќе го наведеме тој цитат од текстот на англиски, а потоа ќе се занимаваме со неговиот превод и значење.

Значи, Haaretz пишува: Blurring between hangmen and their victims will not lead to real reconciliation. Stalinism, with all its terrible crimes, did not develop a racial theory and did not engage in the systematic slaughter of peoples.

Во превод: „Замаглувањето на односите меѓу џелатот и неговите жртви не води кон вистинско помирување. Сталинизмот, со сите свои ужасни злосторства, не разви расна теорија и не се занимаваше со систематско уништување на народите“.

Изгубени во преводот

Интересно е да се забележи дека сите хрватски медиуми кои се послужија со цитатот, зборот „peoples“ погрешно го преведоа како „луѓе“ и со тоа – свесно или од незнаење – го изменија значењето на тоа што е кажано. Бидејќи, секако дека и сталинизмот се занимавал со уништување, ликвидирање на луѓе, но со цели народи – не. И тоа е таа голема разлика која нововековните поборници на тезата што и на нашите простори стекнува сè повеќе приврзаници упорно ја забораваат. Зборуваме за тезата која меѓу нацифашизмот и комунизмот става знак на еднаквост, прогласувајќи ги злосторниците за исти и ставајќи знак на еднаквост во нивната злосторничка природа (а со тоа и го релативизира Холокаустот). А тоа, едноставно, не е така.

Пред сè, точно е да се каже дека постоеја повеќе модели да се обиде да се реализира идејата и идеологијата на комунизмот, па за „комунизмот како таков“ е глупаво и да се зборува, бидејќи тој „како таков“ и не постоел. Никогаш и нигде. Постоела идеја, постоела идеологија и во нив нема ништо лошо. Гарантирано. Своевидниот егалитаризам во општеството во кое класичната држава изумира и во кое секој поединец придонесува „колку може“ и добива „колку што му е потребно“, бил привлечен за капиталистичкиот работник во тоа време, а за тоа колку би им бил привлечен на војската невработени ширум светот, Европа па и во Хрватска денес – излишно е да се говори. Марксистичкиот светоглед (заснован на филозофските дела на Карл Маркс и Фридрих Енгелс), кој бил научната основа на тие идеи и воедно смртноносна критика за капиталистичкиот модел на општеството и економските односи, денес низ целиот свет – повторно се изучува. Зошто? Дали ги интересира оние кои комунизмот го ставаат во ист кош со нацифашизмот?

Советскиот сојуз беше првата земја која се обиде да го реализира сонот (утопија, како сакате) за комунизмот и го создаде болшевизмот (во својата кулминациска точка: сталинизам), диктаторски облик на владеењето на една партија, а неретко и на еден човек, кој без никакви скрупули посегна по масовен терор за да ја сочува власта и да ги оствари своите цели. И милиони луѓе тоа го платија со животите.

Од Хитлер до Павелиќ

По Втората светска војна, советскиот модел, со многу мали разлики во нијансите, е пренесен во земјите од Источна Европа кои влегоа во советската сфера на интерес. Поранешна Југославија беше посебна приказна. После првите три до пет години во кои најпрвин го копираше Советскиот сојуз, за после конфликот со Сталин уште некое време да опстои на болшевизмот за да ја докаже „правоверноста“, се упати по свој сопствен пат. Во првите години имаше и злосторства, и ликвидирање без судска постапка, но исто како и во Советскот сојуз, и во која било земја од Источна Европа, никој не настрада само и само затоа што е член на една одредена нација. Значи, сумирано: не постоеше единствен модел на комунизмот во пракса, Југославија по првите неколку години сè повеќе се разликуваше од земјите на т.н. Источен блок, а во ниту една земја која се нарекуваше социјалистичка немаше прогони, а не, пак, систематско ликвидирање на одредени народи (нагласуваме уште еднаш: народи!).


Од друга страна. пак, нацифашизмот, односно национал-социјализмот (бидејќи моделот на Хитлер преовладуваше во окупирана Европа, додека фашизмот на Мусолини остана ограничен на Италија и само некои мали делови на Европа и Африка, кои беа окупирани од римскиот диктатор) беше заснован на теоријата за надмоќта на ариевската раса, за расата на предодредениот да игра улога на господар и сите останати кои се „помалку вредни“ и на кои може да им припадне само улогата на слуга (Словените во прв ред). За Евреите беше „резервирано“ само систематско затворање во логори (а под изговор дека станува збор за преселување во подрачја каде што е потребна работна сила), за по познатата Wannsee конференција (1942), да се заврши со индустриско уништување, без разлика дали станува збор за мажи или жени, за стари или млади, вклучувајќи и деца. Затоа што и само затоа што биле родени како Евреи.

Истиот модел верно го применуваше и усташката квази-држава НДХ која, освен Еврете, имаше и „свои Евреи“, односно Србите. А се ликвидираа на „балкански“ начин – тирански и со ножеви, па труповите на ликвидираните (оние за кои денешните усташконосталгични тврдат дека во Јасеновац добро живееле и уживале во театарски претстави) биле или фрлени во масовни гробници (кои, за чудо, никој денес не ги истражува) или пловеле по реката Сава. И повторно сумирано: нацизмот или нацифашизмот постоеше како единствен модел (со помалку отстапувања кога станува збор за германската, односно италијанската верзија), се потпираше на теоријата за расната надмоќ на Ариевците (оттука и грчевитиот обид да се „измисли“ готско или иранско потекло на Хрватите) и систематско, планско уништување на еврејскиот народ.

 

Болежлива сентименталност

Денешното изедначување на комунизмот и нацифашизмот е гола лага лансирана во функција на дефинитивното дискредитирање не на болшевичкиот модел (тој самиот себеси се дискредитираше) туку на идејата и идеологијата на комунизмот од кои „господарите на денешниот свет“ панично се плашат, а која во условите на сè поочигледното заоѓање на неолибералниот модел на капитализмот и кризата, како на владеачката класа така и на целиот систем, може да стане сè попривлечна за сè поголем број луѓе. Дел од одговорноста во таа работа недвосмислено имаат и европските институции, особено народните партии од низа европски земји кои се подготвени веднаш да подигнат (фигуративно кажано) бесилка за секој вистински или претпоставен „комунистички злосторник“, додека кон нацифашистите и неонацистите ја демонстрираат истата болежлива сентиметалност која се покажа веднаш по Втората светска војна кога преку познатата „стаорец линија“ голем број нацифашистички (и усташки) злосторници, со самарјанската помош на Ватикан, ја избегнаа раката на правдата и заминаа во „нов живот“ во Јужна Америка.

Така стојат работите и тоа треба да се знае. Никогаш не смее да се заборави дека нацифашизмот и комунизмот не се исто, токму затоа – да ги повториме зборовите на израелскиот новинар од почетокот на овој текст – да, сталинизмот реализираше ужасни злосторства, но – уште еднаш и по стоти пат – не разви расна теорија и не ги уништуваше народите додека, пак, нацифашизмот тоа го правеше.

Извор: novossti.com

Скулптури: LITTLEWHITEHEAD

Слични содржини

Општество
Општество / Теорија
Општество / Активизам / Европа / Свет
Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Став / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото