1010 hPa
88 %
13 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 03:59
Во Македонија се случуваат и убави работи. Оваа просто проширена реченица не е напишана туку така и не е само приговор кон сета мизерија и црнило кое нè опкружува, туку е и факт. Само што ова, впрочем, како и многу други работи, кај нас не е нагласено оти не е собрано на едно место. Доброто тука секогаш е распространето на мали парчиња кои, ако не се соберат на едно место, едноставно не се ни забележуваат. Сè е некако како во познатиот цитат: чудно е колку малку ни треба да бидеме среќни, а уште почудно е како токму тоа малку ни недостасува. Така, кога би се собрале во една реченица сите добри вести од минатите денови, тоа би изгледало отприлика вака: Пролет дојде, Пецко се врати, на саемот на книга во Лајпциг пак се претставивме како Македонија, на маршот на мирот се собравме секакви, а наш човек, Рене Реџепи, беше на насловната на Тајм магазин!
Секако, сето ова добро останува незабележано во споредба со една друга реченица: Пејачка со закана изнуди учество на фестивал, пендреци се продаваат на пазар, ограбена куќата на поранешна прва дама и најлошото можно нешто кое, ете, уште продолжува – каменувани автобуси, претепани млади дечки и девојки и една жена!
Исто е и во случајот со најнеопходното добро: слободата. Тоа е доброто кое најбрзо се чувствува дека недостасува. Само што Советот за радиодифузија конечно ќе ја стави на дневен ред расправата за говор на омраза, кога од друга страна се прават рокади на главни уредници во два различни весника, демек, во различни сопствеништва! Таман да помислиш дека примитивниот притисок врз Уставниот суд со скратување на буџетот, веројатно за папки и за хартија, не успева, кога ете Уставниот суд почнува да прима и незаконско поднесени, како во шахта подготвувани, претставки.
Мислам дека има чаре за она малку што ни недостасува за да бидеме среќни. Тоа малку во Македонија е секогаш спојката која недостасува. Чинам дека и со последниот успешен марш на мирот се покажа дека тоа е соработка на заеднички проект. Сигурно во тој марш имаше и лицемерни, но „лицемерието е комплимент кој порокот ѝ го дава на доблеста“. Маршот, сепак, беше успешен затоа што главно се собраа нормални луѓе кои сакаат мир и слобода.
Мирот и слободата се возможни само преку еден заеднички проект: правна држава! Оваа соработка е можна ако секој добро го искаже доброто што го сака. Така, Албанците јасно ќе артикулираат дека веруваат и ја сакаат Македонија, а таа ќе биде правна држава во која нема да бидат пцуени, тепани или ставени под хипотека од некоја си верска заедница, во која престојуваат лица со мафијашки манири и психологија. Толку. Не повеќе отколку што треба секој нормален граѓанин да ја смета државата за своја ако е до толку неправедна, без разлика за кого станува збор. За разлика од некои албански политичари тука, кои цело време се однесуваат како да се несовесни аргати на туѓа нива, и сметаат дека дури и кражбата и лагата се ќар!
Ништо помалку, но ни повеќе од нормална правна држава. Албанците исто ќе докажат и дека не сакаат Македонија да е третата албанска држава, но од друга страна и Гордан Георгиев треба да сфати дека иако Албанија е странска држава, Албанците во Македонија не се странци. Како што впрочем тоа не се ни Србите, Бугарите, Турците и другите кои слават и треба да слават денови и годишнини на нивното национално знаме и во Македонија. Верувам дека ова набргу ќе биде појасно артикулирано и разбрано како што конечно се разбра дека ДУИ е друга партија и има свој есап, кој по дефиниција е поинаков од тој на СДСМ или која било друга партија.
Друга пречка за соработка во проектот е што некои одбираат да се мешаат во туѓи работи, а да не се мешаат во своите! Така, министерот Ставревски, со одглумен израз на лицето како на некој таксист измамник во некој непознат град за патникот, кој прави непотребни кругови за да напредуваат цифрите на таксиметарот, вели дека нема да ја намали акцизата на нафтените деривати. Притоа заборавајќи дека ние граѓаните, исто како патници јабанџии во некој град, сме ја провалиле по два пати видената табла. Имено, кога барелот нафта беше многу повисок од сега, ние за нафта плаќавме помалку. Таа иста светска табла на два-три пати ја видовме и по тоа откривме дека овој прави непотребни кругови кога врти со очите, само за да останат исти акцизите и укажува на некои други табли.
Наместо овие кругови, нека смисли што ќе прави сега кога дојде пролетта, кога многумина од нас ќе се возат на велосипед или сè почесто ќе одат да полнат бензин во Косово или во Бугарија! Ајде баш да видиме, вака занесен од благајничката власт, како ќе смисли данок на велосипеди или пајаци и казни за нив?
И ненадминливиот Иванов, кој ете во слободно време глуми граѓанин и присуствува на граѓански собири. Наместо тоа, добро е во тоа слободно време да направи едно генерално чистење во кабинетот, да провери да не случајно Додик му оставил некој сеценистичко-сепаратистички нокт или влакно кога беше кај него на прием. Најмногу поради фактот што никако да ја расипе магијата на парцијално однесување и уште не стана тоа што треба да биде: претставник на националното единство. Ова со магијата е сериозно нешто оти од историја е општо познат фактот дека црната магија е многу распространета во места и средини како што е случајот со Република Српска, од каде што му дојде почесниот му гостин.
Извор: Фокус, 22.03.2012
Илустрации: Максим Покалев