1022 hPa
70 %

7 °C
Скопје - Чет, 13.02.2025 19:59
Sallotobuono е архитектонско студио од Венеција основано во 2005 година. Групата архитекти кои се дел од ова студио учествувала во неколку меѓународни културни проекти кои се обиделе да ги применат искуства од изработката на „прирачник“, во општествениот контекст како „Н-варијација“, изработен на работилницата „Катарина 06“ во Пула, „Domus параноја“ претставен во списанието „Domus“, „Италија бара стан“ претставен на Венецијанското биенале и „Де-колонизациски прирачник“ кој се занимава со изработка на стратегии за населување и трансформација на напуштените израелски колонијални населби во палестинските области.
Предавање на Марко Ферари, Матео Гидони и Џовани Пиовене.
Зошто прирачник?
Како група поминавме многу време проучувајќи прирачници, а во оваа прилика ќе претставиме еден од нив изработен за подрачјето на Западниот брег. Зошто точно прирачник?
Една од основните карактеристики на прирачникот е неговата оперативност. Непосредно е применлив бидејќи се состои од аксинометриски цртежи и нацрти, но јазикот со кој истите се објаснуваат не е строго стручен и ги визуелизира проблемите и можностите за алтернативни решенија на начин кој е разбирлив за сите. Јазикот на прирачникот оди од визуелизација на проектите со помош на слики и рендеринзите кои ги следат желбите на клиентите и инвеститорите, и се однесува кон корисникот како кон набљудувач. Корисникот на прирачникот е, сосема спротивно, активно ангажиран во процесот на субверзија на одредени стратегии. Поединечни цртежи укажуваат на општи теми и општи пристапи кон градските проблеми, а истовремено постои и детален приказ на изведбените елементи на градбите. Прирачникот е наменет за специфични корисници, но може да се преобликува и според другите потреби и да се примени во некоја друга ситуација, и во таа смисла останува вечно жив.
Урбанизмот како стратегија за контрола
Западниот брег претставува специфична „светска лабораторија“, поделена земја и стратегија за окупација, но таа стратегија може да се примени во слични ситуации, како што се разните запуштени предградија на големите светски градови. Населбите на Западниот брег не се ништо друго освен предградија за средната класа, и сите тие се одликуваат со физички карактеристики специфични за тој вид на планирање. Единствена дополнителна карактеристика која ги разликува од типичните предградија е нивната воена и стратешката важност. Може да се очекува оваа израелска техника на градење на населби, како и поголемиот дел од воените производи во светот, порано или подоцна да премине од воениот во цивилниот сектор. Тој процес всушност веќе се одвива – ексклузивни, затворени резиденцијални населби се шират низ целиот свет. Затоа е важно да се дејствува пред таквиот модел на поединечни населби кои стануваат општо правило на урбанизацијата, а тоа е само прашање на време. Во целата анализа и деконструкција на системот кој го централизира просторното планирање, односно урбанизирањето, потребно е да се сфати начинот на кој таквото централизирано планирање се одвива и како тоа дејствува. Значи, мораме да сфaтиме како се „гради“ за да можеме да „разградиме“.
Прва забележлива работа на Западниот брег е дека тој простор е ишаран како леопардова кожа: земјата во долината ја користат Палестинците, додека на врвовите на ридовите се наоѓаат израелските колонии. Порано палестинската земја на врвовите на ридовите е користена за заеднички потреби и не била во ничија сопственост, односно била комунална. Тоа е една од причините зошто израелската влада одлучила да изгради таму свои населби. Меѓутоа, сместувањето на колониите на врвовите на ридовите има и своја воена позадина. Проценката е дека речиси 85 % од просторот на Западниот брег се наоѓа на ридовите кадешто се наоѓа израелско население. Таа стратегија на контрола е само еден од начините со кои државата Израел го контролира просторот. Друг начин на вршење контрола над територијата е изградба на обиколница, пат кој речиси исклучиво го користат Израелците, а поминува низ земја без контакт со палестинската територија. Патот ги заобиколува палестинските населби и често се наоѓа во тунели, заградени или подигнати над земјата, не обрнувајќи внимание на земјата низ која поминува. Третиот начин на контрола на територијата се контролните точки на завршетоците на инфраструктурната мрежа која повремено се активира во случај на реални или претпоставени потреби.
По колонизацијата
Кога бевме повикани да учествуваме во проектот „Архитектура на деколонизацијата“, прифативме дека за изградбата на практичниот прирачник за деколонизација ќе ни требаат препораки за дејствување во случај на повлекување на израелското население од колониите.
Иако тоа повлекување може да звучи како луда идеја, токму тоа се случи во 2005 година, во Појасот Газа, и тоа со трагични последици. Со месеци се знаеше дека израелската војска и населението ќе го напуштат Појасот Газа, а на можните последици укажуваа и Европската унија, САД, Обединети нации и Обединетите арапски емирати. САД предложуваа куќите да продолжат да се користат на истиот начин и откако Израелците ќе ги напуштат, не водејќи сметка дека палестинските семејства се 3-4 пати побројни од израелските; Европската унија предложи сè да се урне и да се изгради повторно, а Обединетите арапски емирати имаа предлог да се изградат туристички комплекси наместо колонии. Значи, иако наскоро тоа нема да се случи, повлекувањето на жителите од колониите од Западниот брег е можно. Во Појасот Газа тоа лошо се реализираше: колониите се разурнаа, 3.000 куќи беа потполно уништени, а 1.500.000 тони отровен отпад остана во урнатините кои невозможно е да се расчистат, бидејќи таа зона е целосно затворена, оградена и опкружена со израелски воени сили.
Прирачник за децентрализација
Со изработката на „Прирачникот за децентрализација“ се обидовме да ја доловиме можната слична ситуација на подрачјето на Западниот брег. Избравме форма на прирачник бидејќи и државните планерски стратегии користат токму прирачници за да го кодираат дејствувањето на територијата.
Израелското министерство за просторно планирање во 1984 година, изработило прирачник под името „Правила за изградба на ридовите“ и зад тој невин наслов, всушност, се крие стратегија за окупација на палестинската земја. Бидејќи сите колонии се градени според истите мошне прецизни правила, стандардизирани се и сите се концетрични, а патот во нив кружно се шири од средиштето на ридот. На тој начин, од секоја куќа е овозможен поглед кон долината, а тоа е од стратешка важност бидејќи населбите се во исто време и цивилни и воени.
Целта на нашата работа беше да се деконструира службениот државен прирачник низ исчитување на неговите системи, алати и средства на дејствување, и нивно менување и предложување на нови алтернативи. Важно е да се нагласи дека секоја стратегија на деколонизација тргнува токму од стратегијата за самата колонизација која го пропишува службениот државен прирачник за населување.
1. Де-парцелирање: Со оглед дека речиси сите колонии се исти, избравме една од колониите – P’sagot, и се обидовме на апстрактен начин, моменталната поделба на власта внатре во колониите да ја споредиме со поделбата која постоела пред колонизацијата. Изведовме експеримент на депарцелација на територијата со меѓите на поранешните палестински парцели, не водејќи сметка за тоа што го изградиле Израелците. На тој начин секоја парцела стана пробна површина за стратегијата на деколонизирање. Ги анализиравме добиените парцели, особено оние кои биле заеднички и во рамки на палестинската поделба на земјата, односно некогашната комунала.
Ако ја разгледаме можноста за повторна поделба на земјата во границите кои постоеле пред колонизацијата (а проблемот на сопставеност внатре во напуштените населби навистина постои), значи, ако парцелите им се вратат на бившите сопственици, може да дојде до мошне необични ситуации. Можно е постојните куќи да бидат поделени меѓу двајца или тројца сопственици, па и таква ситуација внесовме во прирачникот.
2. Од-земјување: Под поимот одземјување подразбираме бришење на површинските 15 см од тлото, бидејќи во тој слој е впишана цела идеологија која довела до настанување на колониите: брзи патишта, паркиралишта, бариери меѓу куќите. Бидејќи арапските населби се градат на специфичен начин, додека колониите претставуваат еден вид предградија вметнати во некое друго опкружување и потполно се надвор од контекстот, се обидовме да измислиме начин на бришење на наметнатите организации и поделби на сопствеништво. Тоа е изведено со употреба на механизација и отстранување на површинскиот слој на тлото со помош на багери, но исто така и по природен пат со садење на одредени видови растенија. Со користењето на растенија започнува ширењето на микропукнатини во бетоноските и алсфалтни површини, што за неколку години ќе доведе до ерозија на тлото.
3. Ре-комбинирање: Оваа стратегија се однесува на една од главните алатки на колонизацијата, а тоа се контејнерите кои често се користат за воспоставување на населби со претходно поставување на инфраструктура или вршење на археолошки исттражувања, односно во сите ситуации и градилишта каде што постои потреба од чувар. Во тие случаи, земјата се оградува, а чуварот живее во контејнер. Постепено, бројот на контејнери се зголемува, а со тоа и бројот на луѓето кои живеат таму, и на тој начин започнува создавање на заедница. Тој процес најчесто започнува во најтесниот круг околу врвот на ридот, а кога целосно е довршен и исполнет, контејнерите се преместуваат во следниот, понизок прстен и процесот продолжува. По изградбата на неколку спирали, контејнерите се преместуваат на следниот рид. На тој начин колонијата се продолжува.
Стратегијата на рекомбинирање се занимава токму со контејнерите, не со тоа како би ги отстранила, туку како би се променила нивната улога и како да престанат да бидат средство за колонизација. Имено, се обидовме преку нив да го решиме проблемот со недостаток на станови.
4. Ре-населување: Колонијата P’saigot е одвоена од палестинската територија и палестинските кампови со многу голема тампон зона која е недостапна за Палестинците. Со оваа стратегија се обидовме да замислиме сценарио во моментот кога колонијата ќе се исклучи од составот на израелската контрола и луѓето ќе започнат да ја освојуваат земјата меѓу палестинските населби и израелските колонии. Тогаш палестинските населби би можеле да се шират од долините кон врвовите на ридовите и колониите. Замисливме дека новите арапски куќи ќе се градат потпирајќи се на ѕидовите на веќе постоечките израелски згради, а и дека постојните згради ќе се пренаменат во празен простор меѓу новите арапски градби – како своевиден атриум карактеристичен за традиционалното арапско сместување во просторот.
5. Ре –приклучување: Ова е стратегија за сценарио слично на она што се случи во Газа, каде што сите градби се разрушени, а единственото што остана употребливо се подземните инфраструктурни мрежи како гасоводот или водоводните цевки. Се обидовме да ја искористиме подземната мрежа како можност за надземна изградба.
6. Од-домување: Еден од проблемите на колониите, типичен за станбените населби во предградијата, е недостатокот на простор за заеднички активности. Се обидовме тоа да го решиме со меѓусебно поврзување на група куќи и нивно претворање во колективна градба во која би можеле да се вдомат разни општествени содржини во населбата, како училишта, општествени центри итн.
7. Од-сложување: И оваа стратегија се занимава со колективниот простор во ситуации типични за многу поединечни и атомизирани урбани структури на колониите. Пристапот се заснова на отстранување на покривите на објектите и нивно поврзување со приземни платформи со накривени текстилни покриви. На тој начин ќе се создадат пазари или отворени простори за производство.
8. Од–кривање: Последната стратегија се занимава со косите црвени покриви на израелските населби, сосем различни од арапските. Арапскиот состав на покривите е различна површина над самиот град која во текот на летото се користи за спиење или место за јадење на отворено. Во палестинските кампови многу активности се одвиваат на покривите, како концерти или проекција на филмови.
Како дел од израелската стратегија на колонизирање, покривите се секогаш црвени за оддалеку да се забележат, и во ситуација на бомбардирање на населбите, израелската војска да знае каде да не напаѓа. Во нашата стратегија се обидовме да ги поврземе покривите и да создадеме заедничка површина која би можеле понатаму да се користи за бројни активности. Предложивме различни решенија за изградба на такви површини, потпирајќи се на веќе постоечките покриви.
По прирачникот
Откако ја завршивме работата на прирачникот, не само што го презентиравме, туку и продолживме да ја развиваме работата низ соработка и дискусии. Неколку од стратегиите веќе се развиени во координирани акции на поединечни невладини организации на Западниот брег, а во моментов се занимаваме со сумирање на произведените материјали на минимален број на елементи потребен за разбирање. Затоа се надеваме дека и тој дел на Палестинците кои не учествуваа во почетната фаза од нашата работа ќе ги препознаат своите лични можности и тактики за деколонизација, субверзија и повторно користење на територијата која им припаѓа.
Извор: Grad POST-kapitalizma
www.salottobuono.net
Слични статии:
Кога истражувањето ќе стане милитантно
Правото на град - повеќе од популарен концепт?
Пукнатини вo урбанизмот што го познаваме
Поуката од периферијата на моќта
Одржливо користење, управување и финансирање во градот
Изградбата на утопијата ги поврзува луѓето
Господо архитекти, сакате ли (сè уште) да го спасите светот?
Ројц – местото каде што транзицијата тргна во спротивен правец