Земја на службеници и на селани

24.03.2012 12:58
Земја на службеници и на селани

Македонија станува земја на службеници и на земјоделци. Поточно би било да се каже дека стануваме држава на невработени и на социјални случаи, но во оваа анализа, вниманието сакам да го насочам кон активното население кое нешто работи. Со падот на комунизмот, работничката класа, т.е. индустриските работници, се најдоа на маргините на општеството. Драмата на посткомунистичките транзиции најдобро се огледа во фактот дека им се случи дезиндустријализација.

Пред одредено време на Б-92 еден српски научник изнесе фрапантен податок: Во Србија, во последниве две децении, бројот на вработените во индустријата е намален од еден милион на само триста илјади работници. Не сум забележал некој наш економски експерт да излезе со вакви статистичките показатели за Македонија, но претпоставувам дека бројките за сечата на индустриското работништво и кај нас се приближно слични како оние во Србија. На овој план лоши се состојбите кај речиси сите балкански држави.

Светската економска криза им отвори очи на Хрватите дека избрале погрешна економска стратегија откако стекнаа независност. Во Хрватска, барем, сфатија дека презадолженоста на државата и живеењето над вистинските можности главно се резултат на погрешната процена дека оваа држава може да живее само од туризмот и од терцијарниот сектор. Во последниве дваесет години, традиционалната индустрија, но и неколкуте пропулзивни индустриски капацитети, никако не успеваа да застанат на здрави нозе. Причината за тоа беше потценувањето и недостатокот од поддршка на индустрискиот сектор.

Грчката економска криза е можеби најеклатантниот пример кoлку се страшни последиците врз една национална економија ако се занемари индустријата. Точно е дека Грците станаа шампиони во неплаќањето даноци, а грчките политичари беа мајстори за земање кредити и за прикривање на вистинските бројки за задолженоста. Но, во основа на сегашната финансиска криза низ која поминува нашиот сосед, сепак, лежи фактот што во Грција е замрено индустриското производство или, уште поточно, никогаш не било развиено. Грците, како и пред сто години, се конкурентни на светскиот пазар со само два производи: маслиновиот зејтин и виното. Оттука, не зачудува што се толку увозно зависни и се презадолжени. Нето извозот по глава на жител во Грција изнесува само 1.500 евра, наспроти, на пример, 12.000 евра кај Словенците. А Словенија, сепак, според степенот на развиеноста, е во златната средина на државите-членки на ЕУ.

Пред шест години, еден познат македонски бизнисмен, на мое големо чудење, вака ја образложи својата поддршка и големите очекувања од Никола Груевски: „Овие вмровциве, за разлика од сдсмовците, кои се нефлексибилни и конзервативни, можеби, ќе понудат некои хетеродоксни модели кои ќе го забрзаат текот на парите и ќе ја ревитализираат индустријата“. Оттогаш не сум го сретнал овој бизнисмен, но не е тешко да се претпостави дека и самиот е свесен колку бил во заблуда.

Ветеното економско чудо на преродбата – не се случи. Владата се оправдува со глобалната криза, најголема во последниве 80 години. В ред, тоа може да се прифати како еден неповолен факт, нешто како виша сила. Но, она што никако не може да се оправда е тоа што власта со своите тековни политики дополнително ги влоши состојбите во реалниот сектор и да биде уште полошо – не само што нема стратегија за риланч на македонското стопанство, туку не се гледа како ќе се извлечеме од лошите прагми кои веќе станаа доминатни.

Зошто состојбите во македонската економија ќе се влошуваат, се горе-долу познати. Нереално е да се очекува Македонија да напредува кога е блокирана на планот на евроинтеграциите. На индустријата нема да ѝ тргне на добро и поради тоа што Владата на Груевски форсира клиентилистички модел, каде строго се води сметка за „наши“ и „нивни“ фирми, каде сè е подредено на партиските интереси.

Во последниве четири години, откако ескалира економската криза, Владата избра крајно рестриктивен однос спрема индустрискиот сектор – најпогодените стопански гранки и главните извозници не добија речиси никаква помош или поддршка од државата. Во потребата да се помогне реалниот сектор, Владата се сокри зад својот десничарски оклоп, демек, не било во духот на пазарната економија политиката да интервенира во стопанството или да пренасочува одредени буџетски средства. Но, токму во годините кога индустријата беше оставена да се дави, власта почна да троши енормни суми за бесмислениот и за криминалниот проект „Скопје 2014“ и продолжи расипнички да троши буџетски пари за сите намени, освен, за стопанството.

Владата на Груевски стана позната по рекордното зголемување на буџетот, но и според начинот како ги алоцира државните пари. Но, сега станува јасно дека буџетот, како главен финаниски инструмент, служи не само за одржување на ВМРО-ДПМНЕ на власт, туку и за креирање на општествена структура која ќе им биде во полза на долг временски рок, која ќе ги направи – несоборливи.

Денес, лесно се препознаваат тековите на парите кои се политички инспирирани и мотовирани – прво, власта ги насочува во земјоделството, второ, крајно нерационално и нетранспаретно се зголемуваат средствата за државната администрација и, трето, Владата е многу дарежлива во издвојувањето пари за изградбата на новата културна матрица за Македонецот или, пак, на новата идентитетска политика. Од оваа груба поделба на буџетските расходи, јасно се гледаат кои се изборните таргети на партијата на власт – тоа се земјоделците и пауперизираните работници кои се вратиле на татковите ниви, потоа државните службеници или партиските војници на државни јасли и, нормално, сите други кои зависат од буџетските пари.

Во моментов, Владата тргнува со масовна кампања по медиумите дека ги зголемила субвенциите за земјоделството за дури 30 насто. За една година ќе се одржат локалните избори, па власта, нормално, долева навреме пари токму онаму каде што дадените средства ќе имаат најголем изборен ефект – а тоа е селото или, поточно, периферните зони на осиромашените градови.

За субвенците во земјоделството е пишувано многу и не вреди човек да се повторува дека тие се крајно злоупотребени од оваа власт, бидејќи, се испервертираа во некој вид социјална помош за селанецот или, што е уште пострашно, послужија за партиска сегрегација и во земјоделскиот сектор. Сè додека субвенциите не се приближат кон својата изворна и ефициентна природа, а тоа е да бидат, пред сè, компензација помеѓу договорената и пазарната цена на земјоделските производи, ниту земјоделството, а ниту вкупната економија ќе имаат полза од нив.

Погрешните политики на оваа власт се страшни и тие се рефлектираат врз вкупното живеење. Но, она што дополнително е загрижувачко е обидот на власта да ја промени когнитивната мапа во главите на луѓето, односно да ја ревидира вредноста скала за најсуштествените работи. Ние, со оваа власт, никогаш нема да имаме реален поглед кон нештата и кон проблемите, па затоа, ниту ќе можеме да ги решаваме. Затоа, пак, ова е идеално време за креирање лажни илузии и за промовирање на погубни идеологии.

Една од најголемите илузии кои ги потхранува власта е дека со бумот во образованието, односно, со запишувањето на безмалку сите средношколци на старите и на новоформираните факултети, Македонија ќе добие високфалификувана работна сила каква што имаат најразвиените држави во светот. Она што на прв поглед изгледа благородно и како стратегија, всушност, е во голем конфликт и со пазарот на трудот и со логиката на странските инвеститори. Зошто странскиот капитал би доаѓал во држава како Македонија која создава сè помалку квалификувани индустриски работници, а има хиперинфлација од т.н. хуманитарни професии? Одговорот на оваа дилема е многу прост: ефектите од масовното (и неквалитетно) високо образованите ќе се покажат на долг рок. Или, идните поколенија ќе бидат двигатели на прогресот. А што ќе прават сегашните генерации кои стасуваат за вработување или оние повозрасните кои останале без работа? Се чини тие ќе бидат колатерална жртва на новата стратегија во образованието.

Мислам дека оваа власт сè уште сака да кокетира со својата ступидна квазистратегија дека Македонија, која, никогаш не ја заокружи ниту втората индустриска фаза во развојот, ќе може да изведе џиновски исчекор, односно, со пантерски скок – директно ќе влета во постиндустриското општество. Опседнатоста на власта со компјутеризацијата и чаламдисувањето дека сме некои регионални лидери во примената на информатичкатата технологија, се само повидливите страни од латентната или од прикриената стратегија за Македонија како некаква балканска Силиконска долина.

Всушност, вистинската стратегија која сега е функционална и е оперативна, е многу едноставна и рудиментарна. Нејзината основна цел е да продолжат сегашните трендови: работниците да стануваат земјоделци, земјоделците да се вработуваат како државни службеници, а државните службеници да станат работници за партијата.

Шемата е поставена, а кругот е затворен. Кој ќе се најде надвор од овој кружен тек, лошо му се пишува.

Извор: globusmagazin.com.mk

Илустрации: Becha

ОкоБоли главаВицФото